Реклама
Интервју

Ако пробате од мојата мусака ќе барате репете – за кулинарските вештини со водителката ЦЕЦЕ НИКОЛОВА

Ако немам време, воопшто не готвам, вели Цеце.

Реклама

Водителката Цеце Николова е млада дама која нѐ изненади со тоа што сака и умее да готви. Ја поканивме да биде дел од нашата рубрика -ПОЗНАТИТЕ ВО КУЈНАТА.

Цеце не само што ужива во кујната туку е мајстор за традиционална македонска храна. Впрочем, тоа и е омилено и за јадење, па затоа и можеби научила да готви манџи од секаков тип. Ќе признаете дека кај младите е реткост да се чуе нешто вакво, секој попрво би одбрал брза храна.

Маркетинг

Е, кога сме кај брзата или „забранета“ храна, Цеце ни откри на што не може да одолее. Низ ова интервју ќе дознаете и што не јаде водителката и каде и е омилено место за ручек.

Верувам дека ќе уживате во овој пријатен разговор, читајте до крајот бидејќи ви носиме уште еден одличен рецепт направен од рацете на Цеце, таа вели :

Маркетинг

– Kој ја пробал мојата мусака бара репете!

Ние со душа чекаме да не викне да ја пробаме.

Дали сакате да готвите?

Да, многу.

Дали сте брзи или бавни во кујната?

Кога готвам, сакам да имам време да се посветам.

Ако немам време, воопшто не готвам, бидејќи и тоа е процес што си бара време и посветеност. За да е вкусно, нели?

Кој е најкомплицираниот рецепт што знаете да го направите?

Не знам дали е комплицирано толку, ама еве нека биде гравче-тавче.

Кое ви е омилено јадење?

Манџа (речиси секаква), пинџур, тестенини, сарма, полнети пиперки и генерално сѐ што содржи пиперка.

Би биле ли гостинка во емисијата „Готвиме со Дракче“?

Се разбира!

Има ли нешто што не јадете?

Пача или пивтија.

Кое е најубавото нешто што сте го пробале од храна? Каде сте го пробале и кога?

Кинеска храна, сите варијанти на пилешко – со печурки, со зеленчук, слатко, луто, кисело… Во „Star Ocean“. Првпат пробав пред 7 години и оттогаш сум им најголем фан!

На кој начин најчесто ги откривате рецептите? Дали сакате да експериментирате во кујната или се држите за традиционалната кујна?

Ретко се одлучувам за некаков експеримент. Повеќе сум за традиционални јадења. Единствено, не мора со нив да изедам едно кило леб. :))

Дали во Македонија има добра храна? Кој е најдобриот македонски специјалитет?

Најдобра! Пинџур, ајвар, сарма, гравче тавче, пита со зелка/праз, мусака… Ма, не знам дали имаме лош специјалитет!

Дали знаете да се опуштите со нездрава храна? Што јадете од „забранетото“?

 

Од „забранета“ храна, не можам да одолеам на баничка од „La Delicious“, тостот од „7-ца“, симит погача од Чаир и некое ептен добро слатко задоволство, палачинка посебно.

Има ли нешто што никогаш не сте го пробале од храна, а сакате да го пробате?

Не сакам нешто многу да експериментирам, најчесто јадам веќе проверени специјалитети.

Дали консумирате алкохол?

Да, во нормални количини.

Кој ви е омилен пијалак?

Јегер/пелинковец, пинк џин со пинк тоник и добро бело, ладно вино.

Што би одбрале ручек со пикник, ручек во елитен ресторан или нешто трето?

Ручек дома. Апсолутно ништо „фенси“. Може и пикник, романтично звучи. :)

 

РЕЦЕПТОТ НА ЦЕЦЕ НИКОЛОВА

Мусака

Состојки:
– Кромид;
– Морков;
– Маслиново масло;
– Пиперка;
– Мелено месо (мисиркино е мојот избор);
– Компири;
– Јајца;
– Зачини (по избор).

Подготовка:
– Се пропржуваат кромидот, морковот и пиперката во маслиново масло. Потоа се додава меленото месо. Кога ќе биде убаво пропржено, се додаваат зачините (јас додавам: црвен пипер, нане, оригано, вегета/сол и бибер).
Во меѓувреме се лупат компирите, се сечат на кругови и се редат во тава за печење. Врз компирите се става од месото, додека не се покријат компирите. Одозгора се реди уште еден ред компири и повторно месо. На крајот се додава уште еден ред компири. Се додава малку топла вода во тавата и се става во рерна. Кога ќе биде сѐ испечено, јас додавам две изматени јајца со сусам и оставам да се допече уште некоја минута.

Досега нема некој што пробал, а не ми побарал репете. :))

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button