Почина Дилан од „Беверли Хилс 90210“ – а само што објавија дека ќе глуми во новото продолжение на популарната серијата
Актерот Лук Пери, кој се пролави со улогата на Дилан во популарната серија од 90-тите, „Беверли Хилс 90210“, почина на 52-годишна возраст.
Порталот ТМЗ објави дека Лук Пери умрел утринава во болница во Калифорнија. Тој минатата недела беше хоспитализиран поради мозочен удар.
Неговиот агент ја потврдил тажната вест и рекол дека Лук бил опкружен со семејството кога починал.
„Актерот Лук Пери (52) почина денеска од мозочен удар. Со него беа неговите деца Џек и Софи, неговата свршеница Венди Медисон Бауер, неговата поранешна сопруга Мини Шарп, неговата мајка Ен Менет, неговиот очув Стив Бенет, брат му Том Пери, сестра му Ејми Кодер и други најблиски членови на неговото семејство и пријатели. Семејството ја цени поддршката и молитвите за Лук од целиот свет и со почит бара приватност во ова време на големо жалење. Во овој момент нема да бидат објавени дополнителни детали“, се вели во соопштението на неговиот агент.
Лук Пери беше хоспитализиран еден ден по потврдата дека ќе се снима продолжение на „Беверли Хилс“ со старата актерска екипа. Имено, радиодифузерот Фокс најави рестартирање на популарната серија и најави дека повторно ќе ги гледаме познатите лица – Џејсон Присли, Џени Гарт, Габриел Картерис, Брајан Остин Грин и Тори Спелинг. Иако не се познати сите детали, нарачани се шест епизоди кои ова лето би требало да го видат светлото на денот.