Почитувани, Ве информираме дека во Националната галерија на Македонија, објект Мала стница, на 11 мај 2012 година (петок) во 20 часот, ќе се отвори изложба на Јован Наумоски со наслов Метаморфози на просторноста.
Јован Наумоски во неговото истражување и експериментирање со материјата, за императив има да ја допре специфичната илузија на една поинаква просторност од дадената, како и илузија на двојна перспектива третирајќи ги ефектите на транспарентноста, рефлексијата (стаклени плочи и друг рефлектирачки материјал) и ефектот на отсликовноста (огледални плочи). Воведувањето оптичка илузија на двојна перспектива е само еден дел од проблемот со кој се занимава, а исто така и повеќедимензионалноста, раслоеноста и преобразбата на просторноста, при што секој елемент е дел од една мозаична целина, но истовремено води кон различни перцепции на “друга просторност” и комбинирајќи прави повеќе паралелни слики и нарации во рамките на решението. “Треба да биде јасно дека просторот не е ништо друго, туку само еден облик на партикулација без самостојна реална егзистенција … Просторот постои само во врска со нашата партикуларизирачка свест”.
Може да се рече дека минималистичките искуства и постапки се основата на неговите настојувања и резултат во затворањето на сегментите и на целото во овој проект што се заснова врз создавање предмети, слики, скулптури чија вредност е исклучиво естетската.
Изложбата ќе биде отворена до 20 мај 2012 година.
Со почит,
Национана галерија на Македонија