Реклама
Интервју

Александра Дичоска: „Деталите ја прават целината“

Реклама

На инстаграм е позната под името „Diartbar“. Со сигурност не можете да останете рамнодушни кога ќе го посетите барот на уметноста на Александра Дичоска. Млада, талентирана, успешна девојка која има 26 години, а веќе направи вистински бум на социјалните мрежи со нејзините модни илустрации и портрети. Покрај тоа што има завршено академија за графички дизајн, таа е и дипломиран преведувач. Од каде интересот за креирање токму на модни илустрации, но и како се создаваат прочитајте во продолжение…

Како се појави интересот за правење на модни илустрации?

Модните илустрации првично започнаа како цртежи со молив и дрвени боички на хартија–девојки во модата на 90тите, или повеќе оние алишта што како деца ги носевме сите и сигурна сум дека повеќето се сеќаваат (шарени чорапи до колена со линии во сите бои или кратки тексас сукњи со низок струк..). Првите такви цртежи беа отприлика во тој период, на 6, 7 годишна возраст. Потоа почнаа полека да преминуваат во девојки во облеки што сум ги гледала по списанија, излози и ми оставиле впечаток. Сеуште не сум била во можност во тој период сама да си правам мои комбинации на облека, но отприлика знаев што ми се допаѓа и замислував како ќе ми стои па го претставував преку цртежите.И ден денес, доколку ми се допаѓа некое парче или гледам дека не е добро искомбинирано имам потреба да си го искомбинирам сама во глава и тоа да го претставам и сликовито, на хартија. Често се случува да имам замисла за нешто што сакам да го носам, а не можам да го најдам во нашите продавници-ќе го нацртам и сошијам (ако е покомплицирано, го носам листот со цртежот кај шивачка ☺).Така произлезе желбата за модна илустрација.

Каде го гледате предизвикот за изработка на портрети и илустрации?

Секогаш има нови начини на изработка, нови трендови, нови актуелни комбинации на бои и детали кои треба постојано да се следат.

Што најмногу ве мотивира во работата?

Мотивација најмногу наоѓам во самото тоа што процесот на изработка ме релаксира, дозволувам да не размислувам на ништо друго, да играм со бои, форми и детали и да заборавам на опкружувањето. Чувството кое постои во тој момент мотивира на постојана посветеност и работа. Дополнително се инспирирам често и од други уметници кои ги следам на социјалните мрежи и ми се поттик за нови креации во тмурни денови без мотивација.

Има ли некој посебен дел од денот кој ви е најинспиративен?

Да, од секогаш најпродуктивен дел од денот (ноќта поточно ☺)ми бил периодот после полноќ.

Колку време е потребно за изработка на една илустрација?

Илустрациите се работат рачно, иако се со помош на дигитален молив, така што на една детална илустрација знам да посветам и неколку дена. Се зависи од деталите кои треба да се изработат.

Знаат ли во Македонија да ја вреднуваат рачната изработка?

Мислам дека да, како се осовременува начинот на живот полека луѓето почнуваат да си го ценат своето и туѓото време повеќе и мислам дека се отприлика свесни колку труд и време е потребно за рачна изработка од кој било вид. Можеби не сме сеуште на некое високо ниво на свест во тој поглед, но ми се допаѓа на каде се движат работите.

Ве инспирираше ли нешто посебно во овој период, нов начин на живот за сите нас?

Можеби тоа што се трудам со секоја илустрација, особено во овој период, да предизвикам задоволство и на некој начин да придонесам во внесување позитива во денот на оние за кои ги изработувам портретите и на оние на кои се наменети како подарок. Се радувам на сите соработки и позитивни коментари на крајниот производ и секако ми се поттик за уште поуспешни изработки.

Се промени ли нешто во вашата работа, во овие неколку месеци одкога владее пандемијата предизвикана од Корона вирусот?

Јас често знам да заглавам и да се заборавам со работа со денови, со истите работи што ме мотивирале и инспирирале пред целата оваа ситуација, така што не се променија многу работи за мене, ниту во карантините ниту во останатиот дел од годинав.

Маркетинг

Како се снаоѓаш во кујна, што најмногу сакаш да приготвуваш?

Се штое здраво и се прави брзо и лесно(не се многу работи тоа, па заклучок –не сум многу во кујна ☺). Знам некогаш да добијам инспирација за да зготвам нешто и за чудо сите такви обиди до сега биле успешни, но тоа е мноогу ретко. Немам трпение за готвење, многу повеќе се ангажирам околу декорацијата и начинот на сервирање.

Кое е вашето животно мотно?

Малите нешта (деталите) ја прават целината.

Не го прави тоа што не сакаш да ти го прават.

Маркетинг

Што ве исполнува и прави среќна?

Ме исполнува време поминато во чиста природа без многу луѓе, колку и да не е тоа често. Тогаш разбирам колку сме вшусност мали и неважни ние и нашите секојдневија. Ме прават среќна животните и среќна сум секогаш кога можам да им помогнам на каков било начин. Ме исполнува дружба со позитивни, искрени и отворени луѓе кои за жал од некоја причина се се’помалку. Многу сакам да патувам и со свои очи да ги видам сите места и да ги запознаам сите култури, луѓе различни од нас. И секако, клучно за квалитетен живот, ме исполнува тоа што го работам.

Најубавото нешто што ви се има случено поврзано со вашата работа?

Има доста работи што ми значат и што би ги навела, но би ја издвоила тетоважата на раката на една девојка. Тетоважата е всушност една од моите илустрации.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button