Реклама
Интервју

Разговор со Ивана и Ману кои патуваат околу светот со мотор: Не се откажавме и покрај несреќата

Реклама

Поразговаравме со Ивана Чолаковска и нејзиното момче Ману Торес од Шпанија, кои поминаа цели три континенти со мотор и во моментот патуваат низ преубавите земји на Јужна Америка.

Последниот пат кога разговаравме со нив Ивана имаше доживеано сериозна сообраќајна несреќа и заврши со седум штрафа во глуждот. Поради скршената нога не можеа да продолжат со патувањето, па престојуваа во едно мало гратче во Чиле и чекаа таа да закрепне за да можат да продолжат. Прочитајте како Ивана се соочи со несреќата која беше една од најголемите предизвици на нивното патување, но која не ги поколеба во нивната намера да го освојат светот со мотор.

Маркетинг

Ивана, кога зборувавме претходниот пат, ногата ти беше во гипс и беше неизвесно како ќе се одвиваат работите понатаму. Сепак, ти рече дека несреќата е само уште една лекција која ти дава сила да продолжиш понатаму. Како си сега неколку месеци по операцијата, дали си подготвена да продолжиш понатаму?

Маркетинг

 ИВАНА ЧОЛАКОВСКА 

Да се вратам назад да патувам со мотор, не беше лесно. После операцијата на ногата еден и пол месец бев во кревет и одмарав максимално. Бевме загрижени што ќе се случува понатаму, но мотивацијата и желбата за патување беше посилна од сé. Еден месец патував автостоп, а Ману ме следеше со моторот и така поминавме 5.000 километри се додека не стигнавме во Ушуаја. Сега, после точно 3 месеци и 10 дена од операцијата седнав пак на мотор и пак патуваме заедно со Ману. Првите денови не беа лесни за мене, патував со страв и голема претпазливост, како дел од нашиот багаж ги прикачивме на одреден период и помагалата за движење, но како што кажав претходно мотивацијата и позитивната енергија, како и поддршката од дома ми помогнаа многу за побрзо да заздравам.

Кога се случи незгодата вие се наоѓавте во едно мало гратче во Чиле каде со Ману, моторот и твоите девет штрафа во ногата бевте вистинска атракција. Колку време останавте на едно место поради проблемите со ногата и како го преживеавте тој период?

 ИВАНА ЧОЛАКОВСКА 

„Поради скршената нога еден месец патував автостоп, а Ману ме следеше со моторот и така поминавме 5.000 километри се додека не стигнавме во Ушуаја“

Судбината е многу силна на нашево патување. Во моментот кога ме пуштија од болница и немавме каде да бидеме долг период, Ману отиде да бара место во општината на гратчето, и од нигде се појави секретарката Салка и нејзината мајка Мими, и во најтешкиот момент од патувањето, и во момент во кој најмногу ни беше потребна помош, таа ни го понуди нејзиниот дом за периодот кој ни беше потребен. Бевме сместени во нејзиниот семеен дом, се грижеа за мене како за своја сопствена ќерка. Имав удобен кревет и топол ручек. Гратчето Којаике е мало, нема многу туристи странци, и сите жители многу брзо разбраа за нас и за несреќата, така што секогаш не пренесуваа со кола до болницата и не поздравуваа. Се чинеше дека ќе биде тешко и долго далеку од дома и од блиските, но овој период за нас помина брзо и овие добри луѓе ќе останат засекогаш со нас.

Откако заздраве заминавте во најоддалечениот град во светот, Ушуајан, кој се наоѓа во најјужниот дел на Аргентина, па потоа се искачивте во најсеверниот дел,  ја поминавте и пустината Атакама во Чиле и сега сте во Боливија. Кои се твоите впечатоци од овие места?

 ИВАНА ЧОЛАКОВСКА 

Овие места се единствени во светот. Огромни растојанија без ништо, без население ниту сообраќај, каде сé зависеше од самите нас. Изолирана област, со тешки временски услови, силен ветер и понекогаш град, при поминувањето низ Патагонија. Пустината Атакама исто така, огромни растојанија без никакво население, најсушната пустина во целиот свет, воопшто не беше лесна. Сега сме во Боливија, нова земја, 27-ма по ред, и тука наш непријател е висината – патуваме секојдневно на повеќе од 4.000 м.н.в  и нé чини многу за да се прилагодиме. Нова култура и традиција. Тука сега е период на врнежи што го усложнува патувањето бидејќи многу од патиштата не се асфалтирани. Сега сме во Ла Паз, каде многу убаво не пречекаа сопствениците од Yamaha и сите новинари на национално ниво. Во Ла Паз ќе останеме неколку дена да се одмориме и да уживаме во карневалот пред да продолжиме за Перу.

Кажи ни нешто интересно од патувањата, дали се запознавте со домородното население и какви се твоите впечатоци за нивниот менталитет и култура? Дали беа пријателски настроени кон вас?

 ИВАНА ЧОЛАКОВСКА 

За време на ова патување имавме можност да сретнеме многу најразлични племиња кои се уште силно ја имаат задржано нивната традиција и култура. Тука во Јужна Америка, во деловите што до сега ги поминавме, луѓето се под силно влијание на Европејците и културата е измешана. Но, во деловите кои следат поминувајќи го Амазон сигурна сум дека ќе имаме можност да сретнеме многу различни племиња. Луѓето до сега секаде се добри и интересни.

И сега според тебе, кои народи се најслични со нас, дали може да се направи некаква паралела помеѓу културата и традицијата на народите во Јужна Америка и нашата, на пример?

 ИВАНА ЧОЛАКОВСКА 

Во Јужна Америка може да се почувствува сличност на културата и традицијата со нашата. Тука се чувствувам како дома, луѓето сакаат да се забавуваат, да танцуваат, да се поднапијат и да се дружат. Имаат многу верски празници и прослави. Оваа култура немав можност да ја видам до сега.

Ману, ти си од Шпанија, па затоа најпрво да те прашам какво е чувството да патуваш со мотор околу светот со девојка од Македонија?

 МАНУ ТОРЕС 

Македонците и Шпанците имаат слична филозофија за животот, може да кажеме дека сме медитеранци и тоа ми овозможува лесно да се поврзам со Ивана. Вистина е дека и двајцата сме од држави со силен карактер, и понекогаш кога треба да делиме многу време на мал простор, на нашиот мотор, е комплицирано.

Досега поминавте многу километри, запознавте многу луѓе, преживеавте најразлични случки, а во април оваа година ќе навршат точно две години од кога тргнавте на ова патување. Претпоставувам дека е многу напорно  да го возиш моторот толку долго време. Дали во некој момент можеби се покаја што се впушти во оваа голема авантура?

 МАНУ ТОРЕС 

Не, никогаш не се покајав. Она што ме прави тежен е фактот дека штотуку го поминавме повеќе од половина од светот и сега знам дека крајот е поблиску отколку почетокот.

Што е она што најмногу ти оставило впечаток на тебе на ова патување? Од кое место од сите што ги поминавте ти беше најмногу жал што заминуваш? И дали можеби би сакал да живееш во некое од местата што ги посетивте?

 МАНУ ТОРЕС 

Моментот кога Ивана ја скрши ногата, кога го видов нејзиниот лик со силна болка, кога докторот ни кажа дека патувањето ќе заврши, кога одеднаш се смени се, моравме да одлучиме што понатаму и нашата среќа се претвори во грижа.  Не се чувствувам лошо кога заминувам од некое место зашто тоа значи дека одиме да посетиме некое друго, ново. Во последните 10 години многу патувам, така што местото на живеење во иднина би можело да биде подвижен караван.

Патувате речиси без пари, бидејќи тоа е дел од вашата стратегија за ова патување. Како се снаоѓате кога се финансиите во прашање? Дали сметаш дека ова патување би било сосема поинакво ако имавте голем буџет кога тргнавте, дали ќе имаше поголема сигурност, но многу помалку авантури?

 МАНУ ТОРЕС 

Не би сакал да имам многу пари  за ова патување, бидејќи со помалку средства постојано мораме да размислуваме како понатака.  На овој начин патувањето е преполно со најразлични приказни, кога ќе го завршиме ова патување ќе имаме многу за што да напишеме. Трошоците ги сведуваме на минимум. За време на нашето патување правиме презентации на досегашното искуство користејќи ги нашите фотографии и опишувајќи ги настаните по патот.  Парите се релативна работа. Сигурни сме дека доколку имавме многу пари немаше да имаме ниту една анегдота од оние што ние ги собравме до сега.

Како и да е, еден ден ова патување ќе заврши. Дали планирате уште вакви патувања со Ивана? Кои се вашите планови за во иднина?

 МАНУ ТОРЕС 

Кога ќе го завршиме ова патување во Македонија, еден период ќе направиме пауза за да можеме да ги обработиме материјалите што ги имаме од ова патување, но секако уште од сега имаме идеи за нови проекти. Нема да говориме сега за тоа, но секако ќе има уште многу авантури и патувања.

Ивана, кога планирате да го завршите патувањето, односно кога да те очекуваме во Македонија и дали планирате да останете некое време во Македонија или?

{youtube}rS-RuZy24hs{/youtube}

NO PASARAN!

Планот е да стигнеме до Алјаска, а за да стигнеме таму мора да биде почеток на лето, а сега е февруари, ние сме во Боливија. Не можеме однапред да определиме што точно ќе се случува и колку време ќе ни биде потребно за тоа. Во едно сме сигурни, а тоа е дека ова патување сигурно ќе заврши во Македонија. Потоа, во зависност од обврските и соработката со нашите нови спонзори кои се од различни земји, ќе одлучиме колку време ќе се задржиме во Македонија и што ќе правиме понатаму. Но, како што кажа и Ману, еден период ќе направиме пауза, а потоа тргнуваме со нови проекти за кои сега е се уште рано да зборуваме.

Посетете ја нивната Фејсбук страна (види тука)
или веб страна www.aroundgaia.com »

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button