Екстравагантен, несекојдневен, со изострен моден вкус и уште поостар јазик кога ги критикува модните настани, Марио Додовски е врисокот на новото време на модата во Македонија.
Надежен дизајнер, креативната сила зад блогот Fashion everyday и моден новинар за порталот StyleFiles.mk: Mарио ја живее модата секој ден. На момците сигурно ќе им бидат добредојдени неговите совети за новогодишниот стајлинг, а и девојките може да научат нешто и да ги советуваат браќата, другарите и момчињата.
Марио:
Јас сум еден од оние мажи коишто сакаат да изгледаат убаво цела вечер, а сепак да се чувствуваат доволно удобно за да играат на подиумот до раните ноќни часови – па затоа во плакарот имам неколку идеални комбинации за вакви вечери каде што спаѓа и самата новогодишна забава во некоја од скопските дискотеки.
Со првиот снег ги оставам светлите парчиња облека и посегнувам по нивните темни замени, па затоа во комбинацијата којашто ја избрав за големата вечер доминираат црната и темносината боја кај панталоните и сакото кои се вешто разбиени со сиви и бели тонови, изразени преку лежерната маичка на кратки ракави и часовникот.
Главното парче без кое не може да се постигне лежерниот, но сепак елегантен новогодишен изглед, е кошулата со графички принт инспирирана од есенската колекција на Balenciaga што ја врзувам околу колковите врз маичката. Освен што внесува доза иновативност, таа креира интересен ефект додека се движам по ритамот на музиката
Автор: Александра Спасеска