Реклама
БлогеријаИнтервју

Катерина од Mymacedonianhome: „Мајчинството ме научи свесно да го живеам секој ден и да го впивам секој момент“

Реклама

По професија е финансиски аналитичар, но во себе носи многу креативност. Инстаграм профилот на Катерина Љамова Богоевска е вистинска инспирација за многумина. Таму ќе најдете инспиративни идеи за уредување на вашиот дом, како и многу корисни совети поврзани со мајчинството. За мајчинството вели дека ја направило да биде повеќе полерантна, но и свесно да го живее секој ден и да го впива секој момент“

Имате навистина инспиративен профил на социјалната мрежа Инстаграм, како за уредување на домот така и за секојдневните работи за мајчинство што ги споделувате, сметате ли дека во Македонија може да се живее од инфлуенсерство?

Благодарам за убавите зборови и за поканата. Искрено мислам дека се уште не може да се живее исклучиво од тоа. Јас не го правам ова поради финансиска сатисфакција туку уживам во се она што ми го пружа Инстаграм заедницата. Контактите што ги остварувам секојдневно со оние што ме следат, советите што си ги споделуваме, инспирацијата што ја наоѓам насекаде на Инстаграм па и пријателствата што ги имам стекнато преку оваа мрежа се она што ме мотивира да го правам ова. Секако супер е и се радувам кога ќе остварам некоја платена соработка или ќе добијам ПР пакетче од некој бренд но пред се уживам во ова и се забавувам правејќи го.

Како се роди љубовта кон уредувањето?

Љубовта се роди со купувањето на првиот заеднички стан со сопругот. Мотивот беше да створиме наше катче, место кое ја раскажува нашата приказна и кое ќе има наш личен печат. По 3 години со преселувањето во нов, поголем стан малку го сменивме стилот, на некој начин пораснавме, созреавме. Уживам во процесот на реновирање и уредување. Би се селела уште 100 пати.

Маркетинг

Што најмногу вас ве инспирираше за уредувањето на домот?

Ме инспирираше бохо трендот кој се врати повторно во мода, скандинавкиот стил на уредување секогаш и засекогаш и источните култури по малце.

Имате ли некој посебен дел од денот кој ви е најинспиративен?

Да фотографирам сакам преку ден кога има дневна светлина но најинспиративен дел од денот ми е сепак навечер кога децата ќе заспијат и кога конечно ќе имам време да здивнам и да си ги средам мислите.

Маркетинг

Која е вашата утринска рутина?

Во последно време утрото ми започнува кога сопругот ќе ме разбуди пред да оди на работа со спремено кафе. Матео е веќе разбуден со него а Марко станува со мене. Кафето го пијам додека ги гушкам Марко и Матео, а Матео се расонува со некоја детска емисија. Потоа правиме појадок заедно со Матео и заедно појадуваме.

Колку и како ве промени мајчинстовото?

Повеќе се сакам себе, сфатив дека љубовта се множи кога се дели, приоритетите ми се сменија, станав емпатична за луѓе што имаат деца и ги сфатив работите кои претхондо ми изгледале глупави или чудни, станав многу потолерантна, научив свесно да го живеам секој ден и да го впивам секој момент.

Што ве прави горда мајка?

Горда мајка сум кога Матео е среќен. Тоа значи дека добро ми оди и сум завршила добра работа тој ден.

Како се одлучивте за имињата на вашите деца?

Многу брзо и лесно и без посебна причина. Бидејки првото е на М сакав и второто да е на М.

Како реагира Матео откога се роди Марко?

Матео е многу емпатично дете, го гушка и бакнува брат му постојано. Кога плаче седи до него и го гали. Секако дека покажува мала доза на незадоволство поради тоа што вниманието од сите кое било само за него сега е поделено но не до тој степен да се загрижиме.

Бјути рутина која редовно ја применувате?

Наутро го чистам лицето со мицеларна вода , потоа се мијам со вода. На чиста кожа нанесувам Витамин Ц серум а по него хидратантна крема за лице. На крај пред излегување ставам крема со заштитен фактор. Навечер се чистам со мицеларна вода па со мицеларна пена и нанесувам хидратантна ноќна крема за лице.

Со какви препарати го негувате лицето?

Мицеларна вода , мицеларна пена, хидратантни креми, крема со заштитен фактор, витамин Ц серум.

Кои се вашите омилени козметички производи?

Во последната година се имам 2 пати нашминкано. Инаку најчесто користам само траен кармин, маскара, молив за веѓи и лесна течна пудра. Многу сакам маска за коса што убаво мириса. Едно од омилените ми е и балзам за усни. Сакам и лосион за тело што ја прави кожата свилена. Немам нешто што можам да издвојам како омилено зошто постојано менувам производи ама во последните 2 години многу внимавам на составот на прозиводите.

Што има секогаш во вашиот несесер?

Од се по нешто. Траен кармин, алкохол за чистење раце, влажни марамици, балзам за усни, стегач за коса.

Што ве прави среќна и исполнета?

Моите деца и сопругот, семејството и пријателите. Многу ми недостасува дружбата во последнава година. Но се трудам да комуницираме на други начини. Природа, кафе, книги, патувања, убава храна, музика.

Кое е вашето животно мото?

Какви ти се мислите таков ти е животот.

Поврзано

Back to top button