Гитарскиот проект „Kингс оф стрингс“ составен од тројцата мајстори, Влатко Стефановски, Томи Емануел и Стокело Розенберг, на 24 март ќе одржи ексклузивен акустичен концерт во Универзална сала во Скопје. Настапот во Македонија е во рамките на нивната балканска турнеја, која ги опфаќа Белград, Марибор, Загреб, Сплит, а ќе заврши во Скопје.
Организаторот на скопскиот концерт, продукциската куќа „Авалон“, заедно со Стефановски, го презентира и новиот видеозапис за песната “Good time Charli”, кој содржи снимки од повеќе нивни проби и снимања. На пресконференцијата нашиот виртуоз зборува за зачнувањето на овој проект меѓу тројца гитаристи од различни музички средини. Со Розенберг и Емануел се запознал на сцена. Првата средба со Томи Емануел била во Будимпешта, а со Розенберг, во Софија. По ова тие неколкупати се среќаваат на повеќе места во Европа на интензивни проби.
„Ние сме тројца музичари кои оставиле свој препознатлив печат врз гитарата. Иако за мене блузот и џезот се познати полиња, за нив македонската музика е шпанско село. Почестен сум што сум дел од ова трио затоа што се работи за врвни музички имиња.“ – вели Стефановски.
Томи Емануел по потекло е Австралиец, и моментално живее во Нешвил, САД, e познат како еден од најголемите гитаристи на денешницата, кој има соработувано со Ерик Kлептон, Џои Сатријани, Стив Веи, меѓу другите. За него е пишувано во престижни музички списанија како „Гитар плеер“ и „Ролинг стоун“.
Стокело Розенберг, пак, е еден од најдостојните следбеници на делото на Џанго Рајнхард и на неговиот стил џипси-џез или мануш-музика, и како што вели Стефановски, е доста пријатен и лесен за слушање.
„Постојано гледаме како доаѓаат имиња во склоп на фестивали, а сé поретко има самостојни концерти од ваков тип. Идејата за оваа концертна промоција на проектот тлее веќе една година.“ – вели Стефановски. За нашиот гитарист овој концерт е атипична манифестација, која во Скопје се`помалку е застапена.
Поаѓајќи од желбата да им ја доближи добрата музика на Македонците, Тој се одлучил овој пат да ја замени електричната со акустична гитара, која според него му е многу поблиска на нашиот народ. Од музичка гледна точка за него балканскиот мелос е природна средина во која веќе потврдено доста добро се снаоѓа и секогаш му е интересно да ја пренесе на другите.
„Главната алатка ми е електрична гитара, ама, се разбира, немам ништо против да свирам и акустична и уживам подеднакво свирејќи особено со мајстори од овој калибар. Акустичната гитара има свои финеси, на друг начин треба да се пристапи кога се музицира на овој посуптилен инструмент. Нема педали, ефекти и засилувачи, иако, според мене, тој што е мајстор може да ги пренесе емоциите и на шупелка и на тапан и на сé друго.
Луѓето сакаат акустична музика бидејќи е полесна за слушање. Со Стокело и со Томи ми беше интересно да им ја пренесам енергијата на овие простори и заедно да ги обработуваме. Судејќи според бројот на нумери и според репертоарот што го составивме, концертот ќе трае приближно два часа. Ќе има доста импровизација, но ќе има и зададени теми, кои се прилично тешки за изведба. На нив двајцата балканската музика им е многу интересна, во нешто се осмелуваат да влезат, но некои мелодии едноставно им беа премногу. Блуз и рок-музиката ми е познати и се снаоѓам доста лесно, иако мора да признам дека ќе има теми и од класичната музика каде што има многу работа.“ – завршува тој.
Продажбата на билетите за овој настан кој ќе се одржи на 24.03.2012 во Универзална сала – Скопје, започна од 21.02 (вторник). Истите можат да се набават по цена од 800 – 1000 Мкд, во билетарата на Универзална сала, „Розе“ – Веро 2 и „Југотон“ – ГТЦ. Настапот на музичкото трио “Kings of Strings” е редок настан на кој ќе можете да слушнете неколку различни музички жанрови и стилови на свирење на акустична гитара. Затоа не пропуштајте го!
Закачете Like, споделете текст и освојте некоја од нашите вредни награди.
За повеќе информации разглeдајте го Shopping Magazine кој оди од сега и на Facebook!
Врати се на првата страна.