„Патот до успехот за жените и за мажите не е ист“– бизнис приказни со адвокатката Маја Ристова
Нејзината адвокатска канцеларија денес е препознатлива по квалитет, професионализам и човечки пристап, а самата таа важи за еден од најгласните борци против вознемирувањето на работничките во Македонија.

Во свет каде што правдата понекогаш знае да биде и тивка и далечна, постојат луѓе кои ѝ даваат глас, насока и моќ. Една од нив е Маја Ристова – магистер по право, адвокатка и сопственичка на реномираната адвокатска канцеларија „Ристова“, позната по својот бескомпромисен пристап во заштитата на работничките права, особено во областа на трудовото право и мобингот.

Од своите скромни почетоци во Свети Николе, преку упорно градење на кариера во правниот лавиринт на Скопје, до основањето на своја адвокатска канцеларија – патот на Маја не бил лесен, но бил јасно исцртан од нејзината решителност, страст кон правото и непоколебливата волја да направи вистинска промена. Нејзината адвокатска канцеларија денес е препознатлива по квалитет, професионализам и човечки пристап, а самата таа важи за еден од најгласните борци против вознемирувањето на работничките во Македонија.
Во ова интервју, разговаравме со Маја за нејзиниот личен и професионален развој, за состојбата со правната заштита на жените на работното место, за предизвиците што ги носи лидерството во адвокатурата, како и за балансот меѓу кариерата и семејниот живот. Преку искрениот разговор, таа не само што ни го приближи светот на правдата, туку и докажа дека успехот не доаѓа преку ноќ – туку се гради чекор по чекор, со ум, срце и многу храброст.

ПРАШАЊЕ: За почеток, можете ли да ни раскажете како изгледаше Вашиот пат до адвокатурата и кои искуства од минатото сметате дека беа клучни за отворањето на сопствената адвокатска канцеларија?
– Завршив Правен факултет „Јустинијан Први” во 2008 година, а веднаш потоа и магистрирав на истиот факултет. Стажирав во суд и во адвокатска канцеларија, па по положувањето на правосудниот испит се вработив во адвокатско друштво како адвокат.
Во 2015 година се охрабрив и отворив сопствена адвокатска канцеларија, која веќе 10 години ја менаџирам.
Не беше лесно затоа што сама го „газев” овој пат, особено што потекнувам од Свети Николе, па дополнително требаше да се снаоѓам и во „големиот” град. Но, имав голема желба да го исполнам мојот сон и ете, денес го живеам тоа.
Мислам дека клучно беше тоа што имав желба да бидам адвокат, и тоа успешен адвокат, но и упорноста и посветеноста. Желбата не е доволна за да се исполни целта, потребно е и многу повеќе од тоа.

ПРАШАЊЕ: Вашата канцеларија е препознатлива по работа со трудово право и мобинг – зошто токму оваа област Ви е блиска?
– Јас сакам да истражувам, да учам и да работам на области кои се нови кај нас и за кои нема доволно судска пракса. Така беше и со вознемирувањето на работното место (мобингот) во 2011 година.
Во Македонија малку се знаеше за тоа што е мобинг, а мобингот не беше ни регулиран со закон. Затоа почнав да ја проучувам оваа област, за до денес, не само што има специјален закон за заштита од мобинг, туку има и пресуди со кои е утврдено вршењето на мобингот.
ПРАШАЊЕ: Дали, според Вашето искуство, има доволна свесност кај работничките во Македонија за своите права во случај на мобинг? А каква е состојбата кај самите компании?
– Да, ме радува што свесноста од година во година се зголемува. Сѐ помалку има потчинети работнички кои молчат за да не го изгубат работното место. Веќе, речиси сите знаат што е мобинг и бараат стручна помош како да се заштитат.
Што се однесува за состојбата во компаниите, исто така сметам дека, за разлика од неколку години наназад, работодавачите повеќе ги почитуваат законите, но и достоинството на работниците, затоа што сѐ помалку има работнички/работници кои молчат кога се обесправени.
ПРАШАЊЕ: Што треба да направи една работничка доколку почувствува дека е жртва на мобинг? Од каде да почне и како да се заштити?
– Најпрвин може самата работничка да се обрати до Одделот за човечки ресурси во компанијата во која работи и/или да се обрати до Синдикат, ако е членка на истиот. Доколку истото не вроди со плод, може писмено да се обрати до оној кој вознемирува и да му укаже дека неговото однесување е негативно и некоректно, а да го извести и управителот/сопственикот на компанијата (освен ако не е тој оној кој вознемирува).
Доколку и тоа не вроди со плод, да побара стручна помош од адвокат кој работи со оваа проблематика.
ПРАШАЊЕ: Кои се најчестите правни предизвици со кои се соочуваат жените во бизнисот и што најчесто бараат како поддршка или заштита?
-Генерално не би знаела, но кај мене најчесто се обраќаат поради психичко и/или полово вознемирување на работното место.
Тоа што сум жена е дополнителна причина за направениот избор, затоа што сметаат дека жена со жена полесно и подобро ќе се разбере, особено ако е во прашање полово вознемирување на работното место.
ПРАШАЊЕ: Каков е односот кон жените лидери и воопшто кон успешните жени во Македонија? И што мислите, дали сме родово сензитивни?
-Мојот впечаток е дека жената лидер не е доволно уважувана и ценета како мажот лидер. Кога мажот е успешен, тоа е исклучиво негова заслуга, а кога жената е успешна, секогаш тој успех се препишува на некој друг, иако во реалноста не е така.
Да не се занемари и фактот дека сѐ уште најголем број на обврските околу децата (доколку се работи за фамилијарна жена) се на страната на жената, па поради тоа и патот до успехот на жената е потежок. На ова ако се додадат и породилните отсуства, уште еднаш се потврдува тоа што претходно го кажав, односно, дека патот до успехот за жените и мажите не е ист.

ПРАШАЊЕ: Кои се Вашите приоритети како успешна деловна жена?
-Кариерата ми е важна, но приоритет ми е фамилијата. Имам мали дечиња, на кои сум и потребна, па сакам да сум покрај нив, затоа што сите добро знаеме колку брзо растат, а времето не можеме да го вратиме. Не сакам еден ден да жалам што сум била повеќе посветена на работата, отколку на нив.
ПРАШАЊЕ: Како се релаксирате и каде ја црпите енергијата за секојдневието?
– Многу сакам да патувам и секое слободно време го користам да отпатувам некаде со фамилијата или да прошетаме во природа.
ПРАШАЊЕ: И на крај, дали постои одредена мантра, цитат или потврда што ја држите блиску до Вашето срце?
– Има неколку мантри што постојано си ги повторувам, а еве една од нив „Што зрачиш, тоа привлекуваш”…Ова ме потсетува дека е многу важно да создаваме и одржуваме позитивни мисли, за да пронајдеме позитивен поглед на сѐ што се случува.