Жени од Македонија одат во Германија да чуваат стари лица – еве колку заработуваат
Многу жени од внатрешноста на Македонија се решени да заминат во странство најмногу затоа што во нивното место навистина е тешко да најдат работа освен да бидат слабо платени сезонски аргати на нивите или да работат за мала плата во некоја мала конфекција или продавница.
Некои од нив веќе почнале да го учат германскиот јазик со намера добро да се подотват за да дојдат до работа како негуватели на постари лица, работа со која може да се заработи и до 1200 евра месечно.
Искуствата со работа во куќите на постари и болни лица во Германија се различни, но сепак, многу помалку се жените кои се вратиле од таму или дале отказ од оние што таму остануваат до три месеци и повторно заминуваат по задолжителното враќање во Македонија заради визниот режим.
И како што велат оние што веќе биле и го стекнале ова искуство, со оваа работа може да биде незадоволен само оној што не сака да работи. Но секој што ќе реши да замине треба да биде свесен дека таму ќе чува болно или дементно лице и дека тоа воопшто не е лесно – но затоа за една недела ќе заработи повеќе отколку за два месеци на повеќето работи во Македонија. Па така една жена од внатрешноста на Македонија, која сакаше да остане анонимна, вели дека во Германија благодарение на оваа работа има бесплатен стан и храна и неделно добива 300 евра за да се грижи за бабичка. Таа во Македонија работела за 12.000 денари месечно, и тоа секоја сабота била работна, а многу пати морала да остане и прекувремено на работа и тоа никогаш не и било платено. Таа е задоволна од тоа колку е платена, а покрај тоа што се грижи за бабата, се грижи и за нејзината куќа.
„На овој начин планирам да ги школувам и двете мои ќерки кои сакаат да се запишат на факултет. Да не заминев во Германија, тие ќе мораа да се вработат и немаше да можат да одат на студии. А во местото во кое што живееме, речиси и да нема никаква работа“ ни вели жената.
Некои жени толку ќе се зближат со бабите што ги чуваат, што стануваат и пријателки со нив, без разлика што можеби на почетокот не можеле ни да се разберат, затоа што голем дел од жените што заминуваат од Македонија ни не знаат германски јазик. Но многу поважен е пристапот во работата од самото знаење на германскиот јазик, кој многу полесно се учи на лице место и во директна комуникација.
Од друга страна, не ретко се случува и лицето што треба да се чува да заврши во болница, и тоа најчесто заради своето здравје, па жената негувателка може да се врати во Македонија, но и повторно да замине кога ќе биде спремна за тоа или веднаш да и најдат друго лице за чување.
Нашите жени наоѓаат работа како домаќинки воглавно преку посредници, кои им наплаќаат провизија. Тоа за сега е полесен начин отколку преку агенции, кои треба да им платат и стаж за работата што ќе им ја најдат. Од друга страна, преку агенција може да се заработи и повеќе од 1200 евра месечно, во зависност од здравствената состојба на лицето што треба да се негува. Покрај негување, се бараат жени и за работа како чистачки во домаќинства, со обезбедено сместување.
Па така на еден оглас на Фејсбук пишува дека саатнина за работа како чистачка во Франкфурт е 9.5 евра, а се работи во смени од 7 до 16 часот и меѓусмена од 14 до 23 часот. Во огласот исто така пишува дека пожелни се ЕУ документи, но и дека има можност и за оние со македонски пасош.
Еве уште еден оглас што може да се најде на интернет:
Работа во Германија
Бараме некој кој е заинтересиран за давање лична нега на физички хендикепиранo лицe во мала, рурална област на 70 км од Берлин, Германија. Работата бара лицето да биде трпеливо, флексибилно, заинтересирано за социјална работа, скромно, ненаметливо.
Сестра ми е 53-годишна жена, која има потреба од поддршка. Работата се состои од користење на медицинско помагало за да ја стане од креветот, да и помогне на сестра ми со дневна хигиена наутро, да ја смести во електрична инвалидска количка, како и да ѝ помогне да се врати во кревет вечер (по 21:00 часот). Помошникот исто така треба да ги прошета кучињата два пати дневно и да помага во домаќинството. Работата не е физички тешка, па не е битна висината или полот на помошникот. Сестра ми е пријатна, трпелива личност, лесна за разговор. За жал, нејзиниот англиски јазик не е добар, па, заинтересираното лице треба да има барем основно познавање на германскиот јазик и интерес брзо да го подобри.
Потоа во огласот се наведуваат и услови за работа како на пример дека за секој одмор или слободни денови треба да се дискутира однапред за да се организира смена за помошник додека основно познавање на германскиот јазик е минимален услов за да се добие работата. Исто така не е потребно да се има претходна обука за ваква работа, потребен е само интерес и подготвеност да се помогне.
На крајот од огласот се наведува и она што се нуди, а тоа е можност за работа и живеење во Германија како личен помошник во приватно домаќинство на 53 годишна жена (куќа со градина, близу шума), сместување во соба со бања во куќата, заедничка кујна (без трошоци за помошникот) и плата од 1000 евра месечно. Се наведува и дека договорот е од 3 до 6 месеци (огласот е стар!), а доколку се заинтересирани и двете страни, ангажманот може и да се продолжи.
Лицето треба да работи приближно 5-6 часа дневно, половина наутро, половина во вечерните часови.