Реклама
Секс

Прашавме неколку Македонки, постари од 30 години, дали им е срам што не се мажени?

Реклама

Пред некое време бевме на роденден кај една колешка од Куманово

Прославата беше во Скопје, а бидејќи Куманово е многу блиску на роденденот беа присутни и нејзините пријателки. И додека го чекав келнерот да донесе уште една пијачка, случајно го отворив мобилниот и налетав на еден текст со сличен наслов но само за една друга држава во регионот. ОК, си реков, би можел и јас да направам нешто слично, да го искористам роденденот и да подготвам материјал за мојот утрешен работен ден, па слободно да се запијам и да немам гајле ако утре ме боли глава. И веднаш, без двоумење ја прашав девојката што седеше до мене дали и е незгодно што има преку 30 години, а се уште не е мажена. Таа прво ме погледна онака чудно, но кога и објаснив дека нејзиното мислење ме интересира за една анкета што треба да ја направам и дека нема да и го споменам името, ниту професијата, се опушти и почна да зборува на темата. „Кога бевме тинејџери, некако им се потсмевавме на оние девојки кои многу рано ќе скокнеа во тавче. Но денес гледам дека тие го направиле вистинскиот избор. Сега нивните деца се големи, а тие уживаат со полни гради. За разлика од нив, јас и неколку мои пријателки останавме немажени, па сега и кога би се омажиле во следниве неколку месеци, кога ќе помислам што ме чека – свадба, проблеми со станбено прашање, ручеци кај свекорот и свекрвата, бебе, уште едно бебе .. уф, едноставно ми се крева косата на главата кога ќе помислам на сето тоа.“

Маркетинг

Во тој момент дојде келнерот, ни ги донесе пијачките, а Бисера (името е измислено) се насмевна и продолжи да зборува.

Маркетинг

Таа по професија е професорка по англиски јазик, па малку ми се пожали дека платите на професорите не се баш најсјајни, и дека е среќна што не треба да издржува семејство со такви примања. Тогаш за нашиот разговор се заинтересира и нејзината најдобра пријателка, која исто така влегува во оваа „критична“ група. Таа седна до нас, а Бисера продолжи да зборува:

„Додека одев на факултет бев во сериозна врска. Одевме неколку години. Се запознавме кога бев прва, беше брат на една моја колешка. И додека сите лудуваа и уживаа во студентскиот живот, јас максимално му се посветив на студирањето. Но откако завршивме со факултетот заминав неколку години во Катар, па така по неколку месеци заврши и нашата љубов. Потоа се вратив во Куманово, си најдов убава работа, и без разлика што мајка ми постојано ми велеше откако ќе го завршам факултетот да се омажам, мојот љубовен живот остана некако во втор план. Не дека не можев и дека немав прилики и после тоа, но едноставно се уште не сум го сретнала вистинскиот, а најверојатно и не го барам. А времето на прашува, годините си врват, и еве ме, наскоро ќе наполнам 37, а абер немам за мажење. Да ме слушнат сега мајка ми и татко ми преку весник ќе се откажат од мене“, ни раскажуваше Бисера со насмевка на лицето, а во еден момент ја прекина нејзината пријателка, Мими, која се надоврза на муабетот:

„Јас сакам да се омажам и да станам мајка. Но моето момче кое патем е неколку години помлад од мене, се уште не сака. Вели дека ни е рано иако и тој одамна ја премина 30-тата. Мојата сестра се омажи исто така на постари години и кога ги носи децата во градинка забележала дека луѓето чии деца одат на градинка заедно со нејзините се постари дури од неа. Едноставно, дали поради тешкиот живот, или поради нешто друго, младите парови ги има се помалку. И јас потполно се согласувам со неа. Значи не сме единствените, еве на пример во Куманово има многу девојки кои се немажени на мои години. Има и мажи, значи работата не е премногу очајна. Скраја да е. Но од друга страна пак и не сакам кога некој ми прави притисок и ќе ми каже ’Епа ајде, време ти е’, иако искрено, со две нозе би скокнала во тавче ако моето момче ме побара.“

На оваа тема поразговарав и со Викторија (и нејзиното име е измислено). Таа по занимање е психолог, а работи во една невладина организација во Скопје. Како и претходните две соговорнички и таа е академски граѓанин, убава дама, и најверојатно може да си фати момче кога и да посака, но очигледно се уште не сака. И наместо да раѓа деца, и да му се покорува на сопругот, сака да ужива во животот. Со неа поразговарав и дали на жените во македонското општество им е лесно откако ќе наполнат 30, или 40, и ќе останат сами, додека сите од нив очекуваат да ја исполнат својата најголема улога во животот – да станат мајки и да основаат семејство. Еве што ми кажа таа:

„Нашето општество се уште е конзервативно. Тоа најдобро можете да го видите во помалите средини каде жените откако ќе влезат во некоја „посериозна“ возраст, им се намалува просторот. Знаете додека сте млади сите места во градот ви се отворени, но кога ќе наполните 30 или 40, повеќе не ја чувствувате онаа слобода како кога порано. Нешто почнува да ве гуши. Едноставно не се пронаоѓате во средината, каде има многу помлади од вас, што впрочем е и нормално, иако тоа правило не важи и за мажите. Или барем не во толкава мера. Е сега уште ако сте мажена, па разведена, па згора на сето тоа и самохрана мајка, ситуацијата тогаш ви е десет пати потешка. А понекогаш и безизлезна. Но искрено, јас успешно се снаоѓам, иако притисокот од роднините и пријателките, особено од оние кои веќе се омажени и имаат деца, постојано го чувствувам. Еве на пример татко ми дефинитивно би бил посреќен кога не би го завршил факултетот и кога наместо да бидам успешна жена, би била нечија сопруга, кога наместо плата од 1000 евра, би била домаќинка, а тој сега би се играл со внучињата. Но искрено, и покрај тоа што понекогаш можеби се каам за тоа што се уште немам дете, впрочем како и за многу други работи во животот, јас воедно сум и среќна заради тоа. Знаете на овие години кога немате обврски, мислам на семејни, можете да правите многу работи што инаку не би ги правеле. Еве јас на пример многу сакам да патувам. И да запознавам нови луѓе. Тоа секако не би можела да си го дозволам кога би имала деца покрај мене, нели? Мислам дека децата на многу млади луѓе им го скратиле животот, во смисла на тоа што целосно им се посветени на воспитувањето и обврските кои што доаѓаат со тоа мало, симпатично задоволство. И ви останува само 8 март како ден во годината во кој можете да здивнете. Или Денот на вљубените (!), но не верувам дека овој празник функционира како институција и откако ќе се омажите. И тоа е тоа. Од друга страна јас и немам некоја посебна биолошка потреба да родам дете, но и кога би имала, а да немам партнер, воопшто нема да се двоумам да најдам некој кој би бил само донатор, биолошки татко на моето дете или пак да посвојам. Колку деца во нашите домови живеат мизерно, наместо да бидат посвоени, нели? Но сега за сега не сакам да сум во врска, ниту пак во брак, а и кога ќе погледнам наназад сите мои фраери од претходите врски се губитници. Кога би завршила со нив, најверојатно не само што не би се усреќила, туку би морала и нив да ги носам на својот грб, наместо да се потпирам на нив, или пак да им бидам сопруга, вистинска домаќинка во традиционална смисла на зборот. Затоа најдобро ми е вака, сама и секогаш расположена за дружба со некој паметен, убав и слободен. Но за жал, вие сте зафатен, нели?“ ме праша Викторија со насмевка не нејзиното убаво лице. И додека ја слушав како ми зборува гледав во нејзините усни зачинети со црвен кармин и набљудував како одвреме-навреме ќе ги подигнеше веѓите и ќе се поиграше со прстите со долгите, метални обетки украсени со Сваровски кристали. Во тие моменти бев сигурен дека на оваа жена никој, ама баш никогаш не би и дал дека има повеќе од 30 години. И дека најверојатно е во право за сето она што го зборува …

И дека најверојатно би била добра сопруга …

Р. Х. Џ.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button