БизнисИнтервјуПортрети

Жените можат да бидат лидери во секој сектор – бизнис приказни со ЕЛЕНА ЛУКА

„Клучот на успехот е јасната визија и бескомпромисната посветеност кон целите“, вели ЕЛЕНА ЛУКА за Гламур магазин

Реклама
Реклама

ЕЛЕНА ЛУКА e сопственичка и генерална менаџерка на ELENA LUKA GROUP. Таа е жена менаџер која веќе многу долги години опстојува на македонскиот пазар како со модната куќа ELENA LUKA, така и со градежната компанија  за станови ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ која стана препознатлива  пред се по својата уникатност и квалитет. За нејзината хуманост вели дека секогаш  сака да помогне таму каде што може. „Знам дека дури и малите дела на добрина можат да направат огромна разлика. Еден од основните вредносни принципи на ЕЛЕНА ЛУКА уште од првиот ден од постоењето на брендот, е токму хуманоста“, открива Елена. За што сé поразговаравме во интервјуто за Гламур со ЕЛЕНА ЛУКА прочитајте во продолжение…

Приватна архива

Прашање: Добитничка сте  на престижната награда „Македонски квалитет“, која традиционално се доделува под покровителство на претседателката на Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова, во организација на Сојузот на стопански комори. Што значи за Вас оваа награда?

Лично за мене, но секако и за целиот посветен тим на ELENA LUKA GROUP, признанијата и наградите имаат огромно значење. Верификацијата и препознавањето на љубовта, професионалниот пристап и трудот што го вложувам во работата, доаѓа и преку наградите што минатата година навистина беа и бројни и исклучително вредни. Наградите како „Македонски квалитет“, „Лидерство за различности“ и „Жена на годината“ се повеќе од обични признанија – тие се симбол на напорната работа, упорноста и вредностите што ги негувам во мојот принцип на работа. Наградата „Македонски квалитет“ која што ми ја додели почитуваната претседателка на државата, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова, а во организација на Сојузот на стопански комори, е гордост за сите брендови од семејството на ELENA LUKA GROUP и потврда дека поставуваме високи стандарди за квалитет и иновација. Наградата „Македонски квалитет“ за мене е многу повеќе од лична чест. Таа е симбол на препознавање на вредноста што ја вложуваме во нашата работа. Како што кажува и самиот назив, таа ја слави македонската традиција, иновација и напорна работа. Да се добие оваа награда значи дека нашиот труд како групација, нашите идеи и нашите стандарди за квалитет се валидирани на највисоко ниво. Но, уште поважно, ова признание ја претставува одговорноста што ја имам како лидер – да продолжам да го унапредувам општеството и да ги инспирирам идните генерации. Тоа е поттик да останам верна на мојата мисија и да продолжам да создавам вредности кои ќе остават траен белег.

Маркетинг

Приватна архива

Прашање: Можете ли да ни кажете за Вашата професионална позадина пред да започнете сопствен бизнис? И како и дали тие искуства, гледано од денешна дистанца, придонесоа за Вашиот сегашен успех?

Успехот е плод на упорноста, посветеноста на квалитетот, способноста да се адаптираме на новите предизвици и пред сè перманентната работа. Клучот на успехот е јасната визија и бескомпромисната посветеност кон целите. Овие вредности секогаш биле дел од моето патување кон успешната реализација на сите мои професионални цели. Уште од најмала возраст, бев вклучена во семејниот бизнис во областа на градежништвото, покрај татко градежник со долгогодишно искуство и лидер во својата работа, кој имаше сериозно влијание во профилирањето на мојот карактер како професионалец.

Маркетинг

Приватна архива

Сите професионални развојни фази ги учев со голема амбиција, љубопитност и посветеност, но и самоиницијатива. Секое искуство за мене беше и е можност да учам – од предизвиците со кои што како лидер секојдневно се соочувам до решенијата што доаѓаат заедно со секој предизвик. Се научив како да го балансирам рационалното со креативното, како да управувам со ресурси и како да градам брендови со трајна вредност. Оваа позадина беше основа за создавањето ELENA LUKA GROUP – семејство од брендови кои што не само што се на самиот врв кога е квалитетот во прашање и се предводници во својата сфера, туку имаат за цел и  позитивно да влијаат врз заедницата.

Прашање: Која е формулата или тајната за успешна жена бизнисмен ?

Како жена – лидер во бизнисот, отсекогаш сум верувала дека секој бизнис, без разлика дали е во модниот или градежниот сектор, треба да има дефинирани визија и цел кои ги одразуваат вредностите на компанијата. Основните вредности кои што го креираат мојот бизнис пристап, секогаш се темелат на интегритет, иновација, уникатна идеја, посветеност, максимална професионалност, но и одговорност кон луѓето и заедницата. Преку моите компании, ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ и ЕЛЕНА ЛУКА, како и преку највлијателниот онлајн моден магазин FashionEL.mk, максимално се вложувам да ја унапредам позицијата на жените во бизнисот и да покажам дека е можно да се постигне успех и во индустрии каде традиционално лидери се мажи.

Преку мојот личен пример, сакам да покажам дека со правилна стратегија, визија и упорност, жените можат да бидат лидери во секој сектор. Работиме на отворање патишта за следната генерација на жени менаџери, особено во индустриите кои бараат иновации и лидерство.

Прашање: Дали според Вас материјалното го води светот?

Формата нема вредност без суштината. Вистинската вредност на животот е во влијанието кое го имаме врз другите, во наследството што го оставаме зад нас. Сметам дека поентата не е во тоа колку ќе заработите, туку каков импакт ќе оставите врз заедницата и вашето опкружувањe и колку личен допринос ќе имате врз квалитетот на животот на другите. Материјалните успеси се важни како алатка за создавање можности, но вистинската вредност се мери преку добрината, етиката и позитивното влијание што ги оставаме. Кога го фокусираме нашиот труд кон општествена добробит, не само што ги подобруваме животите на другите, туку и создаваме свет каде што материјалното има значење само кога служи за повисоки цели.

Приватна архива

Прашање: Каков совет би им дале на аспирантите жени претприемачи кои сакаат да се пробијат во индустријата за убавина?

Вистинскиот момент да започнете свој бизнис е сега! Нема потреба да се одложуваат соништата и потребите за да се изразите себеси. Нема никогаш да се создадат 100% поволни услови за реализација на некој невообичаен или вонсериски сон, затоа што во почетокот кога имаме некоја уникатна идеја таа е тешко прифатлива. Немојте да се плашите од амбицијата. Жените кои се амбициозни може да бидат и одлични лидери и одлични мајки и сопруги и тој концепт апсолутно функционира.

Приватна архива

Затоа што заедницата треба да има позитивна клима во која сите квалитетно ќе делуваме. Женското вмрежување е многу важно и успехот на една жена треба да биде мотивација за другите жени. Да бидеш жена значи да имаш моќ и да имаш сила и капацитет со кој ова општество може да го направиш многу подобро.  Самодоверба, упорност, уникатна идеја и секогаш перманентно работење.

Прашање: Вие сте една хумана личност, имате направено многу хуманитарни акции, кој беше поривот за да го правите ова, и колку хуманоста во денешно време е присутна од страна на бизнисмените?

Благодарам што ја препознавате мојата лична заложба за похуман свет, затоа што јас навистина верувам дека сме тука за да си помагаме и да се поддржуваме меѓусебно. За мене, успехот не е мерлив само со материјални постигнувања, туку и со позитивното влијание што го имаме врз заедницата. Секогаш сакам да помогнам таму каде што можам, бидејќи знам дека дури и малите дела на добрина можат да направат огромна разлика. Еден од основните вредносни принципи на ЕЛЕНА ЛУКА уште од првиот ден од постоењето на брендот, е токму хуманоста. Секогаш, паралелно во мојата мисија за содавање поубав свет, хуманоста била присутна како суштинска компонента на сèшто креирам и се трудам никогаш да не ја пропуштам можноста за хумани дела, кога има потреба од тоа. Ако не инвестираме во човечките вредности и општествената добробит, нашите материјални успеси губат на вистинска вредност.

Прашање: Каков е односот кон жените лидери во Македонија? И што мислите, дали сме родово сензитивни?

Жените играат клучна улога во економијата и нивното учество во бизнисот на глобално ниво е сè подоминантно. Сепак, на оваа тема има уште многу простор за напредок и развој, особено во локалните средини. Иако се постигнати позитивни промени во изминатите години, сè уште постојат бројни пречки со кои се соочуваат жените во бизнисот. Стереотипите, недостатокот на пристап до финансии и недоволната менторска поддршка се некои од главните бариери што ги ограничуваат жените да го достигнат својот потенцијал во деловниот свет.

За да го зголемиме присуството на жените во бизнисот, неопходно е да се преземат конкретни мерки. Преку личен пример најдобро може тоа да го илустрираме.

За мене, ELENA LUKA GROUP е одраз на мојата визија – во неа работат голем број жени, а многу од нив ја имаат улогата на менаџери на клучни позиции. Секогаш сум ги поддржувала жените да го покажат својот потенцијал, бидејќи верувам дека тие имаат уникатни квалитети кои ги прават одлични лидери.

Мојата цел е да создадам инклузивна економија во која сите ќе имаат еднакви можности, а квалитетот и професиналноста ќе бидат најзначајни критериуми. Жените имаат капацитет да бидат силни лидери, и на нас, како општество, ни е потребно нивното присуство на сите нивоа.

Приватна архива

Прашање: Кои се Вашите приоритети како жена бизнисмен ?

Како жена бизнисмен, моите приоритети се првенствено насочени кон изградба на долгорочни и одржливи вредности во моите компании, но истовремено и кон личниот развој и еволуција. Верувам дека успехот не е нешто што се случува преку ноќ и дека секој бизнисмен има своја уникатна приказна.

Посебно како жена во бизнисот, верувам дека е потребна храброст, решителност и способност за да се соочите со сите предизвици што доаѓаат со водењето на успешни компании. Кога се одлучувате да водите свој бизнис, треба да бидете подготвени да ја носите одговорноста за своите одлуки и да вложувате безрезервно во вашиот личен и професионален раст. Не е само важно да водите бизнис, туку и да се развивате како лидер, постојано да учите нови вештини, да ја проширите вашата визија и да ги подобрувате стратегиите.

Динамиката на современиот бизнис е забрзана и често немилосрдна, што значи дека потребата да се биде во тек со најновите трендови и иновации е клучна за одржување на конкурентноста. Но, истовремено, важно е да не ги изгубиме нашите корени и да останеме автентични. Уникатноста и препознатливоста се суштински елементи во изградбата на било кој бренд, и тие не губат на вредност со текот на времето. Затоа, како жена бизнисмен, мојот приоритет е да останам доследна на својата визија, да водам одговорно и да продолжам да ја негувам својата уникатност. За мене, успехот е процес, а не крајна димензија. Секогаш има простор за нови можности, нови идеи и нови успеси.

Приватна архива

Прашање: Како се релаксирате и каде ја црпите енергијата за секојдневието?

Моите блиски луѓе и тие што добро ме познаваат, знаат дека уживам во музика. Почитувам различни жанрови и артисти и голем дел од моето време е исполнето со музика. Ме мотивира, ми дава енергија, ме исполнува во креативниот процес на мојата работа. Еден од актуелните објекти на ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ, го носи називот MELODY, инициран токму од мојата љубов кон музичката уметност.

Прашање: И на крај, дали постои одредена мантра, цитат или потврда што ја држите блиску до Вашето срце?

Наследството што го оставаме зад нас, е најзначајниот дел од нашето патување.

Успехот е променлив процес, но вредностите што ги градиме, луѓето што ги инспирираме и промените што ги внесуваме во општеството остануваат. Мојата цел е да создавам дела, проекти и иницијативи што ќе имаат долгорочен им пакт врз луѓето, да ги инспирирам следните генерации да се осмелат да сонуваат и да веруваат дека сè е возможно со доволно труд и посветеност.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button