Заразно шаренило на македонската поетеса – малку боја и веднаш друго расположение (фото)
Да се внесе малку боја во модниот избор е гаранција за одлично расположение. Пробајте, барем денес.

Нејзиниот стил е секогаш заразно убав, но овојпат писателката Ана Голејшка Џикова покажа како може да се искомбинираат многу бои.

А всушност, нема некоја голема „филозофија“ ниту пак напразно фрлени пари на „парталчиња“.
Важни се деталите – предимензионирано шарено шалче и очила за сонце со црвени рамки, во комбинација со вечниот џинс кој секогаш е модерен.
А да, да не заборавиме, и црвено карминче на усните.
Додуша, Ана на постираните фотографии го посочува примерот на Зорица Црношија која често одбира шарени модни изгледи.

А, за комплетно разубавување на денот, ви носиме и една поезија од Ана Голејшка Џикова. Уживајте во денот.
Богородица е во ламбата
Ене ја, жмирка и трепка
Се обидува нешто да ми каже
Додека патувам со возот во книгата низ која провејуваат силни ветришта
Ќе стивне ли ореолот
Од диви лимони и бодликава жица
Нека ми каже што сака
Ѝ ги знам сите илјада лица
Во очите на слепата бабичка што продава босилок
Во нежните дланки на жената што чека пред полицијата да ѝ го пуштат човекот на слобода
Во стравот на медицинската сестра што уплакана во срцето соопшти дека детето не се буди
Во солзите на небеска Тимјановна
Во реброто на Адам
И во крвавата кошула на Ленка
Во длабоката Орлеанкина сенка
Богородица е во ламбата
Не успеав да ја згасам
Самата ми се кажа
Со лесна смеа во темнината.
Не барај помош.
Барај се себе.