Тенорот Благој Нацоски за Нова година ќе настапи во престижниот Театро Ристори – еве ги деталите

Најафирмираниот македонски оперски пејач во светот, тенорот Благој Нацоски ќе настапи на Новогодишниот концерт на оркестарот И виртуози Италијани (I Virtuosi Italiani) во престижниот Театро Ристори во Верона.
„Како што традицијата налага, Новогодишниот концерт ќе биде посветен на виенскиот и австро-унгарскиот свет со валцер и полка“, објави Нацоски на својата фејсбук-страница, додавајќи дека покрај него, ќе настапи и сопранот Алесиа Пинтоси со оркестарот Италијански Виртуози и Алберто Мартини, прва виолина и диригент“.
Концертот ќе биде во согласност со традицијата на Штраус, кој наместо да диригира со диригентска палка, ја држел виолината и лично ги свирел некои од главните делови.
„Ова е прилика да споделиме радосно искуство, слушајќи ги во живо бесмртните дела, полни со енергија и емоција, но и да наздравиме за Новата година на крајот на концертот“, вели Нацоски.
AdvertisementView this post on Instagram
Инаку, овој импресивен театар за првпат ги отвори вратите за јавноста во 1837 година, а во 1856 година го добил името Театро Ристори, по Аделаида Ристори, најпопуларната италијанска актерка од 19-тиот век.
Театро Ристори секогаш имал многуфункционална сцена со концерти и претстави од различни жанрови. Тоа било и место на првата кинематографска проекција во Верона.
Со комплексна реставрација историскиот театар го сочувал оригиналниот изглед на објектот и на салата од 19-тиот век, повторно отворајќи ги вратите за јавноста во 2012 година, потврдувајќи ја својата репутација како врвен центар на културата.