Реклама
Култура[тор]

Stranger Than Paradise (‘ 84)

Реклама

Сценарио и Режија: Jim Jarmusch
Улоги: John Lurie, Eszter Balint, Richard Edson

Маркетинг

Уникатниот Jim Jarmusch со “Permanent Vacation” ги удри основите на својот стил на филмување, а веќе со неговиот втор филм “Stranger Than Paradise”, молневито се искачи во горниот дел од атмосферата, каде се наоѓаат останатите филмски магови. Она што на повеќето Американци им изгледаше невозможно, со минимален буџет (или на моменти без никаков) да се направи филм кој не само што ќе привлече голема група на фанови, туку и ќе освои еден куп признанија и награди, Jarmusch го изведе до перфекција.

alt

Маркетинг

Неговите спори и долги кадри, истото такво дејствие на филмот, го вадат умот на гледачите од вообичаените рамки на восприемање и му даваат можност да се концентрира на самата фотографија, која претставува врв во естетиката на делото. Секој кадар одделно е приказна за самиот себе и во комбинација со одличното осветлување, остава впечаток на една голема изложба на фотографии. Токму во тоа е големината на “Stranger Than Paradise”, едно логично продолжение на американскиот Pop-Art на Andy Warhol и/или Roy Lichtenstein, само овој пат преку движечки, наместо статични слики, односно фотографии, надополнети со извонредна музика. Ново скалило во еволутивниот развиток, диригирано од Jim Jarmusch.

alt

Неговите ликови се типични американски Pop – карактери, изгубени во големиот и суров свет, алчен по материјални добра. Тоа е онаа мала разлика од неговите фаци до оние на класичното Pop-Art движење. Гламурот е заменет со тапиот изглед на секојдневието, но пулсираат со истата енергија. И мора да биде така, зошто истите тие ликови најчесто, а и во конкретниот случај, се емигрантка која се нашла во мултикултурната Америка и други двајца типови, кои се наоѓаат на „вечно траен одмор“.

alt

Самото дејствие на филмот е лоцирано во New York, Cleveland и Florida. Имено, Willy, кој живее во NY и нормално не прави ништо во животот освен играње карти и обложување на коњски трки, еден ден добива повик во кој е известен дека неговата братучетка Eva од Унгарија ќе му пристигне на гости. На целата ситуација тој реагира со негодување, бидејќи ваквото нешто ќе му го „наруши“ целиот биоритам во животот. Но сепак Eva доаѓа кај него, поминува десет празни дена во кој полека се навикнуваат еден на друг, па оди во Cleveland кај тетка им Lottie, кај што ќе живее и работи. После година дена Willy и другар му Eddie, доаѓаат до некоја пара и решаваат да отидат во Cleveland и ја посетат. Таму ја затекнуваат како работи во некој „шуплив“ ресторан и ја поведуваат на спонтан пат до Florida. Пристигнуваат таму, се случува некое недоразбирање и сите тројца завршуваат на различни места. Толку!

alt

Филмот премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 1984г. каде ја доби наградата за најдобра фотографија. Покрај повремената меланхолична музика (напишана од John Lurie) што оди во позадина, на два-три пати, како конкретен опозит на сé, се слуша (односно, Eva ја слуша) познатата “I Put A Spell On You”, во изведба на Screaming Jay Hawkins, која дефинитивно е важен белег на филмов. Ни ја покажува маѓијата од местото што им е направена на ликовите, но може да се сфати и како една порака од самиот филм за гледачите.     

{youtube}ToCSOp7FGT0{/youtube}

altЗа останати текстови, кликни тука!

Поврзано

Back to top button