Реклама
Интервју

Со децата си имаме „филмска ноќ“, тоа вообичаено е петок навечер – Каква е како мајка Андријана Јаневска?

Со достапноста на многу информации, едноставно сме немоќни да спречиме децата да видат нешто што не е соодветно за нивна возраст, вели пејачката

Реклама

Со нашата рубрика РОДИТЕЛИТЕ НА 21 век сакаме да ги направиме разликите помеѓу воспитувањето некогаш и денес. Дали постојат огромни разлики? Кои се тие? Што е подобро денес, а што полошо?Што можеме да извлечеме како поука од времето кога ние сме биле деца, а да го примениме денес? И она што најмногу нè интересира е да ги вратиме нашите соговорници во нивното детство, дали паметат како ги воспитувале нивните родители?Колку од тоа применуваат врз раастењето на нивните деца?

 

Маркетинг

Во продолжение ве запознаваме со тоа каква мајка е пејачката Андријана Јаневска. Какви се нејзините синчиња? Кои се предизвиците на еден родител од денешницата?

Дали е тешко да се биде родител на 21 век?

Да се биде родител само по себе е предизвик, а особено во денешно време, кога на децата сите информации им се веднаш достапни. Оттаму, денешните деца имаат сè помалку трпение, сакаат сè инстант и набрзина. Потешко е да се чита книга, а многу полесно да се гледа видео на телефон или компјутер.

Маркетинг

Може ли да ни опишете какви се вашите деца?

Имам два сина, Димитар 12 години и Кристијан 8 години. Летно време задолжително шетаме секој ден во градскиот парк, си уживаме на некоја клупа јадејќи сладолед, додека пак зимно време повеќе сме дома. Со децата си имаме „филмска ноќ“, тоа вообичаено е петок навечер. Гледаме некој семеен филм со пуканки.

Јас уживам во секој момент со моите деца бидејќи многу често додека сум со нив се чувствувам како уште еднаш да го преживувам детството.

По какви методи ги воспитувате? Дали го преферирате традиционалниот начин на воспитување или применувате модерни техники?

Можам да кажам дека сум некаде на средина. Најмногу ми влијаат моите сеќавања околу тоа како мајка ми ме воспитувала, но секако дека посетувам и интернет групи и форуми доколку нешто ме интересира.

 

 

Што мислите има ли голема разлика во начинот на растење на децата во 21 век,за разлика од времето кога вие сте биле дете?

Има, заради тоа што нашите деца растат во ера на високоразвиена технологија. Кога јас бев дете, имав компјутер, но главна занимација ми беше играта надвор со моите врсници. Мислам дека таа е главната разлика.

Кои се најголемите предизвици за родителите на 21 век?

И покрај предизвиците, да успееме да израснеме луѓе во вистинска смисла на зборот, кои ќе се зрижат за себе и за околината! Со достапноста на многу информации, едноставно сме немоќни да спречиме децата да видат нешто што не е соодветно за нивна возраст.

На кој начин се поделени обврските во вашето семејство околку децата?

Околу домот, обврските ни се поделени. Гино повеќе сака да готви, а јас ја одржувам хигиената. Во дворот тој коси трева и ја кастри оградата, јас сум задолжена за цвеќињата. Околу децата најчесто се грижам јас, хигиена, подготовка за училиште, помош околу домашните задачи, но секако дека тука е и сопругот. Во недела најчесто сите заедно шетаме во околината.

Кои се предности, а кои мани за родителите на модерното време ?

Денес децата одат на различни активности, па родителите се принудени да ги возат. Кога јас бев дете, одев само на музичко и одев сама, со автобус.

Исто така, порано родителите работеа од 7 до 15 часот, а денешните родители работат до 17 или 18 часот и за жал, немаат многу време да бидат со своите деца. Тоа го донесе ова модерно време, кога сме принудени така да живееме.

Што паметите од тоа кога бевте дете, на кој начин ве воспитуваа вашите родители?

Ги паметам прошетките со татко ми низ скопската чаршија, одевме во музеи, како деца одевме и на езерото Треска, а пливавме и во реката Треска. Скоро секој викенд фамилијарно одевме на Водно или на Матка, а на летен одмор одевме само во Струга и Охрид. Во нашето семејство сите имавме право на глас, родителите секогаш нè прашуваа за мислење кога требаше нешто да се одлучи на ниво на фамилија. Секој ден ручавме заедно, а со брат ми во соба до доцна во ноќта си разговаравме. Нè учеа да бидеме добри другари и никому да не правиме лошо, да учиме, да ја сакаме природата, да не фрламе отпадоци.

Каков совет им давате на младите родители, на што треба да обрнат најмногу внимание?

Пред сè, да поминуваат што повеќе време со своите деца, затоа што децата за миг ќе пораснат. Колку и да ги гушкаме парите, тие никогаш нема да нè гушнат нас, додека, децата ќе ја паметат секоја наша прегратка длабоко во себе. Исто така, поминатото време треба да биде квалитетно, во разговор или заедничка игра.

Кога децата ќе пораснат, нема да се сеќаваат дали собата била растурена или не, туку каде биле со мама и тато, што правеле итн.

Какви афинитети покажуваат вашите деца од мали нозе?

И двајцата се музикални, Димитар свири пијано, а Кристијан виолина. Исто така, и двајцата се спортски типови, сакаат трчање, пливање, планинарење, возење велосипеди. И двајцата се добри математичари, што особено ме радува, па размислувам да ги воведам во шахот.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button