Реклама

Синиот Сомот ( ’85)

Реклама

Сценарио и Режија: David Lynch
Улоги: Kyle MacLachlan, Isabella Rossellini, Dennis Hooper, Laura Dern, Dean Stockwell

Маркетинг

Мистерија, љубопитност, опуштена музика, танцување, егоцентрици и „особењаци“ – се идеите кои го мотивирале David Lynch да го направи својот можеби најдобар филм. Како и многуте други, и ова негово остварување, веднаш по појавувањето во филмските сали, остави неодминлив впечаток на целата (тогашна) филмска јавност, а секако и на генерациите кои го „примија“ години покасно. Звуците на палење кибрит, горење на свеќа, звецкањето на инсектите во природа, осветлена ламба, во совршена аудио – визуелна хармонија, ќе станат новите репери по кои се мерат и препознаваат многу наредни режисерски достигнувања.

alt

Маркетинг

Уникатниот и оригинален стил на David Lynch едноставно плени. Мотивот и сценографијата на мало, идилично планинско селце во срцето на Америка, кое на прв поглед пулсира со својата едноставност, но во чии агли се кријат продукти на помрачени состојби на свест, подоцна ќе ги прелие и во серијалот “Twin Peaks”. „Слушам музика и понекогаш стварите сами доаѓаат до мене – цел карактер, сцена или комплетен визуелен мод “, вели Lynch. Тој не е единствениот, но секако првиот после A. Hitchcock, кој ни покажа и не остави без здив, токму со разоткривањето на таквите уникатно – дисторзирани личности од секојдневието. Ако кај Hitchcock тоа беше Norman Bates во “Psycho”, патолошки убиец, кој се движи меѓу другите карактери на провинцијата – по ништо не разликувајќи се од нив – David Lynch во “Blue Velvet” ни го претставува своето алтер – его, Jeffrey Beaumont – кое подоцна ќе го доразвива и преку Fred Madison (во “The Lost Highway”) – кој е личност со јасен морален код. Тој е секој човек со својата мрачна страна, воден од инстинктивната љубопитност, по патот кој му го одредува неговата интуиција. Barry Gifforg (автор на неколку книги кои Lynch ќе ги екранизира) вели: „David се слика себеси како “the straightest guy” на земјата, невин, наивен. Тој не е ниту едно од тоа, тој е комплициран“.

Приказната во „Синиот Сомот“ започнува со враќањето дома на студентот Jeffrey Beaumont, чиј татко доживува удар. Случајно, тој наоѓа отсечено човечко уво и го носи кај инспекторот Williams да го пријави, но и со желба да дознае нешто повеќе за самиот случај. Ја запознава неговата ќерка Sandy, која му кажува додатни информации и ваквата интрига ја разгорува неговата љубопитност и страст по решавање мистерии. Презема сопствена истрага која го вовлекува во малиот, но многу мрачен живот кој се одвива паралелно со здодевното секојдневие во Lamberton, кај што ги запознава локалната пејачка Dorothy Wallance (Isabella Rossellini), околу која се врти целата мистерија и уникатниот лик на криминалецот Frank Booth (Denis Hooper).

alt

Овој филм исто така е пресуден и во кариерата на Kyle MacLachlan, со кој ја дефинира плодната и континуирана соработка со Lynch (a која ја започна претходната година, со “Dune”) и за наредните заеднички проекти (пред сé Twin Peaks). Но можеби уште позначаен е моментот на прва соработка на David Lynch и композиторот Angelo Badalamenti, кој ќе прераснат во совршен пар, надополнувајќи се и чувствувајќи се еден со друг, на начин кој тоа своевремено го правеа Sergio Leone и Ennio Moricone. Во “Blue Velvet”, Badalamenti ја рекомпонира истоимената песна од ’50-тите, перфектно пресликувајќи ја во сликата на филмот со својата комбинација од летаргија и мистичност, сето тоа надополнето со вокалот на Isabella Rossellini.

Во „Синиот Сомот“ сé е различно, ништо не е оставено самото на себе какво што е (или изгледа дека е), туку добива свој нов карактер и живот. Таков е случајот со песната “In Dreams” на Roy Orbison, која воопшто неизменета или обработена – колку и да е во секој друг случај нетипична за ваква естетика – овде е надополнувачки елемент на карактерите во филмот, пред сé на Denis Hooper и Dean Stockwell, кој ни изведува магичен перформанс со звуците на истата.

alt

Мора да се спомене и неповторливата улога на Denis Hooper во улогата на Frank Booth, типичен провинцијалски, растроен, квази – интелектуалец, егоцентрик и оригинален „особењак“, кој го диригира целото лудило во филмот со своите садистички карактерни црти и постапки – излети на непресметливост – зачинети со малку етер и некои други супстанци.

Секој што не го погледнал, веднаш да го стори тоа, а сите останати повторно и повторно да уживаат во врвната естетика на еден од најдобрите филмови на сите времиња.

{youtube}UXsY54rY2yQ{/youtube}

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button