Покрај сликата на Фросина бројни цвеќиња и свеќи -„сакаме правда“, студенти во голема бројка излегоа на „булеварот на смртта“ (фото)
На пешачкиот премин на булеварот Партизански одреди, кај пекарницата Силбо, е поставена фотографија на прерано починатата модна дизајнерка Фросина Кулакова, а граѓаните оставаат цвеќиња, свеќи, мечиња. Учесниците во протестот ја напуштија локацијата за да се упатат кон Судот.
Не е кобна улицата, туку виновни се институциите зашто три млади животи згаснаа за неколку години токму на булеварот „Партизански одреди“ – е пораката која ја испратија бројните студенти на протестот кој денес беше организиран на местото каде што беше усмртена младата Фросина Кулакова.
Неколку луѓе, од кои најбројни беа студенти, се собраа да го изразат својата тага за Фросина, но и гнев, насочен особено кон судиите и кон институциите кои дозволуваат вакви трагедии да се случат.
„Ги бараме конкретните имиња и презимиња на судиите кои дозволија ова да се случи“ – побараа учесниците во протестот.
Се бара и затегнување на законската регулатива, построги казни за сторителите на злоделата, како и системот да ги заштити граѓаните од дивеењето на возачите на улиците.
„Не е несреќа туку убиство“, „Не е Партизанска проклета, проклети сте вие“, „Обвинители=соучесници, убијци“ – се пораки на дел од транспарентите.
Младиот човек кој ја усмрти Фросина, Васил Јованов, од синоќа е во притвор, но досега неколкупати му се „прогледало низ прсти“ за криминалните и кривични дела кои ги направил. Во моментот кога ја усмртил Фросина бил под дејство на алкохол, возел со брзина од 130 километри на час и „прелетал“ на црвено светло.