Модната магија со потписот на Ирина Тошева
Ана Ежова и Ивана Васовска се појавија во едиторијалот за колекцијата Ease на Ирина Тошева со кој се промовира и важноста за заштитата на животната средина.
Една од нашите омилени македонски дизајнерки ја продолжува својата стилска приказна во која ќе сретнете преубави, модерни и женствени парчиња, но овој пат потсетувајќи нé, како со концептот на фотографиите така и со самиот супстрат, на проблемот со загадувањето, глобалното затоплување и уништувањето на природата. Нејзините модели го слават летото, од фустаните и кошули со преубави шарени дезени, па се до елегантните панталони во бела, но и во впечатлива зелена боја. Како би постигнала што поженствени, но носиви парчиња, дизајнерката користи карнери и асиметрични кроеви со кои постигнува опуштената, но истовремено и извонредно модерна форма. Волшебната фото приказна е со потписот на фотографот Миладин Паповиќ додека при изработка на шминката Виктор Мирчевски направи вистинска магија користејќи природни цветови. Печатени на еколошки материјали дезените се направени во соработка со американскиот уметник Mark Lovejoy додека модните додатоци кои се користени во едиторијалот се соработка со Mighty Jewelry и претставуваат минијатурни пејсажи од природата. Колекцијата беше презентирана на Моден викенд Скопје во април оваа година.
Целиот тим кој работеше на едиторијалот – облека: Ирина Тошева, Фотографија и пост продукција: Миладин Паповиќ, Модели: Ана Ежова и Ивана Васовска / Моделс Ин, Накит: Mighty Jewelry, Шминка: Виктор Мирчевски, Фризура: Дарко Ристески / Бубе Студио Ин, Графички дизајн: Кристина Манчева, Асистент: Александар Петрушевски
Благодарност до Хотел Бистра Маврово (види тука), Galichnik mountain bike adventures и Sherpa Horse Riding Macedonia.