По големата трагедија што се случи во Кочани поразговаравме со психологот Дора Попова Узунски која е дел од тимот психолози кој стои на располагање за бесплатна психиолошка помош, и е вклучена во третманот на засегнатите од оваа трагедија во Кочани.
Таа вели дека во моментов Кочани е мирен и функционален град, и дека пунктовите за психолошка помош функционираат.
За тоа како да се справат сите засегнати, но и како ќе оди опоравувањето од оваа психолошка траума и кој е најзасегнат вели дека според степенот на психолошките реакции во траума и шок најранливи се младите кои се во реонот околу Кочани, како и оние од самиот град.
-Кога се случува одредена несреќа и трагедија, очекувано е најсилниот погодок да биде во близината на самата трагедија. Затоа е важно да зборуваме за спектар на доживувања. Колективната траума има свои фази. Од шок и неверување, се преминува во солидарност и помош, потоа следува гнев и лутина, преиспитување се до крајното прифаќање и трансформирање- вели Дора Попова Узунски за Гламур
Дора Попова Узунски-психолог
Какви се типичните психолошки реакции на младите лица кои преживеале трагедија, како оваа во Кочани кога загинаа голем број нивни врсници?
Според степенот на психолошките реакции во траума и шок, можеме да кажеме дека најранливи се младите кои се во реонот околу Кочани, како и оние од самиот град. Кога се случува одредена несреќа и трагедија, очекувано е најсилниот погодок да биде во близината на самата трагедија. Затоа е важно да зборуваме за спектар на доживувања. Во спектарот некој доживува минимални емоции, а некој доживува максимални, интензивни емоции. Колективната траума има свои фази. Од шок и неверување, се преминува во солидарност и помош, потоа следува гнев и лутина, преиспитување се до крајното прифаќање и трансформирање. Сите фази се проследени со емоционални доживувања кои се дел од спектарот кој го спомнав. Фазата на шок е веќе во минување за повеќето луѓе, посебно за оние кои не се директно или индиректно поврзани со настанот. Блгодарение на психолозите на терен, во Кочани и реонот извршено е давањето на првата психолошка помош при кризни интервенции, и предвидено е да заврши до крај на следната недела или после таа според добиените информации од теренот. Се разбира, овде не застанува работата. Следува период на тага и жалење. Психолозите и понатаму ќе стојат на располагање и се предвидува подолготрајна помош во континуитет. Она што е важно е да се одржи контакт со реалноста, да не се прави сензационализам, бидејќи на тој начин доживувањата се преувеличуваат и се продолжува нивното времетраење. Важно е да не ги минимизираме чувствата, но и да не креираме непотребни и усилени доживувања.
Какви симптоми на посттрауматски стрес може да се развијат кај децата по една таква огромна трагедија и како да ги препознаеме?
Ако правилно и свесно се обработи траумата со соодветна помош, симптоми на пост-трауматски стрес не се очекува да се појават, или барем не во силен интензитет. Тоа и е поентата на давањето на првата психолошка помош. Што повеќе да се превенира пост-трауматскиот стрес. Затоа се препорачува луѓето да ги прифаќаат своите доживувања и оние кои даваат помош да ги афирмираат негативните чувства. Во трагедија се сосема нормални сите негативни емоции. Колку повеќе се прифаќа и свесно се доживува нештото, толку е поголема шансата за вистинско и квалитетно исцелување. Симптомите на посттрауматскиот стрес можеби повеќе ќе ги развијат лица кои ги потиснуваат своите чувства и не ги прифаќаат свесно. Дел од симптомите може да бидат флешбекови за настанот, соништа како кошмари, анксиозност, страв, проблеми со концентрација, страв да се види местото на несреќата, главоболки и во потешки(но екстремно ретки) случаи и халуцинации поврзани со настанот. Доколку некој препознае ваков вид на симптоми кај себе или кај близок, препорачливо е што побрзо да побара стручна помош.
Кои се најдобрите психотерапевстки методи или пристапи за помагање на децата и најмладите да се справат со губитокот на пријатели или роднини во такви трагедии?
Не постојат конкретни терапевстски пристапи кои се подобри или полоши од другите. Општо познато е дека ЕМДР или когнитивно-бихејвиоралната терапија дава добри и позитивни резултати, но и другите терапевтски пристапи како што се гешталт, логотерапија, психодрама, семејна терапија може да дадат одлични резултати исто така. Повеќе е во прашање вештината на терапевтот, знаењето и способноста за емпатија отколку техниката или правецот.
Како да им се помогне на децата да се справат со чувството на безнадежност или страв што може да се појави по ваква трагедија?
Важно е на децата да им бидат признаени емоциите. Погрешно е ако им се кажува: ,,Ајде, ти си млад, ќе биде подобро” или ,,Се ќе помине”. Да, ние сите знаеме дека се ќе помине, но во моментот емоциите изгледаат како да се конечни. Препорачливо е водење на дневник, со цел да може да излегуваат надвор чувствата. Исто така е пожелно поддршка, сослушување и како што веќе рековме афирмирање на емоциите. ,,Да, те разбирам. Тешко е. Во моментов навистина е тешко”. Во ред е да ти се плаче. Во ред е да си лут. Во право си. Уште подобро е и ако личноста од којашто се бара поддршка ги сподели и своите емоции. Бидејќи и оние кои даваат поддршка исто така ги чувствуваат. Разликата е во тоа што некој знае можеби подобро само да ги обработи во себе и да најде начини за справување.
Како родителите и наставниците можат да ја поддржат психолошката благосостојба на децата, посебно на оние кои биле директно или индиректно погодени од оаа голема трагедија?
Дел од наставниците во кочанскиот регион веќе добија инструкции за тоа како да постапуваат. Училиштата се многу, се прави тоа што може. Пожелно е да поттикнат групни, училишни активности во кои ќе дојде до израз поддршката и солидарноста. Едукација за емоциите на децата е добредојдена. Пред почетокот на часовите можат 5-10 мин. да ги охрабрат децата да запишат како се чувствуваат денес и без коментари за доживувањата. Така децата ќе можат со почисти мисли да влезат ментално на часот.