Како се разладувавме пред да постојат клими – совети од познат метеоролог за преживување на топлотниот бран

Со првите денови на летото започнаа и сериозните горештини, а прогнозите најавуваат уште потопло време кое ќе трае до есента.
Популарниот српски метеоролог Иван Ристиќ предупредува дека целиот регион ќе биде во епицентарот на жештините со недели.
„Не е само проблем што е жешко, туку и тоа што имаме сериозна суша. Целиот јуни помина без речиси никакви врнежи. Кога почвата е целосно сува, дури ни природното разладување не е можно“, изјави Ристиќ во гостување на телевизијата К1.
Особено загрижувачки, вели тој, се тропските ноќи кога температурите не паѓаат под 20 степени. „Телото не може да се одмори ниту да се опорави. Тоа е долгорочен проблем за здравјето, особено кај постари лица и хронично болни.“
Иако современото решение е едноставно – вклучи клима уред, Ристиќ потсетува и на некои традиционални методи за разладување од минатото, кои и денес можат да помогнат.
„Јас сум дете од Белград, а во моето детство немаше клима уреди. Мајка ми ќе ни навлажнеше тенок пешкир, го ставаше на врат и раменици и веќе за десетина минути чувствувавме разлика. Тој метод и денес е исклучително ефикасен“, раскажува тој.
Ристиќ објаснува дека летово повторно ќе бидеме под влијание на таканаречена „топлотна купола“ – стабилен слој топол воздух кој се формира и останува заглавен над Балканот, обично меѓу Алпите, Карпатите и Динаридите. „Кога се формира куполата, нема размена на воздух – свежината не може да стигне до нас. Тоа предизвикува постојан притисок и натамошно зголемување на температурата.“
Најсвежо ќе биде на планините, но и таму, вели Ристиќ, постои ризик – интензивното УВ-зрачење, кое може да биде штетно дури и при краток престој на сонце.
„Советувам луѓето да се ладат традиционално, да остануваат во сенка, да пијат доволно вода и да избегнуваат активности на отворено во најтоплите часови. Не потценувајте ја жештината, летово нема да биде лесно.“
Ова лето веќе се бележат температури над 40°C во делови од Шпанија, Португалија и Франција, а слични услови се очекуваат и кај нас. Високите температури, во комбинација со сушата, се сериозен предизвик и за здравјето и за секојдневниот живот, затоа секој совет за природно и паметно разладување е добредојден.