Нејзиниот стил ни го привлече вниманието на прв поглед …
Таа изгледа мистично, етерично, кул, шик и еклектично, исто како и нејзините модни илустрации. Нејзиното име е Вера и ја запознавме како блогерка која заедно со нејзината пријателка Искра го водат модниот блог „Aesthetics Illustrated“, еден од најинтересните на македонската модна сцена. Прочитајте што има да ни каже оваа девојка …
Од каде дојде идејата ти и твојата пријателка Искра да започнете моден блог и која е приказната што се крие зад вашето интересно име?
Со Искра почнавме да работиме заедно поради заедничките интереси и аспирации во дизајнот. Се одлучивме за моден блог затоа што тоа е платформа на која секој сам ги поставува своите правила, а нуди безброј можности. Исто така, сакавме да пласираме нешто поинакво на македонската блогерска сцена. За разлика од повеќето модни блогови каде фокусот е на облеката, ние се обидуваме вниманиетои интересот да ги пренасочиме воедно кон фотографијата и модната илустрација. Во кратки црти, на нашиот блог се презентира аестетика во повеќе насоки, не само мода. Името „Aesthetics Illustrated“го поставивме како фузија помеѓу се’ естетско (кон кое целиме), и кон модната илустрација, која ни претставува огромна пасија и секако визија.
„За нова година заборавете ги „глитер“ фустаните и шминка, никако не правете „раскошна” фризура. Носете облека во која ќе можете да танцувате цела ноќ.“ |
Вашиот блог е малку поинаков од останатите, како поради илустрациите, така и поради вашиот оригинален стил со кој веднаш ги освојувате посетителите. Од каде всушност ја црпиш инспирацијата?
Барам естетско оправдување на се што ме опкружува, на тоа како се чашите поставени на масата, или на начинот на кој е сервирана храната итн. Постојано сум во потрага по аестетика во сенешто, ја сакам во моето секојдневие од кое ја црпам и инспирацијата.
По што се разликува твојот стил од стилот на останатите модни блогерки?
Не се сметам себе си за верен следбеник на трендови, само некои од трендовите успеваат да ми се провлечат во плакарот. Сметам дека облеката, додека го покрива телото, ја открива душата, па затоа претпочитам лични интервениции и експериментирање во однос на комбинирањето на парчињата облека и нивната намена. Кога станува збор за мојот плакар, гордо кажувам дека деведесет проценти се „селф мејд“.
Пред извесно време предизвикавте големо внимание со вашата dirty little capsule колекција. Дали сте задоволни со тоа како поминавте и како бевте прифатени од нашата публика?
Капсулната колекција од плико ташни ја прикажавме многу неочекувано. Мислам дека многумина се изненадија од овој наш чекор, меѓутоа сметам дека е време со Искра да ги реализираме нашите дизајнерски планови. Колекцијата е унисекс, а црно-белиот колор овозможува лесно вклопување во различни стилови. Насочена е кон младите, смели инвидуи со смисла за хумор – солиден дел од тие „млади“ ја поздравија колекцијата и секако идејата. Во скоро време очекувајте плико ташните да се појават во некоја интернет продавница или ќе можете директно да ги порачате од нашиот блог.
Кога се појави во етерот меѓу нашите блогерки беше црвенокоса, а сега си црнка. Ќе ни кажеш ли зошто реши да ја направиш оваа промена и дали ти недостига светот на црвенокосите?
Не сум имуна на промени, туку напротив, претпочитам динамика на специфична основа. Кога се работи за коса, барем еднаш годишно промената на фризура е есенцијална.
Кои се клучните парчиња во твојот плакар, а кои се во твојот несесер?
Клучните парчиња ги менувам секоја сезона. Тоа се оние парчиња кои можам лесно да ги адаптирам за различни пригоди и актуелното расположение.Во моментотне би била јас, доколку ги немам моите црни „селф-мејд“ пантолони и бела кошула – добитна комбинација за ден и ноќ.
Каде може да те сретне човек? Каде излегуваш?
Се трудам да бидам присутна на актуелните настани од културата- таму може и да ме сретнете.
Каква музика слушаш?
Не се ограничувам со жанрови. Помеѓу другите, неизоставен дел од мојата дневна плеј-листа е „Grimes“. Jа обожавам поради карактеристиччниот изглед и искрениот пристап кон она што го работи.
Клучни трендови за оваа сезона?
Моментно се повторува ерата на седумдесетите со примеси од шеесетите и осумдесетите. Од тој аспект здолништата варираат од мини до макси, а пантолоните од тесни до широки. Карактеристични се чизми до колена, високите јаки, како и уникатните ракавици.
Твојот омилен хаштаг кој најмногу го експлоатираш во последно време?
#aestheticsillustrated – проверете го на инстаграм!
Кој е најдобриот моден совет што си го слушнала досега или кој најчесто го применуваш и сакаш да го споделиш со нашите читателки?
„Го имаш изградено својот моден стил, тогаш кога сите парчиња во твојот плакар одговараат едно со друго“ – ова е реченицата по која се водам додека креирам, или бирам нова облека.
Совет за нашите девојки како да изгледаат за Нова година?
Заборавете ги „глитер“ фустаните и шминка, никако не правете „раскошна” фризура. Носете облека во која ќе можете да танцувате цела ноќ.
Кои се твоите планови за во блиска иднина – дизајн, блогерајство или и двете?
Иако со Искра имаме големи планови во врска со блогот, сепак дизајнот е нашата заедничка љубов – главното врзиво. Поради главната карактеристика на дизајнот, а тоа е аестетиката, почнавме да работиме заедно и се соочуваме со фактот дека и двете имаме што да покажеме на модното-дизајнерско поле. Така, ќе трагам(е) по баланс помеѓу блогерство и модниот дизајн.
И самите дизајнирате облека. Каде се гледаш за три години?
Во работна атносфера, во модно атеље над милион скици или работејќи илустрации на лап-топ. Го чувствувам „воркохолик“ синдромот во мене.
Кликни тука и посети го нејзиниот блог.
Фото: Моника Ангелевска, Ерина Богоева