Ненад Ивановски: „И децата но и ние возрасните треба да пливаме ако сакаме да изгледаме убаво, но и да бидеме здрави“

Кога ќе дојдат жешките летни денови последно што сакаме е да се замараме со вежби со кои ќе ни биде уште потопло. Но бидејќи вежбите го прават нашиот организам да биде посилен и поотпорен на болести, и пред се да бидеме поздрави и во подобро расположение, идеално решение е пливањето. Можете да уживате во вежбањето, а притоа да не ве оптоварува жештината.

Токму затоа и поразговаравме со Ненад, инструктор по пливање во затворениот Олимписки базен од кого дознавме дека пливањето е физичка активност која благотворно делува на психофизичкото здравје. Посебно е корисно за телото, бидејќи е активна целосната мускулатура, мускулите на телото и екстремитетите, особено на рацете и нозете. Им се препорачува на сите возрасти, од новороденчиња,кога најлесно се плива, се до длабока старост, во зависност од здравствената состојба, индикациите и контраиндикациите. И што е најважно доколку живеете во место на кое има затворен базен, треба да пливате преку цела година и да бидете свесни дека последиците од физичката неактивност се големи. Затоа најдобро е постојано да сте физички активни и на тој начин да ја зголемувате работната и здравствената состојба, а пливањето е одличен избор за тоа и се препорачува и за најмладите особено поради благопријатното влијание на складниот раст, развојот и зајакнување на организмот во целина.

ADVERTISEMENT

Пливањето може да користи и како метода за лечење на одредени болести. Дали вие како инструктор им го препорачувате пливањето и на оние родители кои имаат некакви здравствени проблеми со своите деца и кои се тие?

Пливањето може да се користи и како метода за лечење на одредени болести. На пример кај проблеми со ‘рбетот се препорачува ушто во период на детството, особено кога ќе настапи седечкиот период со школството. Препорачлива е и кај лица со астма. Техниката на дишење во вода ги зајакнува мускулите, со што се овозможува полесно издишување, кое е проблематично кај овие пациенти. При разни повреди и операции на коските и зглобовите, водата е најпогодно место за вежбање.

Во целост се препорачува на сите родители да ги учат децата на возраст од околу 4 години на почетно пливање, преживување на површината на водата, начин на дишење и нуркање во плитки води и базени. Тука секогаш како тренер ставам голем акцент во оваа улога,ако родителите ми го препуштат нивното дете во мои раце, како негов иден пливачки тренер.

На кој начин пливањето може да ни го подобри здравјето, а на кој влијае на телото и организмот, особено кај најмладите?

Пливањето најмногу помага во развојот на телото, мускулатурата, внатрешните ограни. Се зајакнуваат срцето и белите дробови, бидејќи се учат разни техники за дишење, се зголемува капацитетот на белите дробови. Оневозможува создавање на кифоза, дископатија и други рбетни деформации на телото. Намалување на стресот, кој е најголем непријател на човековото здравје во денешно време. Се вежба и зајакнува самодовербата, која ни помага да се бориме понатака во животот. Го подобрува квалитетот на спиењето.  На кратко кажано, пливањето го храни и телото и умот.

Вашето здружение за развивање на спортот и помагање на лица со посебни потреби „Бригада“ покрај пливањето нуди и други активности. Ќе ни кажете ли нешто повеќе за тоа?

Здружението Бригада има развиено повеќе програми и сектори: млади таленти, мал фудбал, кошаркарски тим, планинарско друштво во развивање, хуманитарен тим, безбол тим, атлетичарски тим со кој наскоро спремаме нов, интересен маратон, нешто што до сега сме го немале на нашиве простори.

Позади нас имаме многу проекти, би го издвоил меморијалниот турнирот во мал фудбал во Волково – Дарко Брњарчевски – 2017 година, каде и го освоивме првото место. Се надевам дека ќе продолжиме со исто темпо и дека Бригадата заедно со дечињата со  потреби, за кои всушност постои Бригадата, заедно ќе се радуваме на уште многу први места.

Работата на Бригадата секој може да ја следи и на нашата Facebook страна: brigada – Macedonia.

Дали пливањето е добро за сите возрасти и на кој освен на децата би им препорачале да се занимаваат со овој спорт?

Возраста воопшто не е важна за овој спорт. Бенефициите од пливањето можат да ги уживаат и најмладите и оние во поодминати години.  Се препорачува и кај бремени жени, секако во консултација со стручно лице; кај лица со прекумерна тежина, како поефикасен начин да се ослободат од вишокот на килограми; кај луѓе со болки во грбот и зглобовите…

Меѓутоа и лицата со потреби не се исклучени од овој вид на спорт. Од старт она што треба да се знае е дека за лицата со потреби потребно е и придружба додека пливаат. Понекогаш и со две лица. Лицата со аутизам и ментална попреченост – пливањето ги смирува ако имаат придружба од близок и тренер покрај себе. Но, сепак е тежок момент кога се користат сите методи за решавање на проблемот со нивниот страв од вода ( затворени базени или отворено море, езеро). Мора голема внимателност и посветеност во односот тренер – лице со попреченост во развојот, се со цел создавање на блиска соработка.

Со најмладите тренирате на Олимпискиот базен во Скопје. Дали би можеле за родителите што ќе ги читаат овие редови да им објасните накратко како изгледа еден тренинг со дечињата од вашиот клуб?

Како и кај другите спортови и за пливањето потребно е загревање пред да почнеме со самиот тренинг. Ние тоа го правиме надвор од водата, со стандардни вежби за загревање за секој дел од телото, почнувајќи од главата, вратот, раменски појас, колковите, нозете, колената; сите мускули и зглобови да ги размрдаме, воедно ги повторуваме сите елементи од пливањето. Потоа преминуваме кон навикнуваење на телото на водата, односно постепено влегување во базенот, за да не направиме шок на организмот. Кога ќе се навикне телото на водата започнуваме со учење на техниката за дишење преку нос и работа со нозе кај почетниците. Со оние кои веќе го имаат совладано дишењето започнуваме со самото пливањето, односно почнуваме да ги учиме техниките на пливањето, на почетокот со помош на пловка/плута, за до крај на часот да го усовршиме пливањето и без никакви помагала. Секој час се учат различни техники. Часот го завршуваме со релаксирачки скокови во базенот.

Дали спортот за вас е професија или начин на живот?

Повеќе би го дефинирал како начин на живот. Уште од најмали години имав пасија кон пливањето и кон ватерполото. Едноставно тоа е моето секојдневие, она што ме исполнува.

Што би им препорачале на оние што се уште размислуваат дали и зошто своите деца треба да ги запишат на пливање? Со што би ги убедиле да го направат тоа?

Би им препорачал да не размислуваат и одма да ги запишат своите деца на пливање. Хаха, се шегувам. Пливањето е спорт во кој нема физички повреди, баш напротив дури и полезно е при спортски повреди да се практикува овој спорт.  Веќе набројав дел од бенефициите, да не се повторувам. Лично сметам дека е идеален спорт и за момчиња и за девојчиња, преку дружба, рекреација и многу забава се постигнува правилен раст и развој, како физички така и психички.Ги повикувам сите заинтересирани да дојдат секоја среда и петок во 19:30 часот на Олимписки базен, заедно да се дружиме и спортуваме.

Колку пати неделно треба да пливаме ако сакаме да останеме во здрава форма?

Во зависност  од физичката спремност, од 30-60 минути секојдневно, или пак 3-4 пати во неделата.Вие сте во одлична физичка форма .

Дали внимавате на исхраната и колку редовно вежбате? И што покрај храната е важно и на што секој треба најмногу да внимава ако сака да изгледа убаво, но и да биде здрав?

Исхраната е на прво место. Без добра исхрана, не може да се изведе добар тренинг, било да е пливање, трчање или некој друг спорт во прашање. Вежбам 6 дена во неделата, а еден ден одморам. И одморот е доста важен дел од секој спорт, на телото му треба време за да се опорави од напорните тренинзи.

Facebook Comments