Поразговаравме со Мартина Димоска девојка која ужива да се маскира во ликови од филмови и да направи косплеј фотографии, но и да игра видео игри и да се дружи со претставниците на посилниот пол бидејќи едноставно – тие и се поинтересни.
Таа покрај моделството, се занимава и со глума, додека по професија е нанотехнолог и инжинер. Но, да не зборуваме премногу. Прочитајте и запознајте се со Марта, најпознатиот авангарден модел во Македонија!
Мартина ти си една од ретките модели во Македонија која го сака и се занимава со косплејот. Дали можеш да објасниш за нашата публика за што точно станува збор?
МАРТИНА:
Не можам да донагласам колку уживам во косплеј. Cosplay или Costume Play е всушност облекување-маскирање како некој лик од филм, книга, видео игра или манга и аниме. Јас доста често го практикувам и уживам да се соживувам со карактерот . Добар косплеј според мене е онај косплеј каде ликот е најпрецизно возможно претставен со што поавтентичен изглед.
Пред некое време како вистинска експлозија одекна едиторијалот во кој се појавуваш во улога на фаталната Џесика Ребит. Дали можеш да ни кажеш збор-два за овој едиторијал и за неговото влијание врз тебе? Дали можеби има некои работи поврзани со ликот и карактерот на Џесика Ребит кои ти оставија посебен впечаток и би ги применила и во приватниот живот?
МАРТИНА:
Џесика Ребит ја сакам уште од малечка. Порано и си ја бојадисував косата пламено црвена. Коспјелот го правев со фотографот Мартин Спасовски, креаторот Даниел Димов и Студио Веронија зошто сите сакавме да изработиме таков еден интересен и иновативен проект зошто на Македонија и фали такво нешто. Иако има многу нагласени облини и е смртоносно атрактивна и делува многу неморално во неа ми се допаѓа што покрај таквата моќ на нејзиниот изглед таа е сепак морална и чесна личност што е верна на својата вистинска љубов и посветено се бори за истата (зборувам за постарите изданија). Таа е класичен пример дека никогаш не се пресудува толку плитко на база на надворешност.
Кои ликови/хероини си ги „одиграла“ досега и кој лик би сакала да го одиграш во иднина?
МАРТИНА:
Во иднина би сакала да се насочам кон моите омилени карактери од Аниме и Игрите а костуми имам доста кои за жал сеуште не сум ги фотографирала но поомилени и почесто носени ми се Misty од Pokemon, Buttercup од Power Puff Girls, Аriel итн.
Покрај косплеите, кои очигледно се твоја пасија, кои се други твои позначајни проекти како фотомодел?
МАРТИНА:
На сите мои проектни им давам доволна важност и ги работам со мерак но сепак најмногу ги сакам оние што ги надополнуваат стиловите кои ги носам, особено креаторите надвор од Македонија покажуваат инзвонредни квалитети на пример Jazzafine од Германија кои прават одлични фасцинатори, Glitter Paradise од Франција , MissPoppyWear од Белгија, Villena Viscaria нашата вешта и талентирана сосетка која изработува одлични корсети и ред други на кои подеднакво им се воодушевувам.
Покрај моделството ти ја сакаш и глумата, досега имаш учествувано во неколку актерски проекти, и уште поинтересно – ти си и голем љубител на универзумот, на физичките закони, на теориите. Го имаш освоено првото место на N.A.S.A. Space Apps, а по професија си нанотехнолог и инженер на материјали. Ќе ни кажеш ли како и каде ја гледаш врската помеѓу твојата уметничка страна и науката?
МАРТИНА:
Се сметам себе си за многу многу љубопитна личност со премногу креативни идеи. Љубовта кон науката и уметноста секогаш ми биле подеднакви и завземале неверојатна паралела на обострано негување. Имам и уметничка и научна страна и никогаш не би можела да се насочам само на едно.
Каде се гледаш себе си за едно 10 години?
МАРТИНА:
Водејќи некој проект во некоја лабараторија некаде низ светот поигрувајќи си со границите на невозможното .
Бидејќи сме сигурни дека ќе предизвикаш огромен интерес кај машкиот дел од нашата публика, би сакале да те прашаме каква е твојата ситуација на љубовен план? Дали си во врска или можеби го чекаш вистинскиот? Што е она што те привлекува кај спротивниот пол?
МАРТИНА:
За жал или среќа немам момче. Иако повеќе ми одговара женската публика и нејзината афирмација ништо пократка не е и машката страна. Не верувам во „вистинскиот“ туку едноставно има луѓе што помалку или повеќе ни одговараат. Се надевам дека ќе наледам на овие вториве низ моите животни патешествија. Кога сме кај привлечност сакам дефинираност и свесност. Сакам да се познава себе си и да знае кој му се целите и верувањата. Да е добро воспитан и културен, да ме почитува и да има нескротлива амбиција токму како мојата за да не се кочиме. Клучна е неговата емотивна интелегенција зошто ретко кој има толкава длабина на емоција и посветеност кон партнерот што може да ги стигне моите очекувања. А јас ретко прифаќам нешто под таа граница зошто знам колку можам да дадам.
Изгледаш прекрасно, фотогенична си, а богами и хиперактивна. Кажи ни како успеваш да најдеш време за сите твои обврски и интереси?
МАРТИНА:
На сите ни е познато она – кога се сака се се може и вистина е така а јас секогаш енергична и спремна за работа едноставно уживам во тоа да бидам продуктивна. Понекогаш не можам да престанам да работам но не се жалам сето тоа премногу ме исполнува. Постојан двигател е мојата огромна љубов и восхит за она што го правам.
Во неколку твои интервјуа имаш истакнато дека не посетуваш салони за убавина, дека не држиш диети, дека не ги следиш модните трендови, дека го сакаш својот автентичен природен изглед, па би те запрашале – дали си ти една од оние ретки девојки кои навистина не поминуваат часови пред огледалото пред да излезат и кои сметаат дека се најубави во своето природно издание?
МАРТИНА:
Во последно време место да ги кријам пегите се почесто се изложувам на сонце и се се повпечатливи така да веќе не се стремам кон тој порцелански тен за кој бев многу несигурна во мојот тинејџ период. Инаку да, многу сум физички активна и постојано сум во движење не можам да се шетам по ова жешко време со тон шминка на лицето освен за фотосесии многу ретко користам пудра и не сакам да се чувствувам „штиркано“, затегнато, неудобно. Уживам во својот комфор и се чувствувам среќно и исполнето во својата кожа па тоа веројатно се чувствува и приметува и од надвор. Растена сум во „машко друштво“ и имам такви навики мразам да доцнам и потребен ми е половина час за да бидам готова пред излегување. Брзо, практично и едноставно, никогаш можеби и нема да разберам зошто некој би го трошел целиот ден за да се спрема за излегување исто како што не разбирам зошто девојките поминуваат цела вечност во тоалетите во дискотеките….
Како ти успева да бидеш во центарот на вниманието без некои посебни и планирани напори?
МАРТИНА:
Комуникативна сум, друштвена и сакам да ги смеам луѓето па веројатно не им е тешко да бидат околу мене и да уживаат во времето кое им го посветувам. Немам многу размислувано на темава а и не се ни опседнувам со тоа кој колку ме сака, никогаш не може да си сакан од сите секогаш ќе има поделени мислења но за оние кои го гледаат светот од моја перспектива секогаш сум спремна да помогнам, да дадам совет, да споделам дружба и тон насмевки.
Дали повеќе се дружиш со машки или со девојки? Може ли да постои искрена другарска врска меѓу момче и девојка?
МАРТИНА:
Да, верувам во искрено пријателство меѓу момче и девојка и тоа се случува ако двајцата имаат здрав карактер и цврсти вредности. Претпочитам да се дружам со момчиња зошто со такво друштво и сум пораснала па имам претензии кон машки спортови ја сакам нивната едноставност итн, итн…..особено хуморот. Девојките се премногу превртливи и дволични апсолутно ме иритира трачарењето и тоа што немаат појма како да зачуваат информација споделена во доверба, не можеш да им дадеш критика просто не разбираат дека тоа им го викаш за нивно добро, не знаат што е лојалност, се борат за внимание на милион превртливи начини со некој глупи Queen Bee идеали, егото им е за нигде и така натака. Нормално со чест на исклучоци и не дека нема и машки од ист вид но барем тие се во помала количина.
Така да во оваа прилика да си изразам благодарност за мојот поинаков поглед на светот – Мамо, тато благодарам што сте ме огледале како момче!
А дали ги сакаш видео-игрите и која ти е омилена?
МАРТИНА:
ДА! Видео игрите се многу големо ДА во мојот живот и со нив другарувам уште од мали нозе. Гејмингот, научната фантастика и Sci-Fi филмовите ги уживам и тоаго должам на татко ми, опсесија ми се FPS игрите и една од поомилените ми е Call Of Duty, знам да се навратам на старите стратегии како Age of Empires & Raise of Nations и секако HON & DOTA 2.
На какви места најчесто излегуваш? Кој ти е омилен пијалак?
МАРТИНА:
Сакам журки преку лето но најчесто преферирам face-to-face комуникација па посетувам локални кафулиња, искрено немам толку многу време за излегувања но кога излегувам секогаш сакам да посетам некоја нова локација. Омилени пијалаци летово ми се оние поблагите како Црвеното Мартини и Јегерот и ги обожувам Cointreau коктелите.
Каква музика најчесто слушаш?
МАРТИНА:
Во музиката често се губам во разноразни правци во потрага по квалитет и сакам да истражувам. Знам да преслушам се и сешто зошто сакам музички да се надградувам но во поомилените ми е Класичната музика, сакам Метал, Рап и Хип-Хоп, Соул, Блуз, стари Амерички хитови и балади, но во принцип гледам да пратам многу новитети и имам многу поширок спектар од горенаведените зошто денот најчесто ми е исполнет со музика во позадина додека работам а работам доста.
Која е твојата омилена продавница во Македонија и на што најмногу си ги трошиш парите?
МАРТИНА:
Парите најчесто ги трошам на личности што ме радуваат и што ми се драги па сакам да ги разгалувам а доста често и купувам антиквитети или колекционерски предмети од моите омилени филмови-игри и така натака. За омилена продавница во Македонија немам но сепак би ја навела Converse зошто многу често завршувам таму.
Фотографии: Miladin Papovic Photography, Martin Spasovski , G-Le, D.Bambus Photography, Badstef Phtography, Aleksandar Velov, Slave Viktorijoski, Goran Dimov