Интервју со Искра од „Aesthetics Illustrated“ – Интуицијата е основа на креативниот процес
Таа е другата половина од „Aesthetics Illustrated“…
Со Вера веќе разговаравме и овој муабет можете да го ѕирнете тука, а денес ќе позборуваме малку со црвенокосата Искра.
Искра Младеновска студира моден дизајн и заедно со нејзината пријателка Вера го водат модниот блог Aesthetics Illustrated. Во последно време не може да се одвои од широките дебели џемпери и фармерки, а нејзините комбинации на блогот секогаш се смели и инспиративни, особено за вистинските вљубенички во модата. Неодамна под името на блогот ја лансираа и првата dirty little capsule колекција, а повеќе за ова ќе ни објасни самата Искра.
Како се случи заедно со твојата пријателка Вера да ја започнете приказната за Aesthetics Illustrated која според нас е една од поинтересните во Македонија?
Со Вера се запознавме пред две години, како студентки во првата година на факултетот за моден дизајн. Уште од самиот почеток разговаравме за започнување на моден блог, а поради тоа што и двете сме големи љубители на модна илустрација решивме и неа да ја вметнеме во концептот за блогот и да направиме нешто поразлично. Така настана aestheticsillustrated.blogspot.mk.
Што е она што според тебе треба да го знае и да го поседува како квалитет секоја девојка која што би сакала да стане модна блогерка?
Сметам дека секоја девојка која сака да стане модна блогерка пред се треба да има изострен вкус, односно јасен критериум. Исто така стојам зад ставот дека таа треба да знае што сака да постигне и кои се целите на нејзиниот блог. Со тек на време „се“ доаѓа спонтано, а интуицијата е основа на креативниот процес.
„ НЕГАТИВНО Е ТОА ШТО ДЕЛ ОД НАШИТЕ МОДНИ БЛОГЕРКИ НЕ СЕ РЕДОВНИ ВО ОБЈАВУВАЊЕТО НА ПОСТОВИТЕ, НО СЕПАК ТОА Е И РАЗБИРЛИВО ПОРАДИ ФАКТОТ ШТО БЛОГЕРСТВОТО КАЈ НАС Е САМО ХОБИ. “ |
Како би ни го опишала твојот стил?
Не сакам да се приврзувам кон конкретно одреден стил поради тоа што секогаш сум спремна да пробам нешто ново. Во својот плакар имам многу различни парчиња кои успевам да ги комбинирам и да создадам различни варијации.
Кој ги потпишува вашите фотографии и колку квалитетните и креативните фотографии (и фотографи) се битни во она што го правите?
Креативноста е многу важна, без разлика дали станува збор за облеката која ја носиме или фотосесиите кои ги постигнуваме. Зад фотографиите стојат неколку фотографи меѓу кои: Владимир Видановски, Ерина Богоева, Ања Крстевска, како и многу наши блиски пријатели кои иако не се професионалци во таа област, одлично ја одиграа таа улога.
Што ќе ни кажеш за блогерската сцена во Македонија? Што е она што е позитивно, а што негативно според тебе?
За позитивен го сметам факот што последнава година се појавија многу нови модни блогери кои допринесуваат за развојот на блогерството во Македонија, како и за развојот на свеста кај луѓето за тоа што всушност ние блогерите правиме и колку е важна модата во однос на општата аестетика. Негативно пак е тоа што дел од нив не се редовни во објавувањето на постовите, но сепак тоа е и разбирливо поради фактот што блогерството кај нас е само хоби.
Која е вашата неостварена професионална цел и дали можеш да ни откриеш на што работите во моментот?
Во моментов заедно со Вера работиме на нашата прва капсулна колекција на ташни. Што се однесува пак на неостварена цел, немам, имам само нови.
А каква ќе биде вашата следна фотосесија?
Тоа останува на вас, драги луѓе, да видите и евентуално уживате.
Што правите со Вера кога не работите на следниот проект поврзан со вашиот блог? Дали минувате многу време заедно и приватно?
Јас и Вера од колешки станавме другарки, што значи, покрај студентските денови на факултет, големиот дел од времето го поминуваме заедно. Кога немаме обврски поврзани со блогот,времето го поминуваме работејќи на проекти поврзани со факултет или едноставно пиејќи кафе.
Кои светски блогерки ги следите и би сакале да ни ги препорачате и на нас?
Следам многу, но едни од омилените ми се Margaret Zhang и Vanessa Hong.
Клучно парче во твојот плакар?
Тексас фустан и кожени панталони.
Книга која ти стои покрај креветот овие денови?
Digital Fortress од Dan Brown.
Тренд кој не смееме да го прескокнеме оваа сезона?
Џемпери со ролки, бомбер јакни и плишани парчиња облека.
Која е комбинацијата која што би можела да ја носиш секој ден?
Можеби е клише, но во последно време неможам да се одвојам од широките дебели џемпери и фармерките.
Високи потпетици или патики?
Зависи од пригодата и расположението. Голем љубител сум и на двете, па неможам да изберам.
Фото: Владимир Видановски, Моника Ангелевска, Александра Амазанова и Ања Крстевска