Интервју со дизајнерката Ирина Тошева – Не сум тука да оценувам, туку да придонесам!
Во пресрет на новата модна грозница поразговаравме со една од нашите омилени модни дизајнерки, Ирина Тошева.
Фото: FWSK
Пролетната колекција на Ирина Тошева беше една од најдобрите колекции кои беа претставени на претходниот FWSK, па токму и затоа сме нестрпливи да ја видиме нејзината нова есенска колекција. Според тоа овој разговор го започнуваме токму со прашања поврзани со нејзианта нова колекција, но секако, покрај ова, поразговаравме и за предизвиците со кои се соочуваат нашите дизајнери, за добриот стил, за потребните карактеристики на една модна икона, како и за правилата на кои што треба да внимава секоја жена кога е облеката во прашање.
Што е она што треба да го очекуваме од Ирина за есен/зима 2014?
Фото: Миладион Паповиќ (Watch MyTime)
Колекцијата тргнува од кратковидоста од којашто секој од нас пати поради динамиката на џунглата на секојдневието. Моделите трагаат надвор од границите по кои се раководиме и бараат да погледнат подалеку од вообичаеноста. Работев на темата урбаност, но како дел од еден поголем систем- природата. Очекувањата се високи, како и секогаш и се надевам на убав одзив.
Која боја ќе бидe најмногу застапена во новата колекција?
Фото: Миладион Паповиќ (Watch MyTime)
По шаренилото од минатата сезона овој пат се „ограничив“ на неколку бои: сиво, тегет, зелено и розово. Акцентите се бели. Строгиот крој и потешките ткаенини ќе бидат водечките елементи во новата колекција.
Дали Македонките имаат стил?
Фото: Фросина Илиевска
Веќе постои некаква модна култура што има капацитет да се развива. Се` уште постојат почетнички грешки: непостоење и неразбирање на кодекси за облекување; нема разлика меѓу различни пригоди, а често се мешаат дневната и вечерната облека; слепо следење на трендови итн. Сепак, често велам дека не сум тука да оценувам, туку да придонесам.
Која позната Македонка би ја издвоила како модна икона?
Голем дел од нашите јавни личности најпрвин треба да сфатат дека стилистите и дизајнерите го градат стилот на една ѕвезда, a дотогаш изразот модна икона и Македонија сé уште не одат заедно во иста реченица.
Што е она на што жената требa најмногу да внимава кога е облеката во прашање?
Фото: FWSK
Листата е предолга, но најважно е да и` прилега на градбата на телото и пригодата. Ќе си дозволам да бидам строга. Ако одреден коктел фустан изгледа одлично на некоја холивудска ѕвезда, независно од умешноста на кројачите, често изгледа смешно на девојките. Цирконите и светкавите материјали носени на дневна светлина само ги заслепуваат минувачите. Хеланките не се панталони ако сте конфекциски број поголем од 38ца.
Со кој светски модел би сакала да соработуваш и зошто?
Светски, но наш – Катарина Ивановска. Ми се допаѓа нејзината природност и енергија која одлично прилега на мојата дизајнерска визија. Се надевам набрзо ќе имаме можност за соработка.
Каде можеме да ги најдеме твоите креации?
Фото: Фросина Илиевска
Засега се достапни во моето ателје, Lotus Design Store во Skopje City Mall, во Just because. Concept store, al.to во Љубљана и онлајн насекаде во светот на bastetnoir.com
Дали е тешко да се биде дизајнер во Македонија и кои се главните проблеми со кои се соочуваат нашите дизајнери?
Предизвик е континуирано да твориш и создаваш во нашите услови. Пазарот е мал, постои недостапност на материјали, а текстилната индустрија претежно е извозно ориентирана и не е посветена на градење локални брендови. Фелата се соочува со проблеми во одржливоста, заштита на авторските права и нелојална конкуренција. Сепак појавата на нова генерација на македонски дизајнери е доказ за креативниот капацитет и можностите за развој на модната индустрија овде.
А од каде ви е идејата да станете моден креатор?
Креација на Ирина претставена на Месецот на дизајн во Љубљана
Модата е моја љубов од најмала возраст. Често како анегдота раскажувам дека пресуден беше моментот кога ги исеков фармерките на татко ми за да направам ташнички за мене и другарка ми. Кога стигнав во Италија за да продолжам со постдипломските студии сфатив дека сонот станува опиплив и реален.
И за крај што би им препорачале на нашите читателки – на што треба најмногу да внимаваат доколку сакаат да бидат девојки со стил?
Фото: FWSK
Бидете природни и храбри во комбинирањето. Инспирирајте се од многуте модни блогови на интернет и излезете од униформираноста која ги гуши нашите улици. Никој не може да знае и биде добар во се’. Слободно барајте помош од дизајнерите секојдневно, не само за посебни прилики. Сигурна сум дека со задоволство ќе ви помогнат. Среќна сум кога одговарам на прашања на мојата фан страница на Facebook.