Игор, Лозано, Куку леле, ДНК и Врчак – Скопска новогодишна приказна во Кисела Вода
На 31 декември, под слоганот „Скопска Новогодишна приказна“, жителите на Кисела Вода и сите граѓани на Скопје ќе имаат можност да уживаат во целодневна програма со богати содржини за сите генерации стои во соопштението.
На платото пред спортската сала Расадник, Општина Кисела Вода ќе прослава на Новата 2025 година.
Настанот започнува во 10 часот со настап на Балетското студио „Лебед“, а ќе продолжи со Бисера Мојаноска и театарската група „Театар за тебе“. Малите посетители ќе уживаат во настапот на „Поточиња“, аниматорите и задолжителниот Дедо Мраз, кој овој пат ќе биде во друштво на ликот Гринч.
Вечерната програма започнува во 20 часот со „Куку Леле,“ а продолжува со Игор Џамбазов, кој е и водител на вечерта, и ќе настапи заедно со „Гуру Харе Бенд.“
Потоа, на сцената ќе се појават ДНК и Врчак, а кулминацијата и пречекот на Новата година ќе го означи настапот на Лозано.
„Додека од Град Скопје нема никаква најава за организирана прослава за најлудата ноќ, Општина Кисела Вода уште еднаш докажува дека е лидер во организирањето културни настани. Со домашни изведувачи кои се миленици на публиката, создадовме програма која ги обединува генерациите. Ова е наш подарок не само за жителите на општината, туку за целиот град. Ги поканувам сите скопјани да ни се придружат и заедно да ја пречекаме 2025 година со многу радост, музика и убави мигови. Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа „Скопска Новогодишна приказна“, која ветува незаборавна забава и многу позитивна енергија“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.