Еве колкави биле платите во Југославија и кој град од Македонија е единствениот што отскокнува
Најголеми плати примале во Словенија и Хрватска

Просечниот износ на личниот доход по жител во СФРЈ во 1980 година изнесувал нешто над 200 евра, а по вработен речиси 800 евра.
Како што пишува „Макроекономија.орг“, а пренесува српскиот Курир, гледано по жител, од 471 општини само 128 биле над просечната вредност, а тоа е и логично бидејќи најголемите градови со најголем број вработени и просечни заработки биле на врвот од листата. Во овие 128 општини од тогашна Југославија живееле 9.689.392 жители и имале во просек околу 330 евра (поточно 38.283 динари) по жител од вработените во општествениот сектор.
Во преостанатите 343 општини живееле 12.777.012 жители и нивниот просечен приход од заработка бил околу 115 евра по жител.
Принтскрин/ Инстаграм
Просечна стапка на вработеност
Просечната стапка на вработеност во СФРЈ била 26.3% од кои 5.9 милиони вработени на 22.5 милиони жители.
Поголема стапка на вработеност од просечната имале 154 општини, а помала преостанатите 317 општини.
Во првите 50 општини според стапка на вработеност, покрај словенските и хрватските од Македонија е само Штип.
Преостанати градови кои не се од Словенија и Хрватска, а се во првите 50 општини според стапката на вработеност се Будва на 18 место, Нови Сад на 22 место, Тузла на 27 Место, Штип на 30 место, Белград на 33 место, Сараево на 41 место, Ниш на 43 место, Цетиње на 44 место и Титово Ужице на 48 место.
На дното од листата се општините од потесна Србија, Косово и Метохија и Босна и Херцеговина, додека од Македонија и Словенија нема ниту една општина, а од Црна Гора и Хрватска само по едно место.
Од 50 општини со најголема просечна заработка по вработен дури 35 биле од Словенија и 7 од Хрватска, а останатите од цела Југославија.
Од главните градови надвор од оваа листа бил Титоград на 102 место и Скопје кое се наоѓало на 145 место според просечна заработка.
На дното од листата се наоѓаат најразлични места од сите републики и КиМ освен Словенија и АП Војводина.
Од Македонија тоа се – Неготино, Дебар, Берово, Кичево, Свети Николе, Брод, Виница, Крива Паланка и Валандово.
Од сето ова може да дојдеме до заклучокот дека сиромаштијата во СФРЈ била многу порамномерно расподелена отколку изобилството, но и дека Македонија ја нема речиси никаде на врвот на листите, освен можеби Штип кој по број на вработени бил на 30. место.