Сценарио и Режија: Spike Lee
Улоги: Danny Aielo, Ossie Davis, Spike Lee, Richard Edson, John Turturro, Samuel L. Jackson
Пред точно 22 години, најдобриот афро-американски режисер Spike Lee, го направи својот трет долгометражен филм, “Do The Right Thing”. Дело за паметење и долги дебати во Америка, кое на површина ги исфрла општествените проблеми на стереотипноста, длабоко вкоренети во расните поделби. Недостатокот од финансиски средства воопшто не ја нарушила неговата креативност, напротив, го исфорсирала да ја направи драмската фабула и поставката на самата сценографија така да неодминливо потсетува на театарска претстава. Целото дејствие се случува во едно маало во Brooklyn, во дијаметар од 50-на метри. Но тоа воопшто не ја намалува динамиката на филмот која е константна во текот на сите 105 минути, со тоа што во последните 15 го доживува врвот.
Во овој филм, Spike Lee ни ја прикажува Америка не како еден лонец што врие, туку како бојно поле на сите можни раси, нации и религии. Времето е многу жешко и самата жештина е катализатор која на виделина ги исфрла сите човечки фрустрации, нервози, па така сите на крај ќе се „испукаат“ едни на други. Во филмов на Lee, различностите не се претопуваат, туку се нафрлаат една на друга, затоа што не можат да се разберат – Црнците и Италијаните сметаат дека немаат ништо заедничко, иако живеат едни до други. Така Pino (John Turturro), иако ќе признае дека омилен кошаркар му е Magic Johnson, омилен глумец Eddie Murphy, омилен рок – музичар Prince, сепак уште со првото стапнување во споменатото маало (каде што работи) вели дека „го презира местото како болест“ ! Во целата ситуација Spike Lee ги уфрла Порториканците, Евреите и Корејците, чисто како зачин и како финална поента дека сите сме расистички идиоти. Филмот климаксира со убиството на еден млад црнец од рацете на полицијата, што предизвикува општ бунт кај ликалното население и кој бес ќе го искалат врз дуќанот на Италијаните.
Поентата на приказната е: “Always do the right thing!” (Секогаш прави го правото нешто –сл.прев.). И тоа токму во вакви ситуации, каде што неправдите и афектите доминираат и на моменти е тешко да се одреди што е вистинско нешто што треба да се стори. Во филмов авторот ги претставува и ставовите и филозофиите на двајцата најголеми црни борци за цивилните права во Америка, Martin Luther King Jr. и неговото христијанско рационализирање дека насилството не решава ништо, туку само води кон една бескрајна спирала на продлабочување на истото. И онаа ма Malcolm X, дека иако не треба да го браниме и стоиме зад насилството, сепак не треба да бидеме и против него кога се користи како самоодбрана! Останатото останува на партиципиентите во ситуациите, само да оценат кое е вистинското нешто што треба да се стори во дадената ситуација.
Како и во претходните негови филмови и во овој Lee не вози низ ситуациите со моќна и богата музика, од различни врвни црни музичари, во кои пред сé доминираат Public Enemy, со носечката тема Fight The Power, од нивниот албум “Fear Of The Black Planet”, која и повеќе од јасно ја пренесува пораката, дека човек не треба да биде пасивен набљудувач кога државата и општеството го пресираат и индивидуалецот и одредени групи.
Лесно може да се направи паралела паралела со ситуацијата од филмот и со она што се случува кај нас во Македонија и не натера сите нас да преземеме нешто во врска со тоа, или уште подобро да извлечеме поука за превенција! Така да филмот најискрено им го препорачувам (пред сé) на сите вистински филмофили, да уживаат и учат од оваа моќна драма како се прави богат филм, но и на сите останати кои ги интересира она што секојдневно се случува околу нас.
{youtube}muc7xqdHudI{/youtube}
За останати текстови, кликни тука!