Барате место за бегство од Скопје сосе децата? Најдовме гастрономски рај и спокојство во природа на само 15 км од Скопје
Го откривме шармот на „Вила Весница", вистински одмор од градската врева. Мезињата се врв, а кога ќе ви го донесат месото, сочно, се топи како путер, веќе сте прејадени, но сепак, продолжувате да дегустирате... Е, да, земете ги со вас и децата, ќе ви бидат благодарни за забавата.
На само 15 километри од центарот на Скопје, во срцето на недопрената природа, се наоѓа етно гостилницата „Вила Весница“ – место каде што руралниот шарм се спојува со топлината на домашното огниште.
Сместена во атарот на Чучер Сандево, во живописниот Чардак, на надморска височина од 475 метри, „Вила Весница” се простира на 3 000 квадратни метри, опкружена со зеленило и природен амбиент збогатен со речното корито кое минува покрај неа.
Тука, градската врева и смогот се заменети со мир, свеж воздух и незаборавни мигови. И да, уште понезаборавно јадење.
Гостилницата располага со зимски капацитет за педесет гости, додека во летните месеци може да прими до 200 гости под сенките на раскошните бели јавори.
За најмалите, обезбедено е безбедно детско катче, каде што игрите и смеата не престануваат.
Што да јадете?
Вкусете ја автентичната гастрономија, кујната тука е е симбиоза на традицијата и врвниот квалитет. Мнозинството намирници сопственикот Мечо со својот вреден тим сами ги произведуваат, а останатите ги набавуваат од локални производители, гарантирајќи свежина и автентичен вкус во секој залак.
Пробајте од овчото сирење, од домашните чварки, од домашната пита, пинџурот, од тавче-гравчето, секако со лепиња, па поминете на мераклиска скара, секако ако „издржите“ следува домашниот десерт.
Се нуди и комплетен гастрономски „протокол“ по цена од 940 денари за возрасно лице, но, доколку сакате, можете да изберете само дел од менито што најмногу ви се допаѓа.
Се вели „една слика – илјада зборови“, но ние проверивме дека една посета е илјада незаборавни вкусови и спомени.
Инаку, гостилницата „Вила Весница“ ја посетивме минатиот викенд, ама работи и за државни празници, односно душата ѝ е широко отворена за сите што веднаш ќе се вљубат во неа, од 12 до 20 часот.