Аплаузи за Сузана Спасовска – Златна бубамара за златното грло, заслужено признание за блескава кариера!
„Оваа Златна бубамара ќе се најде во витрините во мојот дом, каде што има уште многу други награди и признанија кои што сум ги добила во овие 39 години напорна, макотрпна работа во музиката. И ќе стои таму на најважното место се до следната“.

На неодамнешното доделување на наградите Златна бубамара на популарноста, особено внимание привлече заслужената награда која стигна во рацете на македонското златно грло Сузана Спасовска. Таа ја доби наградата за трајни музички вредности, а многумина се согласија дека уште од порано требала да ја земе оваа награда.

Но, некои нешта навистина пристигнуваат во вистински час, колку и да мислиме дека задоцниле, по Божја промисла. Наградата пристигна непосредно пред големиот јубилеј, 40 години музичка кариера на Спасовска.

Водителката Ирена Спировска ја доби честа да ја повика Спасовска на бината на Златна бубамара, и тоа го направи со многу стил (и знаење), како што ѝ заслужува нашата фолк дива.

„Со радост и со големо задоволство ја користам привилегијата што ја имам да ја најавам и да ја доделам следната награда за трајни музички вредности, на една музичка ѕвезда која долги децении блеска на нашето естрадно небо.
Таа порасна со музиката членувајќи во детскиот хор Развигорче, Пионерскиот дом Карпош, Младинскиот хор 25 Мај, за потоа да стане дел од вокалната група Сирма, групата Калиопи, групата Макакус.
Од денешна временска дистанца, можеби тешко ви е да ја замислите како дел од забавната естрада, но токму од таму започна, за потоа толку сигурно да се етаблира на врвот на македонската фолк музика што практично стана македонска икона на народната песна.
Следнава година таа ќе одбележи голем 40 годишен јубилеј, а во изминативе четири децении ѝ остави огромно музичко наследство на нашава земја.

Имаше стотини снимени народни песни и авторски песни, околу сто видео записи, 25 аудио изданија, единствена е која има печатена и дигитална монографија, беше дел од голем број самостојни проекти и проекти во соработка со еминентни музички автори и имиња од нашава земја.
Има остварено огромен број настапи, меѓу кои дури 22 турнеи во Австралија, но и во други земји ширум светот. А тука кај нас, е фолк изведувач со најголем број одржани самостојни концерти, вкупно 15 досега.
Минатата година го сними и првиот албум со православни црковни песнопеења Терирем, актуелен е нејзиниот најнов етно-проект Судбо моја.
Вредно е да се спомене дека токму таа го сними и првото ЦД во Македонија со обновени стари народни песни на нашите легенди, во сега веќе далечната 1996 година. И на тоа ЦД се најде и песната Билбил пее, која ќе имаме можност да ја слушнеме и вечерва, во придружба на нејзиниот колега од танец Александар Јовевски.
Дами и господа, наградата за трајни музички вредности ја добива жената со ангелски глас, златно грло, жената која со право ја нарекуваме Сузе Национале, затоа што е наше национално богатство. Првенката на националниот ансамбл Танец, Сузана Спасовска“ – рече Ирена.



Сузана Спасовска блесна на бината облечена во црвен фустан со макси должина и вградена црвена наметка. Изгледот го надополни со црвен накит, додека косата ѝ беше средена во бранови.

По изведбата на „Билбил пее“, Сузана ја прими нагрдата за трајни музички вредности, и ѝ се обрати на публиката.
„Добра вечер, здраво-живо драги пријатели, драги луѓе што ја сакате македонската песна. Го почувствував тоа во вашиот аплауз, а пред тоа и во вашата занеменост. Ова е една стара песна, ова е само еден фрагмент од таа песна, од 1996 година.
Благодарам Ирена за прекрасната најава, Ирена секогаш ги прави најубавите најави за мене. Многу сум среќна што ми е пријателка и другарка. Благодарам од се срце. Бидејќи многу работи знае за мене, бидејќи ја следи мојата долгогодишна кариера“ – се насмеа Спасовска па продолжи:
„Оваа Златна бубамара ќе се најде во витрините во мојот дом, каде што има уште многу други награди и признанија кои што сум ги добила во овие 39 години напорна, макотрпна работа во музиката. И ќе стои таму на најважното место се до следната.
Бидејќи, кажа Ирена, дека сум од минатиот век, токму затоа му благодарам на Бога што имав можност да се дружам, да патувам, да музицирам со нашите големи музички легенди на кои вечерва ние ќе се потсетуваме. И од нив многу учев и научив за да можам денес да оставам нешто зад себе, да оставам траги во времето, трајни вредности и еден урнек за помладите генерации.
Сѐ тоа не можев сама да го направам, го направив со моите соработници, на кои што сакам да им се заблагодарам од сѐ срце, бидејќи сите тие ставија по едно камче со различна боја во еден разнобоен и уникатен мозаик наречен Сузана Спасовска. Им благодарам од сѐ срце.
Пред македонското златно грло да отпеа уште една песна, следуваше видео од архивата на Македонската телевизија на кое беше прикажан аманетот на големата Васка Илиева за Спасовка.
Имено, Илиева, своевремено рече дека „Македонија раѓа пејачки“, мислејќи на Спасовска, на што Сузана се заблагодари дека Васка токму неа ја одбрала да биде нејзина наследничка на сѐ тоа што таа дотогаш го работела. На видеото беше прикажано како Спасовска пред Илиева ветува дека ќе ја сака македонската песна, дека ќе ја чува македонската песна и дека ќе ја носи секаде каде што Васка дотогаш ја носела.
Потсетуваме, на почетокот на годинава, гламур.мк направи мегаинтервју со Сузана Спасовска, објавено во два дела.
Во првиот дел (прочитајте го интервјуто – ТУКА), со Сузана Спасовска зборувавме за нејзиниот музички живот од почетоците до денес, за старото Скопје, за турнеите, за тоа дека сакала да биде оперска пејачка.
„Сакав да бидам оперска пејачка. Отсекогаш ме интересирала друга музика, не ме интересирала народната музика, но ете, Господ ми дал да се занимавам баш со народната музика цел живот“, ни рече Сузана.
Во вториот дел од мега интервјуто (прочитајте го интервјуто – ТУКА), зборувавме за литургиската песна, за новото ЦД насловено Терирем, но и за вербата во Бога.
„Ова це-де јас го подарив на верниците преку црковното списани „Премин“, подарив 1.100 парчиња од издадени 2000 парчиња, останатиот дел го подарив на луѓе кои сакаат да слушаат ваква музика. Значи, можеше, преку „Премин“, да се најде и во црквите.
Инаку, како еден вид на сувенир што го купуваат може да се најде во Матица ексклузив, но тоа се многу малку примероци.
Сакав овој прв тираж да го подарам на народот, го направив за да има едно образовно и терапевтско дејство. Колку што можам да слушнам од тие што го слушнале, сите ми се благодарни, и на Бога му се благодарни првенствено, бидејќи ова е божја промисла, не е мое, ова е на Бог.
Сакав да го направам, вложив во него и не побарав ниту спонзор ниту поддршка ниту ништо. Побарав благослов од поглаварот, но и консултации од Протопсалтот м-р Георгиј Секулоски и поддршка од црковниот клирос “Пелагонитиса”. Драго ми е што на многу луѓе кои навистина имаат желба да ја слушаат оваа музика им го овозможив тоа“, ни рече Сузана во интервјуто и додаде: