Перо Антиќ ја покажа својата големина
Но овој пат не на кошаркарските терени, туку реши да му помогне на својот колега, поранешниот кошаркар Стеван Гешовски Гешо и да ги покрие преостанатите трошоци што му требаат за да замине на терапија со матични клетки во Москва. Претходно МЗТ Скопје и Работнички изиграа дерби од хуманитарен карактер, а парите беа наменети токму за операцијата. Но откако не беа собрани доволно средства, Антиќ реши самиот да ја покрие разликата покажувајќи дека е хуманист со големо срце. Ова информација ја обелодени раководството на КК Гостивар, каде Антиќ е еден од членовите на управата:
„КК Гостивар и претседателот Перо Антиќ, се приклучуваат кон хуманитарната акција за помош на кошаркарската легенда, Стеван Гешовски Гешо, кој што пред две години доживеа исхемичен мозочен удар. Како последица на тоа, Гешовски има отежнат говор, парализирана десна страна и болки во екстремитетите, за што најадекватна метода за лекување е терапија со матични клетки во Москва. Лекарите веруваат дека со помош на оваа терапија би ги вратиле моторните функции на екстремитетите, неговиот говор и дека тој би бил ослободен од константните болки.
Терапијата со матични клетки во Москва чини 17.000 евра, до кои што на Гешо му недостасуваат уште 8.000 евра, сума што ќе ја обезбедат КК Гостивар и претседателот Перо Антиќ. Со овој хуман гест, се надеваме дека ќе му помогнеме на Гешо, да го врати животот што го имаше претходно“ – се вели во соопштението на гостиварци.