Реклама
Интервју

Алек Наумовски: „Прекрасно е чувството кога ќе ги видиш своите модели како чекорат на пистите рамо до рамо со најпознатите светски манекенки“

Реклама

Алек Наумовски е лице кое лесно се памети. 

Тој е еден од нашите најуспешни модели кој не само што се има пробиено на локалната, туку и на светската сцена. Својата кариера ја почнува на 17 годишна возраст во агенцијата на Надица Георгиева The Face, а потоа веднаш со ангажмани заминува за Виена. Но Алек е повеќе од тоа – тој долги години ја води и модната агенција Моделс Ин, сега е радио водител, а на личен план е голем љубител на музиката на Amy Winehouse и горд сопственик на неговата 17 годишна мачка Маријана. Тој за себе кажува дека се води по мотото: секогаш биди спремен на нов почеток,зашто сигурноста не’ прави мрзеливи! Со Алек денес позборувавме за неговото искуство и успех во модата, како и за тоа како е да се работи во таа сфера кај нас.

Маркетинг

По доста време на модната сцена и безброј успешни проекти зад себе, ќе сакаш ли на кратко да ни кажеш кои беа твоите почетоци во модата и што се има сменето од тогаш до сега?

Маркетинг

Почнав со моделинг пред 25 години,сосема случајно во дискотека ме откри Надица Георгиева прати мои слики во Виена и така бев повикан од нивна страна за тест шутинг. Виена ми беше базата а патував во други земји кога бев букиран за работа .Имав многу различни и добри проекти во тоа време ,сликав за модните магазини Max ,Wienerin ,Madame, ревии за Stefanel, Mex, Boss … како и рекламни кампањи. Инаку многу работи се променија , како на пример сега благодарение на социјалните мрежи одма може да ги добиеш материјалите што си ги работел, во тоа време ќе поминеа месеци додека успеав да најдам нешто од сработеното. Сега е премногу брзо и динамично, па можеш веќе следниот ден да добиеш се што ти треба.

Што ви беше првичната идеја и мотивација кога ја започнавте агенцијата Моделс Ин?

Моделс ИН постои веќе 17 години ,инаку првичната идеја за да се отвори една модна агенција беше и остана намерата да пласираме наши модели во странските модни агенции. Тоа и се случи низ сите овие години,затоа имаме уште поголема желба да работиме на едукација и градење на кариерите на новите модели. Тука би додал , дека не е пресуден само изгледот на еден модел ,туку склоп на повеќе карактеристики како личност, харизма, упорност и константна работа на нивните перформанси. И секако многууу откажувања :)

„За еден модел не е пресуден само изгледот, туку склоп на повеќе карактеристики како личност, харизма, упорност и константна работа на нивните перформанси. И секако мноooгу откажувања“

Твоето име не само што секогаш се поврзува со Моделс Ин, туку мислам дека е и станато синоним за професионалност во модниот свет кај нас. Колкав предизвик е да се одржи тоа ниво тука?

Па најверојатно сите ние имаме некаква визија и посакуваме работите да одат во правец по кој сме замислиле дека треба, во секој случај како и во било која друга работа треба да се има висок критериум за нештата , постојаното информирање и вложување во самата работа како и љубовта дава некакви резултати. Нема поубаво чувство од тоа да ги видиш своите модели како чекорат на писта рамо до рамо со докажани светски модели. И само тогаш знаеш дека си работел правилно низ годините .

„Потенцијалот веднаш се препознава, но после тоа следува огромен труд и работа низ годините за да може да има резултати. Тоа не зависи само од мене туку во голема мера и од самиот модел, колку е спремен да работи и да се подобрува.“

Модели под твое менторство успеале да стигнат и на светските познати писти и магазини. Дали кога ќе почнеш да работиш со некое ново лице веднаш знаеш дали го има потенцијалот да го постигне тоа?

Да и премногу сум горд на нивните успеси ,почнувајќи од Мартина Павловска ,па Ана Калачоска, Андреј Клинчаров, Лазар Вуковиќ … Ана Серафимовска , Јована Нешова и секако Елена Реи. Сепак успехот на Елена Реи остави длабока трага, бидејќи за кратко време успеа да работи со најголемите и врвни имиња од светот на модата. Со заеднички сили и постојана борба е патот во градењето на професионална кариера како модел. И да потенцијалот одма се препознава, но после тоа следува огромен труд и работа низ годините за да може да има резултати. Тоа не зависи само од мене туку во голема мера и од самиот модел …колку е спремен да работи и да се подобрува.

А колку си горд кога некое од твоите лица ќе постигне толкав успех?

Прегорд, паметам кога Елена Реи беше заштитно лице на ревијата за Келвин Клајн ми се јавуваа од цел свет со искрени честитки, како и еден вид потврда за сета претходна работа на нејзината кариера.

Со оглед на искуството со работа и надвор и кај нас- што мислиш дека фали на модната сцена во Македонија во моментов?

Па првенствено моделите да научат што е одговорност и професионалност, секако ако сакаат да изградат успешна кариера, потоа да се направи една солидна дистинкција што е мода а што шоу биз, и секој во оваа фела да го вреднува и цени трудот и твоето време.

Моментално водиш и радио емисија. Како се случи тоа и дали имаш некои предизвици во таа професија?

Уште како мал бев дел од детската радио драма под водство на Софија Врчаковска, па таму ги стекнав сите познавања за радиото. Научив што е правилно говорење, дикција и кога во една реченица треба да се земе воздух хахаха Имав огромна среќа да учам од најдобрите актери во тоа време и воедно да бидам дел од многу радио емисии како Шарена Емисија или Добро утро другарчиња. Целото тоа искуство на моја голема среќа го споделував со доајените на македонското радио како Цветанка Трпкова, Божо Софрониевски, Таска Балабанова …Па после многу години станав дел од тимот на Урбан ФМ и некако природно си продолжи таа заедничка хемија. Радиото е љубов и музика, па затоа има некаква магија која трае.

Модата на страна, стилот ти е секогаш беспрекорен. Кој е твојот совет за градење на сопствен стил?

Благодарам J , секогаш сум се потпирал на себе и внатрешниот глас кога е во прашање стилот, треба некој период човек да експериментира за да дојде до она што се нарекува сопствен стил, тоа е нешто што се гради низ годините и се негува. За мене важи правилото More is less. Деталите се многу важни и секако ускладеноста на бои и нијанси.

Гледајќи наназад на кое достигнување до сега си најгорд?

Па најверојатно кога ме повикаа во Виена и добив шанса да бидам за прв пат дел од професионална модна агенција и секако набрзо се случи мојот прв договор на две години.

Дали има нешто што доколку би можел, би постапил поинаку на професионален план?

Од оваа дистанца секако дека би сменил неколку работи, но животот ме научи дека сето минато е едно големо искуство и работите се случуваат за да научиме од сопствените одлуки. Не би ги нарекол грешки бидејќи се едноставно корисна лекција.

На што работиш моментално и дали имаш некои интересни проекти за во блиска иднина?

Па продолжуваме со забрзано темпо во подготовка на новите курсеви за модели кои би требало да почнат во месец oоктомври, потоа во исчекување на светскиот избор за модели Лице на година кој ќе се случи во Таормина – Сицилија со девојка како наша претставничка од Моделс ИН ,и еден нов ангажман кој треба наскоро да се случи, но ајде да не си баксузирам :)))

 

Текст и фото: Ерина Богоева

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button