Изложба на фотографии на Ерина Богоева во едно од најурбаните места во центарот на Скопје
Една од нашите омилени фотографки, Ерина Богоева, на 01.03 ќе има изложба во едно од најдобрите места во градот.
Имено, станува збор за изложба на фотографии со наслов „Четири годишни времиња и малку љубов“ во кафе-продавницата Wonderlust кое се наоѓа на улица Македонија во центарот на Скопје. Ова е трета по ред изложба на младата талентирана фотографка чии прекрасни фотографии можете да ги сретнете и на Инстаграм (@poison_grl).
„Човекот како неделив спој со природата на свој начин ги доживува нејзините различни промени низ циклусот на нашето поднебје како четири годишни времиња. На истиот начин и фотографот и низ својата душа и низ својот објектив ја овековечува симбиозата на промените во природата и своите чувства. Ако вашите спомени за годишните времиња се поклопат со окото на фотографот во одредената секвенца во која е создадена фотографијата тогаш би било убаво тој спомен да можете да си го однесете дома или да го подарите некому. А љубовта….? Што сѐ може да се каже за љубовта….?! Но, во овој случај за неа проговорува уличната уметност со многу едноставен јазик одново во вид на безверемен кадар во објективот на фотографот. И одново, прикажано на овој начин, таа љубов станува достапна до сите нас.“ пишува во описот на настанот.
Ерина Богоева е родена на 02.07.1988 во Скопје. Таа е дипломиран филолог на катедрата по Англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Р.Македонија и магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија при Нотингам Универзитетот, Велика Британија. Таа освен како фотограф работи и како театарски продуцент.
Изложбата ќе биде од продажен карактер, a од менито ќе можете да изберете преубави фотографии, подметачи за чаши и магнетчиња.
Па, се гледаме во среда во Wonderlust во 20.00 часот!
Нашето интервју со Ерина можете да го прочитате тука >>