Старец Пајсиј Светогорец за неверството и за љубовта во бракот
Меѓу сопружниците треба да има прочистена љубов, за да имаат взаемна утеха и за да можат да ги исполнуваат и нивните духовни обврски.
Ме праша некој: „Старче, што најмногу го соединува мажот со жената?“ „Благодарноста“, му велам. Едниот го љуби другиот во она што го подарува. Жената му дава на мажот доверба, предаденост, послушност. Мажот ѝ дава на жената увереност дека може да ја заштити. Жената е господарка на домаќинството, но и негова голема слугинка. Мажот е управител на куќата, но и носител на нејзиниот товар.
Меѓу сопружниците треба да има прочистена љубов, за да имаат взаемна утеха и за да можат да ги исполнуваат и нивните духовни обврски. За да живеат хармонично, потребно е да ја стават, уште од почеток, како темел на нивниот живот љубовта, вистинската љубов, којашто се наоѓа во духовното величие, во жртвата, а не во лажната, световната, телесната љубов. Ако постои љубов, жртва, тогаш човекот секогаш се става на местото на другиот, го разбира, сострадува со него. Кога некој ќе го прифати во своето срце ближниот, таквиот човек, всушност, Го прима Христа внатре во себе, Којшто тогаш го преисполнува со Својата неискажлива радост.
Кога постои љубов, дури и да се оддалечени, сопружниците се сепак блиску, затоа што за љубовта Христова не постои растојание. Но, ако не дај Боже, помеѓу нив нема љубов, тогаш тие, макар и да се блиску еден до друг, всушност ќе си бидат далечни. Заради тоа секој од сопружниците треба да се труди во текот на целиот живот, да ја чува љубовта кон другиот, принесувајќи се себе си како жртва за него.
Телесната љубов надворешно ги соединува луѓето со световно настроение, и тоа само онолку колку што во нив имаат трајност „светските квалитети“. Кога тие квалитети ќе исчезнат, тогаш телесната љубов ги разделува луѓето, и тие пропаѓаат. А онаму, пак, кадешто е присутна духовната, онаа вистинска љубов, дури и ако еден од сопружниците ги изгуби „телесните квалитети“, нив тоа нема да ги раздели, туку уште повеќе ќе ги соедини. Кога постои само телесна љубов, тогаш, на пример, жената може ако забележи дека нејзиниот сопруг се загледал во некоја друга, да му фрли сулфурна киселина в лице и да го ослепи. Но, кога би го љубела со чиста љубов, можеби би почувствувала уште поголема болка заради него и би гледала на некаков одмерен начин да го врати на прав пат. Така доаѓа благодатта Божија.
Еднаш ми дојде во келијата еден Грк од Америка, инаку лекар по занимање. Видов како блескаше неговото лице, па се потрудив ненаметливо да го распрашам за неговиот живот. Ми рече: „Оче, јас сум Православен, но до неодамна ниту ги држев постите, ниту, пак, одев често в црква. Една вечер паднав на колена во својата соба, молејќи го Бога за еден проблем кој длабоко ме засегаше, и одеднаш собата се исполни со некоја слатка светлина. Цел час не гледав ништо освен таа светлина, истовремено чувствувајќи неискажлив мир.“ Бев восхитен кога сфатив дека овој човек се удостоил да ја види Нетварната Светлина, па го замолив да ми раскаже што му претходело на тоа. Ми рече: „Оче, женет сум и имам три деца. Во почетокот сѐ беше во ред во семејството. А потоа мојата жена, немајќи веќе трпение да се занимава со домот и децата, побара да излегуваме со нејзините пријатели. Направив како што бараше. По некое време, рече дека во иднина би сакала да излегува сама со своите пријатели. Го прифатив тоа и почнав јас да се грижам за децата. Подоцна веќе не сакаше да одиме на одмор заедно, туку бараше пари за да оди сама. Потоа ми бараше стан во кој би можела да живее сама. И тоа ѝ го исполнив, но таа тука ги собираше своите љубовници. За сето тоа време се обидував да ѝ помогнам на разни начини, со совети и сл., за да се сожали над нашите деца, но сѐ беше залудно. На крајот, земајќи поголема сума на пари од мене, исчезна. Ја барав, насекаде се распрашував, но безуспешно. Ѝ се изгуби секаква трага. Еден ден ми кажаа дека дошла овде, во Грција, и дека сега е во некоја јавна куќа. Мојата болка за нејзиниот пад не можеше да се опише. Во својата тага, паднав така на колена да Му се помолам на Бога: ’Боже мој’, реков, ’помогни ми да ја најдам и да сторам сѐ што можам да не пропадне нејзината душа. Не можам да ја поднесам состојбата до којашто стигнала.’ И тогаш ме обзеде таа светлина, исполнувајќи го со мир моето срце.“ „Брате“, му реков, „гледајќи го твоето трпение, твојата незлобивост и љубов, Бог на тој начин те утешил.“
Затоа и велам дека мирјани ќе ни судат. Гледате? Еден лекар во Америка, и тоа со каква сопруга, во какви околности и во какво опкружување живеел, а со што се удостоил!