Искрен разговор со Ивана Чолаковска, нашата сограѓанка која патува околу светот со мотор
Повторно се среќаваме во интернет просторот со нашата пријателка, Ивана Чолакоска, која веќе неколку години патува со нејзиното момче околу светот со мотор.
Во моментов тие се наоѓаат во Мексико…
Нашите способности се неограничени. Сè што треба да направиме е само да почнеме да веруваме во самите себе! |
Кога последен пат се слушнавме со неа, Ивана и Ману беа приморани да се стационираат во едно малечко градче во Чиле бидејќи во една незгода Ивана ја скрши ногата и мораше да почека да и заздрави пред да го продолжат патувањето (ова интервју можете да го читнете тука). Потоа таа продолжи понатаму автостоп, а Ману ја следеше со моторот и така поминаа уште неберојатни 5.000 километри и стигнаа во најодалеченото место на планетата, Ушуаја. Секако, не запреа тука туку продолжија понатаму по својот пат кој ги одведе во Мексико.
„Досега поминавме преку 80 илјади километри низ 39 земји и 5 континенти“, вели Ивана. „Патувањето го започнавме на 17 април 2013. Пред неколку дена наполнив 30 години и во моментов единствената работа која ми паѓа на памет кога ќе се разбудам е да го спакувам шаторот, да стоплам вода за утринското кафе и да ги спакуваме тробите на моторот за да го продолжиме патувањето за кое не знам точно како и каде ќе заврши.“
Инаку, оваа храбра девојка се одлучила да тргне на ова возбудливо патување веднаш по завршувањето на правните студии на отсекот меѓународно право. Со овој нејзин проект таа сака да го запознае светот непосредно, но и да ги отстрани предрасудите за религиите и расите кои постојат меѓу нас. Таа вели дека каде и да отидат, сите луѓе ги пречекуваат со отворени врати, што им овозможило да сфатат дека луѓето без разлика на културата и потеклото и не се разликуваат многу. „Иако е тешко, продолжувам со насмевка, бидејќи кога ќе видиш како сонот станува реалност, се заборава на сите пречки и тешкотии. И сфаќаш дека навистина вреди“, вели таа.
Ова патување веќе трае долго време и е исполнето со секакви очекувани и неочекувани предизвици. На прашањето каде се гледа себеси во иднина и дали размислува што ќе прави еден ден, кога ќе го заврши ова патување, и кога ќе треба да се стационира некаде, таа со насмевка објаснува: „Многу пати ги слушам луѓето како ми кажуваат дека доколку на овие години немам соодветна и стабилна работа, куќа или стан, неколку деца, ќе доживеам тешка депресија. И сега кога веќе наполнив 30, единственото нешто што ме преокупира е да имам наполнети батерии на камерата за следниот ден.“
NO PASARAN!
Многу интересен пристап кон животот. Сигурна сум дека многумина и завидуваат. Посебно оние што се веќе врзани и обврзани со семејство, работа, фирми и сл. и кои ниту во најлудите сништа не можат да си помислат да направат вакво нешто. „По неколку години патување околу светот сфатив дека се важни моментите, а не материјалните нешта. Имам многу малку работи кои ги носам со себе и со кои патувам со мотор низ различни земји, но не можат да се избројат искуствата кои ги носам и кои претставуваат остварување на мојот сон. А тоа е она што ми е најважно!“, објаснува Ивана.
„Ова е мојата формула која ме прави среќна и ми дава позитивна енергија и не ми дозволува да размислувам за лошите нешта. Живееме во 21 век во кој да се биде жена подразбира нешто друго. Нашите способности се неограничени. Сè што треба да направиме е само да почнеме да веруваме во самите себе, бидејќи никој не може да одреди што треба да не прави среќни или која е целта која треба да ја исполниме.“ Нејзиниот заклучок е дека секој човек треба да биде силен и храбар и да се спротивстави на гласовите кои постојано ги слушаме и кои постојано ни кажуваат што треба да направиме за да бидеме среќни. Доколку сме во потрага по вистинската среќа, тогаш треба да го слушаме само сопствениот внатрешен глас кој ќе ни го покаже патот.
„Од дома излегов со цел да патувам и тоа беше пред речиси осум години од кои последните две и пол години ги поминав на ова патување околу светот со мотор. Без да знам каде точно ќе одам. Патување во кои треба да се соочам со многу пречки, тешкотии и ризици. Но, јас бев силна и ги следев моите желби и соништа. Почнав да го правам она што навистина го сакав, иако тоа изгледаше тешко и невозможно. Сега откако запознав голем дел од светот во кој живееме, запознав многу жени кои се на моја возраст кои ги живеат своите соништа, и кои немаат никаква криза во животот. Не барем во смисла на она дека треба да бидеме нешто друго, нешто за кое не сме подготвени во моментот. Токму затоа ги поканувам сите да бидат една од нас“, низ насмевка вели Ивана.
Па, доколку сакате да ги следите предизвиците на оваа девојка на нејзиното патување околу светот, информирајте се преку нејзината Фејсбук страна Aroundgaia како и на веб страната www.aroundgaia.com.