Редовното пиење на овие чаеви ќе ви помогне да се ослободите од вишокот килограми, а воедно и да го намалите ризикот од срцеви болести и дијабетес.
Секој од наведените чаеви поседува одредени својства кои го помагаат слабеењето, на пример го намалуваат чувството на глад, го забрзуваат метаболизмот или топењето на масните наслаги. Треба да се пијат 3-4 шолји чај на ден, секако без додавање на шеќер.
Зелен чај – го забрзува метаболизмот
Се препорачува да пиете зелен чај пред вежбање, бидејќи така ќе го забрзате процесот на топење на масните наслаги. Едно неодамнешно испитување покажа дека испитаниците кои во тек на 12 недели пиеле зелен чај во комбинација со вежбање од 25 минути дневно изгубиле 2 килограми повеќе од испитаниците кои не пиеле зелен чај. Зелениот чај ги има овие својства благодарение на катехините, флавоноиди кои делуваат на разградбата на масното ткиво, посебно во пределот на стомакот и половината, и ја подобруваат способноста на црниот дроб да ги претвори мастите во енергија.
Оолонг чај – топи половина килограм неделно
Оваа комбинација од зелен и црн чај изобилува со катехини кои го забрзуваат слабеењето така што ја забрзуваат оксидацијата на мастите и нивното согорување. Оолонг чајот ја подобрува функцијата на ензимите, што од своја страна го ослободува вишокот на триглицериди, односно масните наслаги во телото, и на тој начин го помага слабеењето, но и намалувањето на крвниот притисок. Едно истражување спроведено во Кина покажа дека испитаниците кои редовно пиеле оолонг чај изгубиле до 4 килограми за 6 недели, што претставува всушност просек од повеќе од половина килограм неделно.
Чај од нане – ја намалува желбата за благо и грицки
Кога ќе почувствувате желба да грицнете нешто, едноставно направете си чај од нане, уживајте во мирисот и вкусот и слабејте! Некои мириси можат да ја потиснат гладта, да го намалат апетитот или желбата за нешто благо или грицки. Истражувањето објавено во списанието „Журнал за невролошка и ортопедска медицина“ покажа дека лицата кои мирисале нане на секои два часа изгубиле околу 3 килограми за еден месец, без никаква посебна диета. Исто така, и чајот од нане, благодарение на неговиот мирис, е одлична помош кога ќе почувствувате глад или желба да грицнете нешто.
Бел чај – спречува настанување на нови масни наслаги
Белиот чај, како и црниот, зелениот и оолонг чајот, се добива од растението Camellia sinensis, но овој чај најмалку се преработува и содржи најмногу антиоксиданси од овие чаеви, како и три пати повеќе полифенол од зелениот чај. Низа истражувања покажале дека белиот чај може да ја поттикне разградбата на масните наслаги и истовремено да го спречи настанувањето на нови масни клетки. Белиот чај е познат еликсир за младост, долговечност и убавина, кој помага да се ослободите од вишокот килограми, но и да го заштите организамот од болести и да го зголемите имунитетот, бидејќи е многу силен антиоксиданс.
Рооибос чај – ја намалува гладта
Рооибос чајот се добива од листовите на јужноафриканското растение Aspalathus linearis. Овој чај е богат со флавоноиди, феноли и полифенолни киселини, од кои најважни се аспалатинот и катехинот. За својствата на катехинот веќе кажавме, додека аспалатинот ги намалува хормоните на стрес кои предизвикуваат глад и складирање на маснотиите, и кои се поврзуваат со заболувања како висок крвен притисок, кардиоваскуларни болести и дијабетес. Според тоа, рооибос чајот е одлично средство за намалување на гладта, и што е најубаво, овој чај не содржи ниту кофеин ниту теин, така што можете да го пиете колку сакате.
Извор: vijesti.hr