Летната сезона покрај модните трендови секогаш носи и интересни новитети кога се козметичките производи во прашање.
Фотографии (редоследно): Фросина Илиевска, Миладин Паповиќ, Фросина Илиевска, Max Factor, HLVK by Goran V. Popovski, Lancôme, Max Factor
Во овој контекст поразговаравме со познатиот македонски шминкер Виктор Мирчевски од кого побаравме да ни открие неколку интересни совети за оваа сезона поврзани со декоративната козметика. Од него побаравме да ги сподели со нас најпопуларните мејк-ап трендови, како и производите што според него се „must-have“и кои би требало да ги имаме во нашите козметички чанти. Еве што предлага тој:
Кој е според тебе најпопуларниот тренд за оваа сезона?
Во тренд се едноставни концепти. Ако можете да си ја опишете шминката во една реченица, тогаш сте на правиот пат. Најпопуларни се: бронзениот и сјаен тен; интензивен детаљ во боја на очите; природен изглед; зачадени очи во ладни тонови; усни во темни нијанси на црвено овошје; бушави веѓи.
Одберете го она што ви прилега. Шминката е важно да е соодветна за вашите очи и лице, а не на модните случувања.
ПОДЛОГА
Освен правилниот избор на нијансата, она што е најважно при нанесување на пудра е таа да има иста температура како лицето за да се впие во кожата. На лето, доволно е да ја оставите 20тина секунди на неколку точки на лицето за да се затопли. Кога нанесувате пудра секогаш започнувате од центарот на лицето движејќи се кон надворешните делови. При нанесување коректор внимавајте да не биде пресветол. Она што сте го користеле во текот на зимата нема да ви одговара преку лето.
Хидратантните пудри што имаат фактор за заштита од сонце се најправилниот избор за лето. Ваква формула има Encre De Peau на Yves Saint Laurent. Текстурата е лесна, трае 24 часа и има фактор за заштита од сонце 18.
Доколку немате тен на којшто му е потребно посебно изедначување или прекривање одлучете се за BB („Blemish/ Beauty Balm“), CC („Color Correcting“) и DD („Dynamic Do-All“) кремовите или едноставно ставете многу малку коректор каде што е потребно.
БРОНЗЕР
Бронзениот изглед е секогаш хит во летната сезона. Наједноставен начин да одредите каде да го нанесете бронзерот е да погледнете некоја ваша фотографија од летен одмор. Бронзерот се става онаму кадешто природно темнее лицето. Поминете со дланките по лицето. Оној дел што што е испакнат е на прв удар на сонцето. Нанесете врз јаболкниците, на челото и на брадата. Оваа сезона ги користам бронзерите на Max Factor бидејќи се достапни во две нијанси. На пазарот има голем избор. Важно е да одбегнувате нијанси што се премногу црвенкасти. Ако купите таков бронзер по грешка, користете го наместо руменило.
КАРМИН
Интензивните нијанси во боја на црвено овошје се популарни оваа сезона. За повеќето дами добра вест е што, овој пат, контурата не мора да биде прецизна. Нанесете го со четка нерамномерно и потоа природно размачкајте … како да сте се бакнале.
Вообичаено потребно е руменилото и карминот да се во хармонични нијанси. Затоа ми се допаѓа Kiss and Blush на Yves Saint Laurent. Има формула што дозволува да го користите како кармин, но и како руменило. Се нанесува со кружни движења и тапкање.
МОЛИВ ЗА ОЧИ
За очите да бидат прецизно врамени важно е да го обоите просторот помеѓу трепките. Тоа ќе го направите на едноставен начин со подигнување на горниот капак. Ако сакате да постигнете прецизна линија, а не сте вешти, можете да користите контакт картичка како шаблон. Поставетеја во косина и цртајте како со линијар.
Тушевите за очи во облик на фломастери се навистина практични и заштедуваат време, а вообичаено се и потрајни. Мој омилен е „Lancôme Liner Plume“.
МАСKАРА
Трепките прават голема промена во шминката. Пред нанесување маскарата препорачувам да користите виткач за трепки. Нема потреба за страв доколку сте ја провериле гумичката на виткачот пред користење. Заменете ја доколку има длабока трага во средината. Извиткувате на три места. Во близина на коренот на трепките, во средината и пред крајот. Вака извиткувањето ќе биде во лак и трепките нема да изгледаат прекршено.
При нанесувањето маскара, важно е во коренот на трепките да нанесете доволно продукт. Ако повеќе маскара имате на врвот на трепките со време ќе се изгуби извитканоста. За да избегнете грутки, правете движења лево-десно.
„Max Factor – Masterpiece Transform“ е маскара којашто во моментовми е омилена. Има тенка четка која овозможува прецизна апликација и разделување на трепките.
Посети го Инстаграм профилот на Виктор тука »
Viktor Make-up »