Стил (како и памет) или имате или немате, а иницијативата за спас на ГТЦ е доказ дека граѓаните на Скопје имаат стил.
Ова е само една од причините зошто и ние како медиум целосно застануваме зад граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ и ја поддржуваме организацијата на референдумот на кој се надеваме дека граѓаните ќе излезат и ќе кажат НЕ на барокизација на овој стар симбол на постземјотресно Скопје. Покрај ова, исто така ја поддржуваме и иницијативата на „Го сакам ГТЦ“ Градскиот трговски центар воедно да биде прогласен и за културно наследство од особено значење, и со тоа веднаш да го направиме најмалото нешто кое можеме да го направиме за овој објект, но и за самиот автор кој во една пригода има кажано: „Не прашувајте ме што ќе сторам јас за градот — прашајте се што ќе направиме заедно за Скопје“.
Но, ако се прашаме како се случи воопшто да дојдеме до ова дереџе, односно да мораме еден од најзначајните архитектонски објекти во градот да го спасуваме со гушкање и референдум, мораме искрено и отворено да кажеме дека до некаде сме разочарани. Ова првенствено се однесува на невладините организации кои малку како да закаскаа во остварувањето на она што е нивната основна цел, и кои трошат големи пари за развој на граѓанскиот сектор, а ние упорно одиме кон дното. Покрај ова, за критика е и самата општина Центар, па и граѓаните на целата држава, особено нашата културна елита (како и МАНУ!) која што дозволи да ни се случи ова што ни се случува и која досега не успеа да ги артикулира вистинските вредности на начин кој не остава простор за импровизации.
Некако како да забораваме, а воедно и да не придаваме големо значење на тоа дека ГТЦ е објект изграден во согласност со идеите за Скопје на еден од најголемите архитекти на 20 век, Кензо Танге. Секое дело, односно објект на кој што работел јапонскиот архитект Кензо Танге во целиот свет преставува вистинска атракција и ремек дело оставено на идните генерации, а Скопје, кое ја имаше таа чест да воскресне со помош на креативните идеи на овој архитект, нема направено ништо да ги истакне овие факти пред јавноста. Кензо дури имал и идеја новата железничка станица да се поврзе со кровот на ГТЦ преку еден футуристички мост, но оваа идеја никогаш не се реализирала. Е сега не велиме дека ова треба да се реализира (не затоа што идејата не е добра, туку затоа што се уште сме светлосни години далеку од таквите смели проекти!), туку дека барем можеме да го забележиме ова и да го вклопиме во приказната за ГТЦ.
Покрај ова, по консултации со тимот на Кензо Танге од Јапонија, наместо да биде изграден од бетон, ГТЦ е направен е од монтажни панели и челична префабрикувана конструкција што преставува модрена техника која се уште е атрактивна во светската архитектура. Ова во кратки црти значи дека ГТЦ, кој сам по себе е импозантно дело, во себе ги содржи и идеите на Танге, кои се пресудни во изградбата на сржта, на самото ткиво на овој објект, а барокната фасада, како и неговото затварање, ќе биде само едно нецивилизаторско пукање со кубура во монументалниот дух на овој човек, гест сличен на уништувањето на светското културно наследство од страна на Талибаните.
Во прилог на ова зборува и фактот дека додека во целиот свет градбите од периодот на модернизмот од 60 и 70 години на минатиот век се заштитуваат како културно наследство, ние како да се трудиме некои од нив воопшто и да не постојат (како зградата на „Македонски пошти“, Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и сл.), а други пак ги претвораме во колосални грдосии „апдејтирани“со стиропор, наместо зачувани во оригиналната форма како вистински знаменитости.
Затоа предлагаме задолжително приказната за ГТЦ да се напише на некое видливо место во самиот објект, а потоа да влезе и во секоја културна мапа на градот, каде името на архитектот Живко Поповски кој за ова дело има добиено бројни награди (овој објект се учи и по предметот Општествени згради на Архитектонскиот факултет во Скопје) да стои рамо до рамо со името на еден од најдобрите архитекти на 20 век во светот, Кензо Танге.
Покрај ова и покрај прашањето зошто до сега никој не понуди ниту една подобра студија во кој правец треба да се движат работите во врска со реставрацијата на овој архиктектонски див во центарот на Скопје, сакаме да потсетиме и на тоа дека ГТЦ не е само продолжение на нашата балканска традиција за отворена чаршија низ која слободно се движиме и проаѓаме, ниту пак само јавен простор кој го поврзува кејот на Вардар со „Жена парк“ и во кој е пријатно во секој период од годината (објектот има природно ветреење, односно аерација), туку ГТЦ треба да претставува и зелена површина со парк што особено сега, по сета узурпација на градскиот простор во центарот и уништувањето на зеленилото, е повеќе од потребно. Оваа идеја за парк и зелена површина на кровот на ГТЦ влече корени уште од самиот почеток на проектот, а како што вели за неделникот „Фокус“ единствениот жив архитект кој работел на овој проект, архитектката Лидија Маркова, скалите кои водат до горе се токму за таа намена. На самиот покрив на објектот се уште стои неискористен огромниот простор, и скалите, кои би требало да бидат „Stairway to heaven“, во моментов претставуваат „Road to nowhere“ (дај Боже само да не бидат Scalinata di Trinità dei Monti), така што сметаме дека сега е вистинскиот момент да се избориме тој простор да не се претвори во деловен простор, ниту пак да се уништи и затвори со барокна фасада, туку на него да се направат зелени површини со игралишта за деца, ресторани со тераси, ботанички градини, фонтани и сл. Оваа локација, која би можела да се вика на пример „Паркот на Кензо Танге“ би претставувала место за одмор и рекреација на граѓаните на Скопје и на туристите, каде посетителите ќе можат да одморат, да читаат книги, шетаат, или да играат со своите мали деца.
Токму затоа оваа поддршка на граѓанската иницијатива „Го сакаме ГТЦ“ би ја завршиле со една нова иницијатива, а тоа е, веднаш откако ќе биде завршен референдумот да се отвори дебата како треба да се реставрира ГТЦ, и веднаш, ама буквално веднаш, да се отпочне со реализацијата на старата идеја третиот кат, односно покривот да биде претворен во „Парк на Кензо Танге“.
Па, ако се има пари за барокна фасада и панорамско тркало, тогаш треба да се има и за еден парк по кој Скопје ќе биде препознатлив. Ако ништо друго, барем на овој начин да се одолжиме на светскиот гениј Кензо Танге, човекот кој работел на обновувањето на Хирошима и кој својот светски познат „План за Токио 1960“ го пренел и во неговите идеи за Скопје. Навистина е жално градот на кој тој оставил свој белег во неговото воскреснување, денес, после толку години, и поради некои наши фрустрации, да биде прогласен за главен град на кичот.
Робин Худ Џуниор