Вашиот мирис, односно парфемот што го користите, кажува многу повеќе за вас отколку марката што ја носите. Парфемот има моќ да влијае на вашата самодоверба, на успехот во работата, и на тоа колку атрактивно се чувствувате.
Главните состојки на парфемите поттикнуваат одредени чувства кога ќе се помирисаат. „Потешките“ мириси како мошусот се смета дека поттикнуваат сексуални чувства додека ванилата се смета за афродизијак. Од друга страна, овошните и цветните мириси се доживуваат како смирувачки, свежи и сензуални.
Што треба да знаеме за парфемите
Многу е лесно да се збуните од големата понуда на парфеми на пазарот. Парфемите се есенцијални масла коишто се раствараат со 78-95% етил алкохол и јачината на мирисот варира во сооднос со процентот на растворот. Според тоа, мирисите се продаваат со различни јачини – perfume, Eau de Parfum и Eau de Toilette – и соодветно на тоа се разликуваат и цените. Парфемите (ознака Parfum) се прават од околу 22% есенцијални масла, најскапи се и идеални за посебни пригоди. Eau de Parfum трае од пет до седум часа, соодветен е на пример за дневни или попладневни настани, додека Eau de Toilette е најевтината верзија, што содржи 8-10% есенцијални масла, и трае од 4 – 6 часа. Машките мириси или колонските води (Eau de Colognes) се многу полесни од парфемите и содржат само четири проценти есенцијални масла.
Парфемите траат околу една година откако ќе се отворат. По овој период алкохолот почнува да испарува и се добива заматена течност. За да се успори овој процес парфемите треба да се чуваат на суво и темно место.
Како да го избереме вистинскиот парфем
Она што секогаш треба да го имаме во предвид при изборот на парфем е дека различната кожа различно реагира на истиот парфем и продуцира различен мирис – според тоа, немојте да мислите дека ако вашиот пријател/ ка мириса убаво на одреден парфем, дека истиот парфем ќе мириса исто така убаво и на вас.
Секогаш прснете малку од парфемот на вашата кожа кога го пробувате, бидејќи тој се менува при контактот со вашата кожа. Не е доволно да го мириснете шишето или пак да прснете на парче хартија. Треба да прснете на вашата кожа и да почекате да се развие мирисот барем десетина минути пред да заклучите дека ви се допаѓа. Не пробувајте повеќе од три или четири парфеми одеднаш бидејќи тие ќе се измешаат и ќе се збуните.
Свежите, цветните и овошните мириси се добар избор за летната сезона, додека појаките и потоплите парфеми одговараат за поладните месеци.
Најдобро е парфемот да се нанесува на точките кадешто се чувствува пулсот: на внатрешниот дел на рачниот зглоб, зад ушите и на долниот дел од вратот. Прснете малку парфем и на вашата коса, и мирисот ќе се осети во воздухот секогаш кога ќе ја мрднете главата.
Најважно – одличен знак дека парфемот ви одговара е ако не можете да го осетите неговиот мирис на вас половина час откако сте го нанеле!
Врати се на првата страна.