Македонката која патува со мотор околу светот доживеа сообраќајна несреќа, но не се предава!
Македонката Ивана Чолаковска помина цели три континента со мотор и во моментот се наоѓа во Чиле од каде требаше да започне со освојувањето на Американскиот континент.
Но во моментот, поради сообраќајната несреќа што ја доживеа неодамна, таа не може да продолжи со патувањето.
„Она што го научив од ова патување и најважно е да се има силна мотивација во животот. Позитивната психолошка состојба може да се справи со сè.“ |
Ивана, која патува заедно со нејзиното момче од Шпанија, Ману Торес, доживеа сериозна сообраќајна несреќа и заврши со 9 штрафа во глуждот. Поради скршената нога во моментот не може да продолжи со патувањето, па престојуваат во едно мало гратче каде заедно со Ману се вистинска атракција. Нивното патување започна во февруари 2013 од Шпанија, Севиља и најпрво возеа до Македонија, од каде во септември продолжија да го освојуваат светот со нивниот мотор. По европскиот континент, следуваше Азија, каде патуваа по патишта кои се наоѓаат на планини кои се над 5000 метри надморска височина, потоа низ пустините во Казахстан, Индија, Индонезија, островот Џава, па се до земјата на кенгурите, Австралија. Откако го поминаа и овој континент, тие заминаа кон Јужна Америка, каде им се случи несреќата поради која ќе мораат некое време да останат во Чиле, додека не и заздрави ногата, па дури потоа да го продолжат патувањето. Инаку, тие патуваат со минимални средства и не спијат во хотели, ниту пак јадат во ресторани, туку досега имаат спиено во преку 150 фамилии, во полициски станици, пожарникарни станици, во будистички храмови и цркви. Тие на тој начин не само што заштетуваат средства, туку за нив тоа е и еден од најдобрите начини да дојдат поблиску до културата и традицијата на локалното население.
Ивана, последниот пат кога зборувавме, ти и Ману од Австралија тргнавте за Чиле каде требаше да почекате да ви стигне моторот, па да продолжите. Но од фотографиите кои што ги објавувате на вашата Фејсбук страна гледаме дека ногата ти е во гипс. Ќе ни кажеш ли што се случува?
Конечно моторот стигна во Јужна Америка и конечно се вративме на пат. Долго чекавме за да стигне од Австралија до Валпараисо. Но, оваа среќа да бидеме пак на пат траеше кратко, додека возевме на најтешкиот пат до сега, со лоши временски услови и лош пат, ни се случи мала несреќа која заврши со скршена нога. Си велев „Да не е скршена, да не е скршена! “ Но овој пат немав среќа, несреќата заврши со 9 штрафа на глуждот.
Дали болеше и што направивте откако се случи несреќата?
Беше најголемата болка што ја почувствував во мојот живот, се додека работниците кои поставуваа динамити на патот за да го прошират, не ме однесоа во малата амбуланта за да ми стават инекција за смирување на болките, се до тој момент не можев да размислувам за ситуацијата.
Дали мислеше дека тоа е крај на патувањето?
„Несреќата е само уште една лекција која ми дава сила да продолжам понатака, и да стигнеме до Ушуајан, најдалечниот град на планетата“ |
Во тој момент воопшто не размислував за патувањето, туку за тоа каде ќе најдеме болница за да ме примат. Во овој дел од Патагонија во Чиле, полесно е да најдеш гласијари или пингвини отколку болница, од една до друга болница е растојанието 1000 км, од каде што се случи несреќата ми фалеа 260 км на пат кој е во многу лоша состојба. Застанавме една кола која одеше во тој правец. Овие 260км беа многу долги, на секоја дупка отскокнуваше ногата и болките се зголемуваа и ми се чинеше дека на секоја дупка се докршуваше веќе скршената коска. На крај стигнавме вечерта во 12 на ургентниот центар во Којаиќе.
И што се случи кога конечно стигнавте во болницата?
Докторот кој беше на смена кој ја сними ногата и ја виде снимката ми рече: “девојче, патувањето заврши за тебе“. Солзите потекоа за помалку од една секунда откако ја слушнав оваа мисла. 50.000 км и 26 држави за помалку од две години за мене значеше половина од она што го имавме поставено за цел.
Дали тоа значи дека несреќата ќе стави крај на ова неверојатно патување?
Ману му се обрати на докторот и му кажа дека патувањето не е завршено и отиде да го најде докторот специјалист трауматолог за тој да каже каква е ситуацијата.
Знаевме за ризикот со кој се соочуваме на ова патување. Оние кој не следат на нашата фејзбук страна (види ТУКА) имаат видено фотографии со моменти на среќа, посетувајќи различни култури и племиња, перспективи на моторот на разни убави делови од планетата. Идејата ни е да го прикажеме позитивното чувство за светот околу нас, и оние помалку пријатните моменти да ги задржиме за нас. Некогаш патувањето е толку тешко што мора да стиснеме заби за да продолжиме за да стигнеме на најубавите места.
Што е она што ти дава сила да продолжиш?
Понекогаш ми се чини дека архитектот на нашето патување има се убаво подготвено, и секогаш му дава рамнотежа, така што во овие тешки моменти ни пристигнаа и првите спонзори за нашиот проект. Одлучивме дека е момент да прифатиме соработка и точно во овој момент кога ни беше потребно за да ја задржиме позитивната енергија на ниво, за да го продолжиме наредниот дел од патувањето со SHIRO и REV´IT кој ќе ми помогнат за побрзо да се опоравам.
Како се чувствуваш сега?
„Ми потекоа солзи откако слушнав дека нема да можам да продолжам со патувањето. Поминати 50.000 км и 26 држави за помалку од две години за мене значеше половина од она што го имавме поставено за цел“ |
Сега помина најлошото, започнав со основни вежби за да го движам глуждот, докторот ми кажа дека за еден месец ќе можам да го продолжам патувањето. И првичните 6 месеци кој на почетокот ми ги кажаа се намалија на 2. Она што го научив од ова патување и најважно е да се има силна мотивација во животот. Позитивната психолошка состојба може да се справи со сè.
Сега не гледам на оваа ситуација како една катастрофа, туку како една приказна плус од ова патување, уште една лекција од која научив да бидам посилна и да продолжам понатака, за да стигнеме до најдалечниот град на планетата Ушуаја, и од тука да продолжиме нагоре поминувајќи ги речиси сите држави од Америка се додека да стигнеме до Алјаска.
Што е она на кое што размислуваш додека одмарате на ова преубаво место, илјадници километри далеку од вашите домови?
„Има луѓе кои патуваат и од секое место како за успомен си купуваат магнет за фрижидер, маичка или некој сувенир, а јас од јужниот дел од Чиле ќе понесам лузна.“ ни одговори Ивана на прашањето и додаде:
До сите читатели на Штипка кои би сакале да знаат повеќе за оваа авантура, може да не следат на нашата официјална фејсбук страна: aroundgaia и на нашата веб страна: www.aroundgaia.com
Повеќе за нивните доживувања низ Европа, Азија и Австралија можете да прочитате и во претходното интервју тука.