Реклама
Интервју

Ексклузивно интервју со дизајнерката Нивес Степанинац Гргориќ, сопственичка на модниот бренд „Марла“

Реклама

Приказната за модниот бренд „Марла“ се провлекува низ авторските колекции на накит, облека, модни додатоци, креирани и направени во студиото на хрватската дизајнерка Нивес Степинац Гргуриќ.

Нивес е жена со префинето чувство за мода и сé што е модерно, урбано, женствено, елегантно и префинето. Покрај тоа што е  дизајнерка и споственичка на модниот бренд Марла, таа е и уредничка на два модни портала „Whattafashion“ и „Marla-design“. Приказната за Марла ја започна во 2006 година, а што се однесува до новата колекција таа ни нуди бајковита модна приказна, инспирирана од браќата Грим и бајките од целиот свет …

Маркетинг

Каква ќе биде Марла во новата сезона?

Маркетинг

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

За новата сезона, за постудениот период, „Марла“ нуди бајковита модна приказна, инспирирана и од браќата Грим и бајките од целиот свет, доживеана на современ начин. Полна е со меки и топли ткаенини, исполнети со рачен вез, како и со заводливи коктел и вечерни фустани, богати со рачно обработени релјефни површини и играта откриено/скриено.

Кое е вашето омилено парче од есенската колекција?

Во изработката на секој од моделите е вложено полно љубов но би го издвоила „стејтмент“ парчето за оваа есен и зима – црн фустан од тантела со асиметрични апликации, кој со додаток на кожна јакна и атрактивни чевли до глужд со ниска пета лесно ќе се претвори во дневно парче, а навечер ќе привлекува внимание во комбинација со елегантен капут или балонер, мала плик чанта и елегантни чевли со високи потпетици.

Кои материјали преовладуваат во колекцијата?

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

Материјалите од кои е направена колекцијата се квалитетни мешавини но и чиста рунска волна. За фустаните е користен еластичен тантелен тул, чија површина е рачно обработена, сантиметар по сантиметар, за да се добие изглед на атрактивна, заводлива и енигматична површина. Мини здолништата и јакните– туники се изработени од волнени материјали, исто така со детаљ, рачно направен додаток во кројот, кој ја освежува секоја модна комбинација.

Позната сте по тоа што како дизајнерка не ги копирате светските терндови, туку со години останувате верна на својот стил. Но, сепак, како што самата кажавте во една интервју, за да одговорите на потребите на клиентите, секогаш се обидувате да пренесете барем еден „trendy“ елеметн во вашите колекции. Што е тоа за оваа сезона? Кои трендови можеме да ги сретнеме во вашата колекција за есен/зима 2014?

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

Да, мојот моден ракопис е многу препознатлив, останувам доследна на својот стил, но поради желбите на пазарот повремено вметнувам и некој тренди елемент во колекцијата. Овој пат тоа е црната боја и бајките. Од малата Црвенкапа, преку Снежана, Пепелашка и Трнорушка па се до Кралицата Срце, многу дизајнери се инспирирани од бајките и токму за овој ладен период понудија своја визија на истите. Кај некои е опулентна, блескава, кај мене се занимава со длабоки мисли истражувајќи ги поуките од бајките и пренесувајќи ги на материјалите, плетенините, кроевите, нудејќи модерна визија.

Поетични силуети понудија и Долче и Габана, Александер Меквин, Валентино и многу други но мојата бајковита приказна води директно во периодот на доцната готика поврзувајќи го со мислите со современоста, нудејќи современа верзија на истиот. Со бајките одат и наметките, капуљачите, уште еден есенски тренд, а кога е проследен со рачно изработен вез, станува стилско парче. Токму таква наметка пристигнува и во мојата колекција.

Што мислите, кои трендови ќе преовладуваат кај  Хрватките оваа сезона?

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

Хрватките се жени со многу стил, ја сакаат модата, а новите генерации сакаат да си играат со модата, да истражуваат различни комбинации и понекогаш е тешко да се предвиди какви трендови ќе прифатат. Според првите реакции на мојата колекција, изгледа дека радо носат – бајки и дека радо изгледаат како модерни хероини од истите.

Набројте ни неколку Хрватки со добар моден стил…

Убав моден стил имаше неодамна починатата актерка Ана Кариќ, а од новите генерации тука се многу други актерки со интересен стил, како Рошчиќ, Франковиќ.

Каква си ти кога е модата во прашање? Како би го опишала твојот стил?

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

Кога станува збор за мојот моден избор, преку ден најчесто сум облечена кежуал, поради бројните активности, работни и приватни, па не сакам облеката да ме ограничува. Пред да станам мајка, не можевте да ме видите во други чевли освен оние со многу високи потпетици а често избирав и многу елегантни комбинации, мини и здолништа со молив крој. Со мајчинството тоа малку се промени, сега сакам фармерки во сите бои и ги комбинирам со кошули, пуловери, џемпери, со задолжителен додаток на впечатлив накит. За излегувања и посебни пригоди секогаш избирам елеганција, со „еџи“ примеси, токму такви комбинации какви што предлагам и во моите колекции. Така, за преку ден мојот избор е бохо шик, а за навечер елегантен – „еџи“. Лежерно, разиграно и атрактивно преку ден, а навечер провокативно и секси – тоа е мојот стил.

Дали имаш омилени дизајнер и кои се твоите омилени парчиња кои што ги имаш во плакарот и кои секогаш радо ги носиш?

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

Моите омилени дизајнери се Гучи и Версаче, не ги испуштам нивните ревии, а во последно време исто така многу го следам и брендот на Симона Барбиери, кој убаво ги спојува женственоста, романтиката и кежуал изразот, што ми одговара за преку ден, како и Венеса Бруно. Ја сакам силната мода па ме интригира и Хајдер Акерман, Филип Лим и Џ.В. Андерсон. Носам и облека од други хрватски дизајнери, мои колеги, а предност им давам на Тео Периќ и Игор Добраниќ, чии парчиња имам во орманот. Бидејќи и самата сум дизајнер, најмногу сум во облеката на „Марла“ која и најмногу ми одговара. Носам сé што имам во орманот, ништо не ми стои неискористено, не правам промашувања при купувањето на облеката бидејќи купувам малку но фино и квалитетно, нешто што може да се носи повеќе сезони, во комбинација со останатиот дел од гардеробата.

Покрај брендот кој е создаден во 2006 година, вие сте сопственичка и на неколку модни портали. Имате завршена на ТТФ во Загреб, на смер проектирање и дизајн, се имате усовршено на текстилна и индустрија за облека, но вашиот немирен дух го скротивте дури кога започнавте со сопствено производство на уникатни дела, далеку од производството на големи серии и калапи. Од каде ви е идејата да го создадете вашиот бренд и како започна целата приказна со Марла?

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

Пред десет години на мојот сопруг му беше понудена работа во Осијек и поради преселувањето кај него ја оставив мојата работа во Вишата школа во Карловац, каде што предавав дизајн. Во Осијек ми беше многу тешко да пронајдам работа на струката, бидејќи такви работни места повеќе нема, и затоа одлучив по раѓањето на детето да започнам свој приватен бизнис, кој би ги исполнил моите фантазии и би ми дал доволно простор на светот да му ги покажам моите идеи, можности и креативната енергија. Во текстилната и конфекциската индустрија (фабрики ориентирани кон производство на илјадници парчиња) тоа не е лесно бидејќи секогаш зависите од туѓото мислење, најмногу од одделот за продажба, а од прифатеноста на вашите модни идеи зависи работата и платата на навистина многу луѓе, така што имате навистина голема одговорност. Затоа не ретко многу добри идеи остануваат во фиока, бидејќи првенствено се гледа на комерцијалноста. Во приватната работа исто така е присутен ризик, но имате десет пати повеќе можности за експериментирање во помалите колекции па сте и позадоволни како дизајнер. Приказната за „Марла“ започна во 2006 година прилично неочекувано и со голем занес, кој трае.

Дали е лесно да се биде дизајнер во Хрватска и со кои проблеми најчесто се соочуваат дизајнерите во вашата земја?

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

Поради економската состојба во Хрватска не е лесно да се биде дизајнер, но сите кои сме го избрале ова занимање се бориме како лавови, а нашата публика убаво не прифаќа и бодри. Основните проблеми се однесуваат на финансирањето на новите колекции бидејќи трендовите премногу брзо се менуваат, треба да се следи нивниот ритам, а тој ритам повторно ја следи прифатеноста на пазарот и продажбата. Во последно време нашите дизајнери се свртуваат кон странските пазари и таму остваруваат подобри резултати. Голем проблем е и присуството на неквалитетна облека од сериско производство која доаѓа од Исток, и со која се преполни нашите продавници и онлајн продавниците, како и разните синџири на странски модни брендови. Во толку мала земја како Хрватска имате многу, многу голема конкуренција и треба да бидете навистина посебни, упорни и издржливи за да можете непречено да продолжите со работата.

Кој е твојот омилен едиторијал којшто си го направила досега и со кого најчесто ги работиш едиторијалите за твоите нови колекции?

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

Секоја модна сезона ја следи и нов едиторијал и кампања, а бидејќи мојот сопруг е официјален фотограф на „Марла“, лесно се организираме и осмислуваме и снимаме нова модна приказна. Секој едиторијал ми е многу драг, и со секој ме поврзуваат многу убави спомени, но можеби овој последниот, инспириран од бајките, „Marla In Fairy Tales“ најдобро ме опишува мене како личност, па затоа и најдлабоко го доживувам.

Кој е твојата омилена модна икона?

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

Многу ми се допаѓа стилот на Оливија Палермо, па кога ќе отворам некое списание за мода веднаш гледам како е облечена. Тука се и некои други славни жени, Џена Лајонс, Алекса Чунг, Леандра Медин со исклучителен стил, но и филмски и поп ѕвезди зад кои стои војска на квалитетни стилисти. Не можам да речам дека имам модна икона, од мене како дизајнер се очекува на светот да му понудам нови квалитетни модни решенија, а настојувам да учам на туѓи грешки, но и од туѓите успеси.

И за крај, едно прашање за нашите читателки – на што треба жените најмногу да внимаваат доколку сакаат да имаат добар стил?

 НИВЕС СТЕПИНАЦ ГРГУРИЌ 

Стилот се гради со години, кога сте многу млади сколни сте кон експериментирање, се барате низ разни трендови, го брусите модниот израз, а вашите години ги поднесуваат сите модни комбинации, но во зрелите години помалку е секогаш повеќе. Според тоа, ориентирајте се на избор на квалитетни парчиња кои поради својата посебност („стејтмент“ парчиња) секогаш ќе бидат ИН. Премногу модни додатоци, како премногу накит или блескави чанти и чевли можат многу лесно да го свртат вниманието од основната модна приказна која сте ја замислиле, а исто така и облеката која не ви одговара, и затоа бидете селективни. Во себе треба да се пронајде чувството кое најмногу ни одговара, токму како мислите и ставовите кои го опишуваат стилот на живот и потоа тоа треба само да се обликува во моден стил. Тоа значи да се биде свој, да се покаже својата различност – да се има свој стил.

Фото: Marla Fairy Tale – есен/зима 2014-15

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button