Реклама
Интервју

На кафе муабет со фотографот Славе Викторијоски: Работам малце повеќе од прекувремено!

Реклама

„Идеалната жена според мене треба пред се да е харизматична личност, да е интелегентна и образована, самостојна, комуникативна, директна и категорична, безкомпромисна, самоуверена.“

Маркетинг

Од кога почна да се занимаваш со фотографија ?

Активно и професионално со фотографија се занимавам последниве 3/4 години, претходно поседував аматерски дигитален апарат со кој редовно фотографирав и се обидував колку што е можно покреативно и поуметнички да фатам по некој момент онака за своја душа, се разбира со квалитет колку што дозволуваше опремата.

Освен што си добар фотограф ти исто така си и уметник, може ли да ни кажеш повеќе за твоите дела и за правецот во кој работиш?

Маркетинг

Јас сум дипломиран ликовен уметник-графичар. Дипломирав на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје на педагошкиот оддел во класата на проф. др. Трајче Блажевски. Редновно покрај фотографиpањето се занимавам и со традиционална ликовна уметност(цртеж, графика,сликарство) и со дигитална графика. Најчесто цртам портрети а понекогаш и сликам. Во цртањето портрети се трудам да се изразам колку што е можно пореалистично, а сликарските и графичките дела имаат одредена експресионистичка доза бидејќи се производ само на тоа што го чувствувам од внатре. Немаат конкретна техника бидејќи често експериментирам и комбинирам различни техники во едно дело и комбинирам реални со апстрактни форми.Сум учествувал на неколку интернационални графички биеналиња (2004,Графички Круг – Велес – интернационално биенале во графика, 2005 Ужице – Република Србија – интернационално биенале во сува игла, 2005 Кремона – Италија “L’ARTE E IL TORCHIO / Art and the Printing Press” интернационално биенале во графика). Исто така сум учествувал на неколку групни изложби во склоп на факултетот но и надвор од него и сум учествувал на неколку натпревари во фотографија на кои сум добил неколку награди.

Од каде најчесто ја црпеш твојата инспирација?

Најчесто инспирацијата ја црпам од соработката и дружењето со луѓе кои се професионалци во оваа област и чија работа ја следам веќе подолго време преку социјалните мрежи, следејќи го тоа што е новитет и тренд во светот на фотографијата но и во светот на уметноста воопшто. Во тој свет исто така спаѓаат ликовната уметност, филмот, музиката, литературата.

Многу често гледаме доста иновативни и досега невидени проекти со фото-моделот Марта Димоска а и несомнено е дека имаш око за квалитет па како се станува „твој модел“ ?

Ќе зборувам лично но сметам дека секој што се занимава со оваа професија го мисли истото. Пред се личноста треба да биде фотогенична, да има физички предиспозиции и да е креативна, ведра и позитивна личност. Во случај да е портрет фотосесија во која не е вклучен шминкер/ка треба да знае добро да се нашминка. Во одредени случаи шминката може да се поправи/ретушира во пост-продукција но само ако се потребни минимални корекции. Треба да знае добро да искомбинира гардероба и треба да знае да позира. Мартина ги поседува тие квалитети и зато често и со големо задоволство соработуваме.

Постои ли перфекција?

Можеби и не постои но според мене и не е толку битно.Траба само да се твори искрено и со цело срце и душа и да се остави времето да пресуди. Можеби перфекција е се она што ќе остане со својот квалитет неуништено од времето, се она што времето нема да го проголта во заборав и ќе го предаде на наредните поколенија. Можеби човекот неможе да креира перфекција бидејќи сам по себе е несовршено суштество. Можеби таа привилегија ја има само времето. Можеби…

Дали ја усовршуваш твојата техника и колку труд вложуваш во твоите дела и обработки?

Вложувам огромен труд бидејќи сметам дека тоа е и целта на професионализмот. Огромниот вложен труд носи огромно искуство, а огромното искуство огромен резултат по кој се надевам се стремат сите кои професионално се занимаваат со една област. Моментално живееме во еден свет каде што многу корисни информации од познати експерти во една област ни се многу лесно достапни. Информации како упатства за користење на фотографски апарати, фотографска опрема и софтверски апликации, дијаграми за поставување на едно, две, три и повеќе светла во студио, позитивни и негативни искуства во користење на одредена фотографска опрема, најнови и најефикасни техники и начини за обработка на фотографија, итн. Наше е искрено и со цело срце да запловиме во тој свет на информации и да го извлечиме тоа што сметаме дека ни е најпотребно.

Кој ти се омилени светски фотографи ?

Најомилен фотограф ми е Joey Lawrence, канадски комерцијален, маркетинг и портрет фотограф, живее во Brooklyn, New York. Најпознат е по комерцијалните дела како постерот за серијалот Twilight, рекламни кампањи за филмовите Killing Lincoln и Killing Kennedy на National Geographic, рекламни кампањи за History Channel, рекламни кампањи за Lavazza i други светски брендови но и персоналните проекти како што се фотографиите на племињата кои живеат во долината Омо во Етиопија и жителите на градот Варанаси во Индиа и портретите на некои од најголемите холивудски ѕвезди Роберт Де Ниро, Дени Девито, Геофри Раш и др. Исто така ме интересира и работата на Норвешкиот фотограф Erik Almas.

Кога си сигурен дека си ја „фатил“ емоцијата на сликата и што точно сакаш да доловиш на фотографија, емоција, композиција или нешто сосема трето?

Дефинитивно сакам да ја доловам емоцијата. Доколку е искрена или добро одглумена одма се препознава. Обично на една фотосесија се прават и по 100/150 фотографии се со цел да се долови одредена емоција која е клучна за едно дело да изгледа како што треба да изгледа,како што е замислена композицијата,каков што е концептот. Потоа детално се прегледуваат сите фотографии со цел да се одбере една фотографија која ги содржи сите елементи до најмали детали вклучувајќи ја и емоцијата.

Дали мислиш дека го гледаш светот поинаку од другите?

Мислам дека секој индивидуално светот го гледа на свој начин па така и јас. Различни филозофски и религиски учења имаат различни гледишта на светот. Некои го гледаат како место каде што треба да се развиваат на материјален план,  други на духовен. Секоја индивидуа, народ или нација треба да гледа на светот како на едно поле, можеби и единствено во целиот универзум каде што може на креативен и конструктивен начин да ги измери вештините и знаењата со другите индивидуи, народи и нации и да се потруди со својата визија да придонесе за подобра иднина, лична и колективна.

Сметаш ли дека на нашите простори може да се егзистира од оваа професија?

Дефинитивно дека може. Ако се понуди тоа што е светски тренд, со добар квалитет и за прифатлива цена може да се егзистира. Конкретно на полето на свадбената фотографија гледам дека одредени поединци но и продукции тука во Македонија го достигнуваат тој врв што е светски тренд со екстра квалитет и со прифатливи цени.

На каков проект моментално работиш?

Многу ретко откривам што работам, а кога откривам тоа најчесто е на најблиските луѓе приватно или најблиски соработници. Ќе ви кажам само дека ќе биде нешто многу интересно и поврзано со нашата татковина и нејзината историја.

Како изгледа еден твој работен ден?

Со оглед дека нон стоп имам работа, многу работно :) Станувам прилично рано, легнувам прилично рано :). Ако не работам нешто што е комерцијална задача (свадбена фотосесија,портрет фотосесија,make up/fashion фотосесија) тогаш работам на нешто персонално што го користам за реклама со цел да ги покажам своите технички и креативни фотографски и уметнички квалитети. Одредувам колку од целокупната работа треба да се заврши во еден ден и откако ке завршам се одмарам со некој добар филм или серија, музика или прошетка низ град со другарите. Работам, отприлика, малце повеќе од прекувремено :)

Како ја доживуваш убавината? Кои карактеристики треба да ги има „идеалната“ жена?

Убавината ја доживувам како една целина на се она што се смета за позитивна особина од внатрешноста на една личност и она што е надворешна, физичка убавина за која постојат пропорции но дефинитивно повеќе тежам кон тоа личноста да е убава од внатре. Харизмата е една од особините кои се раѓаат со личноста и е духовна предиспозиција додека физичката убавина повеќе е прашање на личен вкус. Идеалната жена според мене треба пред се да е харизматична личност, да е интелегентна и образована, самостојна, комуникативна, директна и категорична, безкомпромисна, самоуверена.

Што правиш во твоето слободно време?

Креативно размислувам :)

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button