Прочитајте го ова интересно интервју со Ивана Чолаковска, првата Македонка која што патува низ светот со мотор.
Ивана заедно со нејзинот момче од Шпанија, Ману Торес, досега имаат поминато цели три континенти со мотор, a во моментот се наоѓаат во Чиле од каде што ќе започнат со освојувањто на Американскиот континент…
Планирате наскоро да го продолжите патувањето од Австралија кон Америка, па откако ќе ја поминете земјата на бизоните се враќате во Европа. Дали и кога ќе се вратите во Македонија?
Да, веке поминавме цели 3 континенти, 43.000 километри и 24 земји. Последна наша земја и континент беше Австралија. Патувавме низ средината, низ срцето на Австралија и ја поминавме големата пустина преку познатиот пат Stuard highway се до Аделаиде и Great Ocean Road и завршивме во Мелбурн. После една година и четири месеци патување стигнавме до нов континент вчера. Сега сме во Чиле наша по ред 25 земја каде што го чекаме моторот да пристигне за да започнеме со освојување на Американскиот континент. Ова патување ќе заврши во Македонија, ама не знаеме точно кога, сеуште пред нас ни предстојат многу километри за возење.
Од каде го започнавте вашето патување околу светот?
Ова патување започна во Април 2013 година од Шпанија од Севиља и возевме до Македонија, а од Македонија заминавме во Септември исто така 2013 година и трае се до денеска, секојдневно патување и доживување на преубави моменти и искуства.
Како се запознавте со Ману и како ја добивте идејата за ова ваше патување?
Со Ману се запознавме пред 5 години на Миконос, и од првиот наш заеднички ден до денеска сме неразделни и постојано патуваме. Првите неколку години преку летната сезона работевме на Миконос, нашата работа е рачна изработка на накит, и истиот го продававме на туристи. Останатите месеци патувавме на различни начини. Идејата за ова патување ни дојде во Индја пред три години. Патувавме околу Индија со стар Royal Enfield и ни се допадна слободата која ја имавме користејќи го моторот како превозно сретство, имавме можност да запознаеме многу луѓе и култури и едноставно ни се допадна. Запознавме исто така многу патници кои патуваа со велосипед или караван или автостоп и слушајќи ги нивните приказни се мотивиравме да започнеме едно вакво големо патување. Одлучивме да работиме неколку години напорно и да заштедиме пари за да можеме денеска да го живееме нашиот сон.
Дали Ману досега бил во Македонија и дали му се допаѓа нашата земја?
Да, секако. Ману има дојдено во Македонија многу пати, само заради обврски немавме никогаш доволно време за да посети повеќе места. Му се допаѓа Македонија, му се допаѓа храната и дружељубивоста на луѓето. Кога ќе се вратиме од ова патување ќе одвоиме повеќе време за да прошетаме низ нашата убава земја.
Дали можете да издвоите некои делови од патувањето како поинтересни или поразлични од останатите? Кој беше највозбудливиот дел од патувањето досега?
На ова патување имавме можност да се стекнеме со многу најразлични искуства и моменти. Патувавме низ пустини, планини, плажи, големи градови, низ секакви временски услови. Патувавме на минусни температури, на монсунските дождови и топли места и патувавме низ предели со силен ветер. Запознавме многу различни култури и традиции. Највозбудливо беше за нас патувањето низ Планината Памир во Ноември на пат со скоро 5000 мнв. Возбудливи беа моментите кога возевме до најголемите активни вулкана во Индонезија, возбудливо исто така беше и поминувајќи низ реки со моторот и многу лоши патишта и возејќи низ пустината во Казахстан низ многу прашина и ветер.Овие беа најтешките моменти и понекогаш ризични, но тие се тие моменти кои ќе ги паметиме секогаш и од кои многу научивме и кои не направија похрабри и појаки личности, со силна верба во самите себе.
Какво е чувството да ги поминете источните земји од Индија до Австралија и по пат да се разминувате со велосипеди и мотори, но и камили, слонови кенгури?
На ова патување никогаш не возиме низ автопат, секогаш одбираме мали и селски патчиња каде што можеме да се сретнеме со многу интересни ситуации. Највозбудливо од аспект на сообраќај беше патувањето низ Индија, каде што не постојат правила и прописи. На еден пат може да наидеш на камили и слонови, камиони и коли, велосипеди и луѓе кои претрчуваат од сите страни. Слично беше и во Индонезија особено на островот Џава каде беше напорно и тешко за возење, додека во Австралија мораше да бидеме многу внимателни додека возевме низ пустината, бидејки има премногу кенгури. Имавме можност да видиме многу од нив.
Патувате како што некогаш го правел Че Гевара и го опишал патувањето во неговиот дневник. Дали има некаква врска оваа книга со вашето патешествие?
Овој вид на литература е мојата омилена, сакам да читам биографии на луѓе кои го живеат нивниот сон. Секако ја имам прочитано оваа книга и можам да најдам голема поврзаност со искуствата на Че Гевара и јас и тој имаме студирано право и двајцата започнавме патување со мотор кое го промени нашиот живот каде и нашиот дневник постана наш најдобар пријател. Но, кога го започнавме овој проект одлучивме да направиме пауза со читање на ваков тип на книги. Одлучивме да го живееме нашето лично искуство. Не сакавме да читаме приказни со иста тема од она што го правиме, од причина да не се предводиме од нив и да очекуваме истото да го доживееме.
Никој од вас не е вистински моторџија (иако верувам дека по ова ваше патување не постои моторџија во светот кој не би ви симнал кацига), а моторот во главно го вози твоето момче. Како се снаоѓате од чисто техничка гледна точка, со управувањето и одржувањето на моторот?
Токму ова прашање е едно од поинтересните. Како што кажа јас и Ману не сме моторџии ниту пак се разбираме од механика. Заради тоа бевме многу пати во опасна ситуација, каде и јас и тој знаевме и размислувавме во себе, но никој од нас нејкеше прв да проговори. Се наоѓавме на места каде доколку имавме проблем ќе беше тешко да го решиме. Ману незнае да замени ни гума, многу пати заради тоа што бевме во земји каде што немаше сервис за мотор од тој тип го возевме многу километри со излижани и испукани гуми и со истрошени кочници. Да , моторот го вози овојпат Ману, за мене е голем и многу тежок за возење. Се трудиме на време да го однесеме на сервис за промена на уље и филтер за уље и воздух. После многуте километри извозени моравме да замениме ланец и мењач, се останато е добро.
Дали можеби се соочувате со некои здравствени проблеми или физички потешкотии? Дали имавте соодветна физичка подготовка за овој напорен зафат?
За едно вакво големо патување секако е потребна физичка и психичка подготвеност. Пред да тргнеме на патувањето и за време на истото кога имаме можност секогаш се трудиме да направиме мало истегнување. Јас вежбав аеробик, а Ману фитнес . Многу е тешко физички ова патување, како што кажав поминуваме многу саати на мотор и екстремни временски услови без никаква заштита. Имавме неколку пати потешкотии. Јас се разболев во Индонезија, имав висока температура, и бевме принудени да застанеме три дена во едно мало село на островот Флорес.Бев многу исплашена од можност да имам маларија или денге бидејќи овие тропски предели се познати по овие болести, но со мал одмор и внесување на витамини и голема грижа од страна на локалното население брзо оздравев. Но сакам да кажам дека физичката подготвеност е помалку важна во однос на психичката. За време на ова патување се сретнавме со многу тешки и опасни моменти за кои најважно беше да бидеме психички силни за да продолжиме.
Патувате со малку пари кои ги трошите само за најпотребните работи за кои морате да платите. За јадење и спиење најчесто одите кај некои луѓе кои ќе ги сретнете по пат во некое селце. Каква е нивната реакција кога ќе слушнат од каде доаѓате и каде имате намера да одите?
Да, нашето патување е со минимални сретства. Не спиеме во хотели ниту пак јадеме во ресторани. До сега имаме спиено во преку 150 различни фамилии во полициски станици, пожарникарни станици, спиевме и во будистички храмови и цркви. На овој начин не само што заштедуваме од паричните сретства, туку овој е еден од најдобрите начини за да дојдеме поблиску до културата и традицијата на локалното население. На овој начин на преспивање и јадење имавме можност да научиме многу, да стекнеме многу пријатели и приказни, да пробаме чудна и невообичаена храна. Најголем трошок ни претставува пренесувањето на моторот преку океан и визите, се останато е минимален трошок. Ах, за тоа како не пречекуваат луѓето, тие се оние моменти кои после секој тежок ден ни даваат сила, нивната насмевка и среќа. Многу пати не зборуваме ист јазик мегутоа погледот и сјајот во очите се она кое кажува се. Тие кога ќе стигнме во нивното мало село секогаш се горди и среќни, ја отвараат вратат од нивниот дом и ни даваат традиционална храна, ги канат соседите и заедно со сите поминуваме забавна вечер исполнета со топлина и многу смеа.
А какви се вашите искуства? Што мислите за луѓето што ги сретнавте досега? Дали генерално низ светот можат да се сретнат луѓе?
Немавме лошо искуство на оваа тема. Тие се оние кои му даваат шаренило на нашето патување. Да постојат многу добри луѓе. Научивме дека луѓето кои немаат ништо даваат се. Оние се луѓето кои се без предрасуди и без страв.
Меѓу другото, ги посетивте и популарните но и контроверзни плажи во провинцијата Гоа во Индија. Како си поминавте таму?
Гоа ни беше веќе познато место, таму ги поминавме Новогодишните празници. Ја искористивме можноста да се одмориме и да собереме сила за да продолжиме со патувањето низ југоисточна Азија.
Кое место ви остави најмногу впечаток и би сакале повторно да го посетите? А дали можеби за некое место си помисливте дека би сакале таму да живеете?
{youtube}7ntaHpltfPA{/youtube}
Тешко прашање, прво не сме одлучиле уште на кое место би останале да живееме. Она што одлучивме е дека сигурно ќе продолжиме да патуваме во иднина и да креираме нови слични проекти. Многу места и луѓе се на листата кои би сакала да ги посетам повторно. Би сакала да го видиме пак Мустафа на Шапанца езеро во Турција, девојчето Хајди и фамилијата на Планината Памир, Фамилијата Глондис во Грузија, Манчи во Индија и уште многу многу други :)
Ивана, ти и Ману сте едни од ретките луѓе кои што ни покажаа дека животот може да биде едно долго, убаво и шарено патување, доколку ние самите избереме да биде така. Што би им порачале на нашите читатели, посебно на оние што отсекогаш сакале нешто да направат а никако да соберат храброст и конечно да го реализираат, што и да е тоа?
Би им препорачала на сите да соберат храброст и да веруваат во себе за остварување на својот сон, без разлика што е. Најубаво е чувството кога си легнуваш и кога стануваш со насмевка на лицето и кога знаеш дека живееш за она што секогаш си сонувал и си го посакувал.
Секој што сака да го следи нашето патување, да прочита некоја приказна и да види интересни фотографии може да не следи на фб страната:
www.facebook.com/aroundgaia и на нашата веб страна:
www.aroundgaia.com