Шпагетите карбонара се еден од најпопуларните начини за подготвување на шпагети. Се одликуваат со прекрасен мирис и вкус на кој тешко ќе одолеете. Што е најубаво од се, за да го подготвите овој вкусен и богат оброк ќе ви бидат потребни петнаесетина минути. Идеално, нели?
Потребни состојки:
– 400 гр. шпагети
– 1 лажица маслиново масло
– 200 гр. сланина исечкана на коцки
– 2 чешниња лук
– 3 јајца + 1 жолчка
– 100 мл. павлака
– 50 гр. изрендан пармезан
– 2 лажички исечкан магданос
Ставете ги шпагетите да се варат во зовриена солена вода и варете ги една минута помалку од времето што е назначено на пакувањето.
Во меѓувреме ставете го маслиновото масло во тава да се загрее па додадете ја сланината и пропржете ја 2-3 минути да стане крцкава, па пред крај додадете го и исечканиот лук. Внимавајте да не загори бидејќи јадењето ќе добие горчлив вкус, што никако не е пожелно.
Во соодветен сад измешајте ги јајцата, павлаката и пармезанот.
Ставете ги сварените шпагети во тавата со сланина, потоа додајте им ја мешавината од павлака, јајца и пармезан и брзо мешајте за да се формира кремаст сос, а не кајгана, на крајот додадете го исечканиот магданос.
Послужете ги топли со изрендан пармезан.