Свежите кајсии почнаа да се појавуваат на тезгите на пазарите и на полиците во продавниците, па време е да ги вклучиме во нашето мени.
За почеток, ви предлагаме да направите еден интересен колач со кајсии со кој пријатно ќе ги изненадите домашните или вашите гости. Рецептот го најдовме на блогот My best german recipes и решивме да го пробаме за промена. Да видиме како Германците ги користат кајсиите!
Потребни состојки:
· 100 гр. кајсии
· 250 гр. путер на собна температура
· 250 гр. шеќер
· 1 ванилин шеќер
· Малку сол
· 5 јајца
· Малку рум
· 500 гр. брашно
· 1 прашок за пециво
· 3 лажици млеко
За глазурата:
· 3 жолчки
· 60 гр. шеќер
· Еден пудинг од ванила
· Шолја кисела павлака
· 200 гр. лешници исечкани или погрубо измелени
· Малку рум
Најпрво измијте ги касиите, исчистете ги од семките и исечете ги на кришки.
Измешајте го путерот со шеќерот, ванилиниот шеќер и солта и матете со миксер додека смесата не се запени. Потоа во смесата постепено додавајте ги јајцата едно по едно постојано мешајќи, па додајте и неколку капки рум.
Во посебен соодветен сад измешајте го брашното и прашокот за пециво па додадете го во смесата со путер и јајца и убаво измешајте да добиете рамномерно тесто. Тестото треба да биде малку течно, па ако ви излезе премногу густо, слободно додадете во него неколку лажици млеко.
Земете една правоаголна тава, намачкајте ја со малку масло, посипете малку брашно и протресете го за да не ви се залепи тестото. Потоа сипете го тестото и израмнете го, па врз него наредете ги кајсиите. Преку кајсиите сипете ја глазурата која претходно сте ја направиле на тој начин што убаво сте ги измешале сите наведени состојки.
Вака подготвениот колач се пече околу 45 минути во претходно загреана рерна на 175 C.