На кафе муабет со моделот Ивана Гелева: Не посетувам салони за убавина, се негувам како и секоја друга девојка
Нејзината деликатна појава е препознатлива за секој што видел барем една ревија на македонски дизајнер или пролистал модно списание.
Ивана Гелева е една од најистакнатите модели кај нас благодарение на нејзината моќ да се трансформира од нежна самовила во секси заводничка за потребите на професионалниот ангажман. Најудобно се чувствува на свеж воздух во природа, јаде многу благо и брза храна и обожава винтиџ модни парчиња и големи ташни. Дознајте повеќе детали за прекрасната Ивана од опуштеното интервју за Штипка како дел од серијалот за доближување на македонската мода до пошироката публика.
Која е твојата матична агенција и колку си задоволна од третманот на ангажманите за Моден викенд Скопје?
ИВАНА ГЕЛЕВА:
Матична агенција ми е „Подиум“, уште од нејзиното формирање. Подиум е носечка агенција на FWSK па со самото тоа сум присуствувала на сите кастинзи до сега. Многу сум задоволна од самата организација на Модниот викенд и од третманот кој го добиваме сите модели кои работиме на ревиите, а посебно го ценам професионалниот однос кој го имаат луѓето од целата организациска екипа кон мене.
… »
Се разбира дека е многу важно да се појавиш на ревија на FWSK, особено на повеќе од нив, на тој начин ке бидеш забележан, а самото тоа повлекува и други ангажмани во иднина.
Твојот професионален живот е целосно поврзан со модата. Што правиш во слободно време?
ИВАНА ГЕЛЕВА:
Во моментов работам во Ателје Арабеска, а студиите по моден дизајн ги завршив пред две години. Слободно време имам многу малку, а тоа што го имам го користам за одмор и колку што можам повеќе за прошетки во природа.
Со кои наши дизајнери најмногу сакаш да соработуваш и кои од нив даваат јасна визија за тоа како очекуваат да ја износиш нивната креација?
ИВАНА ГЕЛЕВА:
Не би можела да издвојам некој дизајнер посебно, бидејќи сум долго време на модните писти се трудам максимално професионално да си ја завршам обврската. Се пронаоѓам во креациите на многумина наши дизајнери, во некои повеќе, а во некои помалку, но генерално сите ми се драги, а многу од дизајнерите се разбира се и мои лични пријатели. Секој дизајнер си е приказна за себе и со самото тоа имаат различна визија и барања од нас моделите за тоа како сакаат да биде презентирана креацијата. Наше е да излеземе на писта и да го потврдиме тоа, а за нашата успешност говори публиката и се разбира задоволството на дизајнерот.
Која е тајната за твојот беспрекорен изглед?
ИВАНА ГЕЛЕВА:
Никогаш не сум имала проблем со колограмите иако можам да кажам дека не се лишувам од ниедна храна што ми е вкусна. Јадам доста благо па дури и брза храна особено откако почнав да работам. Единствено ручекот дома, подготвен од мајка ми, го сврстувам во здрава исхрана. Имам брз метаболизам и се трудам да добијам и некој килограм повеќе.
… »
Немам посебен режим за нега на телото, не посетувам салони за убавина, се негувам исто како и секоја друга девојка на мои години. Имам проблематична кожа, па затоа се трудам што повеќе да бидам на чист воздух, на прошетка во природа.
Воодушевуваш со својот личен стил и кога не си на модната писта. Во кои парчиња се чувствуваш најудобно, кој е твојот препознатлив моден детаљ и чии дизајнерски парчиња би ги носела приватно?
ИВАНА ГЕЛЕВА:
Во мојот плакар имам парчиња што се мој личен препознатлив стил. Не се раководам многу од трендовите, повеќе преферирам винтиџ парчиња, а единствено мерило во изборот на гардеробата е мене лично да ми се допаѓа. Имам креации од некои наши дизајнери, некои парчиња кои многу ми се допаднале и во кои сум се пронашла.
… »
А инаку би можела да носам било која креација од Никола Ефтимов, се пронаоѓам и во повеќето парчиња на Кате Hard to Explain и по некое парче од многу други дизајнери. Од модни додатоци скоро секогаш носам марама, ги обожавам чантите, особено поголемите во кои ми ги собира сите стварчиња што ги носам со себе.
lookbook » |
Александра Спасеска