Штипка е во мисија да ја доближи македонската модна сцена до публиката. Преку опуштени разговори со дизајнери, стилисти, модели и фотографи ќе ѕирнеме во модниот свет зад сцената.
Бекстејџ на ревија, 2012 година
Почнавме со интервјуто со дизајнерката Ирина Тошева, а продолжуваме со манекенката Маја Ристевска од агенцијата Мак Моделс, прогласена за најдобра манекенка на последниот Моден викенд. Прекрасна на модната писта и уште попривлечна кога искрено и опуштено зборува за менекенскиот живот и неодењето во теретана, Маја ги сподели нејзините модни искуства и животни желби.
Кога ќе се спомне Модниот викенд Скопје и најпознатата манекенка на овој најголем моден настан кај нас, асоцијацијата несомнено е – Маја Ристевска. Колку ти значат ваквите признанија од медиумите и дали реално влијаат врз твоите натамошни ангажмани?
Backstage FWSK – есен/зима 2013-14 во креација на Ирина Тошева
Маја Ристевска:
Колку што ми годат и позитивно ми влијаат признанијата од медиумите и воопшто од околината, позитивните па и негативните критики, толку и ме испирираат и ме потикнуваат на сè понапорна и иновативна работа во секој нов ангажман. А кога луѓето, клиентите се сè позадоволни од мојата работа, тие стекнуваат сè поголема доверба во мене, па така соработката продолжува и трае, а со тоа се добива шанса и кај оние коишто допрва те запознаваат.
Редовно ги красиш пистите на ревиите на македонските дизајнери и неретко си заслужна за дополнителното внимание што го добива некоја креација, токму поради начинот на кој ја доловуваш. Со кои наши дизајнери најмногу сакаш да соработуваш и кои од нив даваат јасна визија за тоа како очекуваат да ја износиш нивната креација?
Бекстејџ со колешките и дизајнерот Бобан Илиевски
Маја Ристевска:
Никогаш не би можела и не гледам зошто би издвоила листа на дизајнери со коишто најмногу би сакала да соработувам. Факт е дека станува збор за вкусови (а ги има најразлични), но ако не би се пронашла во некој дизајнерски стил во приватниот живот тоа не значи дека не треба на писта да го износам така како што дизајнерот замислил. Па затоа селекцијата може да се случи тогаш кога еден дизајнер нема да го испочитува и вреднува мојот труд.
Која е твојата професија од соништата?
Фотосесија за списанието UNIQUE
Маја Ристевска:
Сè што не е статично, здодевно и напнато, а е креативно, мене ме исполнува и ме инспирира. Па дури тоа и да е некоја просечна професија. Само би сакала кога ќе станам наутро да бидам среќна што го правам тоа. А манекенството секогаш ќе биде моја прва љубов и ќе ми остане како хоби сè додека можам.
Која е тајната за твојот беспрекорен изглед? Вежби, исхрана, нега…?
Во креација на Роберт Ивановски FWSK ss 2013
Во креација на Антонија Ристовска
Во креација на VIBRAZZIONI by Aleksandra Mitkovska
Маја Ристевска:
Генетиката, брзиот метаболизам и единствено навиката да внесувам големо количество на вода. За диета за слабеење не знам и не сакам да знам, дури сум со желба да ставам некој килограм плус. А и со желба да почнам барем со трчање кога веќе одењето во теретана ми е реткост. Инаку на моето лично мени би имало тестенини, многу пилешко, нешто од мексиканската кујна, помфрит и благо. Колку што можам поредовно чистење на шминката и користење на што е можно похидратантни креми кога станува збор за лицето и добар шампон и регенератор вообичаен за негување на косата. Навистина се трудам да обрнам внимание на целиот изглед, но особено на лицето и косата коишто најмногу ми трпат промени во текот на работата.
Твојот личен стил надвор од пистата е подеднакво впечатлив и важиш за млада жена со зрело изграден стил. Во кои парчиња се чувствуваш најудобно и кој е твојот препознатлив моден детаљ?
Во креација на Никола Петровски – FWSK ss 2013
Во креација на Тања Кокев – пролет 2012
Маја Ристевска:
Првата помисла кога станува збор за најудобно би рекла во сопствената кожа, потоа во тренерките на брат ми, сина маичка со жирафа и омилените кратки необични пижами за во лето. Всушност се што е во мојот плакар е едноставно, а го комбинирам необично. Не се водам по тоа дека се што е во моментот најмодерно и во тренд морам да го имам и да го носам. Сакам лежерни варијанти. Најразлични долги џемпери, фармерки и кошула како добитна комбинација, не превисоки потпетици, некој комбинезон, фустан по потреба и желба, едноставен или драматичен, но не премногу краток или нападен.
Александра Спасеска