Филмот на Дарко Митревски „Трето Полувреме“, кој вчера ја имаше својата премиера на филмскиот фестивал во Битола, Браќа Манаки, беше бурно поздравен, со стоечки овации и солзи на лицата на голем дел присутни…
Приказната која го инспирирала Митревски да го напише сценариото е од животната приказна на македонската Еврејка Нета Коен, која е една од ретките припадници на еврејската заедница во Македонија, која успеала да се спаси од депортацијата на евреите во Втората светска војна. Таа побегнала со фудбалерот на тогашниот фудбалски клуб ФК Македонија.
Еве како на кратко Дарко Митревски ја раскажува приказната за тоа како дошол до идејата за правењето на овој филм:
„Поминаа 12 години откако сосема случајно работејќи на една документарна серија влегов во домот на Нета Коен. Таму слушнав приказна на која и денес кога ќе се сетам не можам да останам емотивно рамнодушен. Таа ми ја раскажа животната трагедија, но и нејзната најголема победа. Како низ нејзината забранета љубов продолжила лозата на нејзините предци кои биле изгорени во гасните логори во Треблинка. Ми рече, ’види што сум изродила. Види заради мојот грев колку животи сум дала.‘
Кога излегов од таму знаев дека во рацете имам нешто многу повеќе од документарен филм. Знаев дека ја имам последната сцена од мојот нареден игран филм “
Оваа вистинска приказна за тешкиот живот, страдање и забранета љубов ретко кого остави рамнодушен во салата за проекции во домот на култура во Битола. Меѓу оние ’најпотресените‘ беше министерката за култура, Елизабета Канчевска Милевска, која со воодушевување говореше за филмот и му посака многу успех и гледачи насекаде низ светот.
Инаку, поради големиот интерес за филмов, веднаш после премиерата, се случи и репризна проекција!
{youtube}UJbt4oIBP7E{/youtube}