Како до појака и погуста коса?
Здравата и убава коса е незаменлив, ако не и најважен елемент на нашиот изглед.
Убавата коса и фризура прават да се чувствуваме среќно и убаво и исполнети со самодоверба. Опаѓањето на косата е проблем со кој се соочуваат и мажите и жените. Се смета дека до опаѓање на косата доаѓа поради недостаток на одредени минерали и витамини во организмот. Најчесто косата драстично опаѓа во пролет или во есен. Големите промени во организмот како на пример породување, голем стрес или болест или нагло слабеење можат да придонесат за зголемено опаѓање на косата, како и примената на одредени лекови. Кога ќе забележите зголемено опаѓање на косата не очајувајте туку преземете соодветни мерки да го намалите опаѓањето и да го подобрите квалитетот на вашата коса. За да имаме јака и здрава коса треба да поведеме сметка за неколку работи: начинот на исхрана и доволниот внес на потребни хранливи материи, избегнување на стрес и правилна нега на косата со соодветни препарати (пожелно на природна база). Потребна е стрпливост и упорност и резултатите ќе бидат видливи за 2 – 3 месеци.
ОБРНЕТЕ ВНИМАНИЕ НА ИСХРАНАТА
За здрава и убава коса потребно е во организмот да се внесуваат доволно количини на витамините А, Б и Ц како и минералите железо, цинк, селен и силициум. Исто така е важно да внесувате доволна количина на калциум, хром, јод магнезиум и манган, првенствено преку исхраната или преку некои препарати на природна основа како алги, пивски квасец и сл. Во аптеките можете да најдете и специјални комбинации на витамини и минерали за коса и нокти. Најважно е да се погрижите во вашата исхрана да бидат застапени рибата, зеленчукот, свежото и сувото овошје, оревите и интегралниот леб и да одбегнувате мрсна, солена и премногу зачинета хранa.
ИЗБЕРЕТЕ ГО ВИСТИНСКИОТ ШАМПОН
Доколку имате сува коса определете за шампон кој содржи витамини, масти и растителни додатоци. За мрсната коса се потребни појаки шампони за нормализирање на метаболизмот на мастите. За комбинирана коса шампоните треба да содржат супстанции за отстранување на маснотијата и за хидратација на кожата. Доколку имате бојадисана коса треба да барате шампон кој ќе ја нахрани косата и да избегнувате шампони 2 во 1, шампон + регенератор. Погрижете се да користите шампони од проверени и докажани производители бидејќи шампоните можат да содржат разни штетни хемикалии кои ќе направат повеќе штета отколку корист за вашата коса. Доколку ви дозволува буџетот определете се за природни и органски шампони кои се малку поскапи, но ќе ве заштитат од изложување на штетни материи. Една сигурна варијанта да ја одморите косата од употребата на разни препарати е одредено време да ја миете само со шампон за бебиња.
МАСИРАЈТЕ ЈА КОЖАТА НА ГЛАВАТА
Една од причините за опаѓање на косата може да биде и слабата циркулација на крвта во кожата на главата. Затоа масирајте ја главата со енергични кружни движења по неколку минути секој ден. На пазарот постојат и специјални масажери за глава кои можат да ви бидат од корист.
ИЗБЕГНУВАЈТЕ ПРЕЧЕСТО МИЕЊЕ НА КОСАТА
Косата треба да се мие колку што е потребно да се одржува чиста. Пречестото миење на косата може да доведе до нејзино опаѓање доколку се користат јаки шампони. Силното триење на кожата на главата, во комбинација со топлата вода, ја поттикнува работата на лојните жлезди и со тоа косата побрзо се мрси. Пробајте да ја миете косата 2-3 пати неделно. На крајот измијте ја со чај од коприва, рузмарин, камилица и лаванда за поттикнување на растот на косата. Мократа коса не ја држете завиткана во крпа долго време и не ја чешлајте.
ПОСЛУЖЕТЕ СЕ СО ПРИРОДНИ СРЕДСТВА
КОПРИВА
Сварете чај од коприва и оставете го триесетина минути да се олади. Потоа прецедете го, втријте го во косата и завиткајте ја со кеса или тенка капа за да можат подолго да се задржат состојките и кожата и косата убаво да го впијат. Чајот може да се користи секоја вечер. Или пак, прелијте половина килограм листови од коприва со врела вода и оставете ги да отстојат триесетина минути. Прецедете го чајот и додадете една чаша рицинусово масло. Со оваа мешавина масирајте ја косата три пати на ден или давесетина пати во текот на неделата. Резултатите треба да бидат видливи по неколку недели – косата ќе биде појака и опаѓањето значително ќе се намали.
КАНА
Каната се смета за една од најефикасните билки за поттикнување на растот на косата. Се меша со вода за да се добие паста која се нанесува на косата и се остава да отстои околу еден час или како што пишува во упатството, во зависност од тоа каква кана ќе набавите. Оваа делотворна билка најчесто дава црвеникави нијанси на косата па најзгодна е за употреба на црвена коса. Во парфимериите можат да се најдат и кани за светла и за црна коса.
МАСКА ЗА КОСА
Маските го хранат коренот на косата. Се нанесуваат на сува коса и се оставаат да делуваат од половина час до еден час, во зависност од состојките. Топлината го зајакнува делувањето на маската па се препорачува косата да се завитка во крпа или да се стави капа. Една од најпознатите маски е маската со маслиново масло, 1 јајце и лажица мед (може да се додаде и лимон или малку регенератор за коса). Се нанесува на косата и се остава да делува барем еден час. Можете да ја пробате и маската со банана: изгмечете пола банана, една лажица сок од лимон и една лажица млеко. Нанесете ја смесата на косата и оставете да отстои дваесетина минути. Маска за згуснување и зајакнување на косата: измешајте половина чаша јогурт, едно јајце и една мала лажичка какао и втријте ја смесата во косата. Кога ќе се исуши, повторете ја постапката. Повторувајте се додека не ја потрошите целата смеса. Оставете да делува 20-30 минути и измијте со чај од коприва. Ставајте ја маската 2-3 пати неделно во тек на три месеци, потоа направете пауза, па повторете ја постапката.
МАСЛА ЗА КОСА
На краевите на измиената коса нанесете чичково масло, ако имате светла коса, или ореово ако косата ви е потемна и не ги измивајте. Одлична замена за (скапите) силиконски капки. Само, внимавајте да не нанесете премногу бидејќи косата ќе ви се измрси и залепи. Маслата ќе ги освежат (сувите) краеви, а на подолг рок и целосно ќе ги ревитализираат. Намачкајте ја косата со бадемово масло и оставете го да отстои што е можно подолго, неколку пати во неделата. Бадемовото масло ќе го запре опаѓањето на косата и ќе ја обнови оштетената коса.